Промени. Ќе има или не?

Резултатите ќе бидат веднаш видливи. Граѓаните ќе мораат само будно да ги пратат новите ликови кои сакаат да ги водат на локално или државно ниво.

Многу аналитичари, новинари, професори, да речеме и политичари (последниве се најмалку битни), деновиве прават анализи на „демократскиот капацитет“ на Европската Унија. Знаете, проблемот со ветото на Бугарија, ветото на буџетот за 2021 година од страна на Полска и Унгарија, договорот со Голема Британија и други помалку важни работи. Заедничко за сите гореспоменати е дека се фрапирани од нискиот „демократски капацитет“ на Европа  односно отсуство на почитување на нивните најважни закони и нормативи за заштита на идентитетските, јазичните , културните и историските вредности на човештвото. Сите се прашуваат, како е возможно во „колевката на демократијата“ да се случуваат овие недемократски процеси и изливи на нецивилизациско однесување. Одговорот на оваа прашање е едноставен. Политичари.

За жал,  глорификацијата која се прави на демократските достигнувања на европските држави, посебно на Европската Унија, се базираат на чиста пропаганда и ПР стратегија која има единствена цел задржување на политичката моќ на тесни кругови на поединци, кои владеат со народите. Состојбата е  горе долу иста во сите држави по принципот „copy-paste“.  Секаде важи истиот двигател - „money first“.  Во пракса тоа значи огромен бирократски апарат со царски привилегии, законска регулатива која не ја разбираат 90% од граѓаните, изборни лавиринти низ кои можат да помината само „одбрани“ партиски послушници,  1% од луѓето располагаат со 99% од капиталот, менаџерите заработуват за 1 минута повеќе пари отколку нормален граѓанин за цел живот и секаде без исклучок квази посредна демократија. Демократското право граѓаните директно да одлучуваат за сите прашања сврзани со нивниот живот има само во неколку европски држави и толку.

Сега, кога сите полека се будат од сонот наречен демократија, правда, законитост, се поставува прашањето дали се можни промени и ако се можни, на кој начин тие треба да се направат.

Историски гледано сите промени во светот се случувале кога ќе се створи критична маса на граѓани кои ги спроведуваат промените. Некогаш тие се еволутивни, некогаш револуционерни. Промените кои сега претстојат ќе бидат комбинација од двата модела или со други зборови кажано, благореволуционерни.

Македонија не е исклучок. Не само што не е исклучок, туку овие состојби се на ниво на зовривање. Факти. Десетици тајкуни располагаат со 99% од капиталот во државата. Така наречени „менаџери“ зимаат годишни плати од милиони евра, за кои обичниот граѓанин треба да работи 200 години. Не постои слободен пазар и економија. Не постои компанија која прави профит, освен ако нема бизниси со државата или е со монополска позиција во државата. Состојбата со ковид-19 најдраматично покажа дека ако имате пари може да добиете врвна болничка нега, ако немате, Господ нека ви е на помош. Најголемите компании не загадуваат секој ден. Државата безобѕирно ги сече шумите. Одбрани компании на „бате и тате“ ги уништуваат водите. Се отвораат нови рудници каде бесплатно  (за 2% од ископаната руда) им се дозволува на приватни компании да вршат тотална девастација на земјиштето, водата и воздухот. И се така до недоглед.

Оваа состојба неминовно ќе предизвика бунтување на народот. Бунтот нема да биде против СДСМ или ВМРО. Бунтот ќе биде против сите добро етаблирани политичари кои со децении го окупираа суверенитетот на граѓаните со единствена цел, богатење на нивните наредбодавачи (читај десетици тајкуни) и на нив самите.

Некој ќе каже, не ја бива оваа работа во Македонија. Знаете за приказните со кои ве трујат секој ден: „македонче“, „кубурата ја чува за не дај боже“, „не заслужуваме држава“, „неписмени“...

Но, сега работата ќе ја биде. Во Македонија има повеќе од потребната критична маса за промени. Земјоделците ќе се бунтуваат. Ќе се бунтуваат бидејќи од својата работа не можат да преживеат.

Сточарите ќе се бунтуваат. Откупната цена на млекото не е сменета 27 години.

Туристичките газди и работници ќе се бунтуваат. Цела една гранка е во колапс.

Градежните фирми ќе се бунтуваат. Едвај врзуваат крај со крај, освен оние кои работат по проверените шеми градоначалник-топ локација-урбанистички план-станови.

Занаетчиите ќе се бунтуваат. Комплетно заборавени на маргините на општеството.

Работниците во тешката и лесната индустрија ќе се бунтуваат. Со плата од 300 евра не можат да се прехранат и да си ги подмират обврските.

Ќе се бунтуваат здравствените работници. Триесет години лажење за нови услови за работа и подобри плати.

Ќе се бунтуваат учителите и професорите. Тотална ерозија на образовниот систем. Бескрајни експерименти со кои се уништија генерации и генерации на млади луѓе.

Ќе се бунат граѓаните против банките, струјаџиите, другите монополи и извршителите. Блокирани сметки. Исклучена струја. Одземена покуќнина, домови.

Ќе се бунат граѓаните против судската, државната и локалната власт за малтретирање, омаловажување и уценување (некои тоа го викаат корупција) на секое ниво и за секоја работа.

Ќе се бунат граѓаните против цементари, железари, рудници, каменоломи, мали хидроелектрани кои секојдневно ги трујат и го уништуваат нивното здравје и живот...

Оваа бунтување ќе доведе до состојба во која политичарите не ќе може да ја контролираат  со нивниот административен апарат и со проверените методи: полиција, заплашување, уцени. Единствен начин за контрола на таквата состојба ќе биде да ги прифатат барањата на граѓаните кои ќе бидат сублимирани во:  

- нов изборен модел на директна демократија,

- економска лустрација на сите тајкуни, политичари, судии и обвинители,

- максимална децентрализација на власта на локално ниво,

- државна администрација од 1.000 вработени на сите нивоа (образование, здравство, безбедност не се во оваа бројка),

- преполовен буџет и стоп на задолжувањето...

Така ќе почнат промените. Резултатите ќе бидат веднаш видливи. Граѓаните ќе мораат само будно да ги пратат новите ликови кои сакаат да ги водат на локално или државно ниво. Најважно е пред да ги изгласаат добро да проверат кај учеле, какви ученици биле, колку пријатели имаат и дали нешто во животот имаат изработено или создадено. Јас сум убеден дека со овие промени, Македонија ќе го даде најдоброто што го има, а го има многу.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе