Фијаско на векот

Прогресивниот раст на бројот на починати: реално сценарио или лоша научна фантастика?

Коронавирусната болест ковид-19 е наречена пандемија на векот. Но таа може да биде и фијаско на векот.

Во време кога на сите им се потребни повеќе информации, од лекарите и владите, до луѓето во карантин или едноставно социјално дистанцираните, ни недостигаат сигурни докази за тоа колку луѓе се заразени со САРС-КоВ-2 или кој сè продолжува да се заразува. Потребни се подобри информации за да се донесуваат одлуки и активности од монументално значење и да се следи нивното влијание.

Во многу земји се донесени драконски контрамерки. Ако пандемијата ја снема (или сама од себе, или поради овие мерки), краткорочната радикална социјална изолираност и карантин може да бидат подносливи. Но колку долго треба да продолжат ваквите мерки ако пандемијата со несмален интензитет си ровари низ целиот свет? Како можат политичарите да кажат дали повеќе прават добро отколку штета?

За вакцини или за достапни лекови се потребни многу месеци (па дури и години) за да се развијат и да се тестираат правилно. Со оглед на ваквите временски рамки, последиците од долгорочниот карантин се целосно непознати.

Податоците собрани досега за тоа колку луѓе се заразени и како се развива епидемијата се крајно несигурни. Со оглед на штурото тестирање до денес, одреден број умирања и веројатно огромно мнозинство заразувања со САРС-КоВ-2 се пропуштени. Не знаеме дали пропуштаме да ги ловиме заразените со фактор од три или од 300. Три месеци откако се појави епидемијата, повеќето земји, вклучително и САД, немаат можност да тестираат голем број луѓе и ниту една земја нема сигурни податоци за распространетоста на вирусот кај репрезентативен случаен примерок од општото население.

Ова фијаско со доказите создава огромна несигурност во врска со ризикот од умирање од ковид-19. Пријавените стапки на смртност кај заразените, како што е официјалната стапка од 3,4% од Светската здравствена организација, предизвикуваат ужас - и се бесмислени. Пациентите што биле тестирани за САРС-КоВ-2 се несразмерно само оние со сериозни симптоми и лоши исходи. Бидејќи повеќето здравствени системи имаат ограничен капацитет за тестирање, необјективната селекција може дури и да се влоши во блиска иднина.

Една од ретките ситуации кога беше тестирана цела една затворена популација беше крстосувачот „Дијамантска принцеза“ и неговите изолирани патници. Стапката на смртност беше 1,0%, но тоа беше претежно постара популација, кај која стапката на смртност од ковид-19 е многу поголема.

Ако стапката на смртност од „Дијамантска принцеза“ се проектира врз старосната структура на американското население, стапката на смртност кај луѓето заразени со ковид-19 би изнесувала 0,125%. Но бидејќи оваа процена се засновува на исклучително штури податоци - кај 700 заразени патници и членови на екипажот имаше само седум смртни случаи - вистинската стапка на смртност може да се протега од пет пати пониска (0,025%) до пет пати поголема (0,625%). Исто така, можно е некои од патниците што биле заразени да починале подоцна, а генерално туристите може да имаат различни фреквенции на хронични заболувања (што е фактор на ризик за полоши исходи од САРС-КоВ-2) од општата популација. Ако се додадат овие дополнителни извори на неизвесност, разумните процени за односот на смртноста кај општата популација на САД варираат од 0,05% до 1%.

Тој огромен опсег значително влијае на тоа колку е тешка пандемијата и што треба да се направи. Стапката на смртност кај заразените на ниво на население од 0,05% е пониска од сезонскиот грип. Ако тоа е вистинската стапка, ставањето на светот во карантин со потенцијално огромни социјални и финансиски последици може да биде тотално неразумно. Тоа ви е како домашна мачка да нападне слон. Фрустриран и обидувајќи се да ја избегне мачката, слонот случајно скокнува од карпа и умира.

Можно ли е стапката на смртност кај заразените од ковид-19 да биде толку ниска? Не, велат некои, укажувајќи на високата стапка кај постарите луѓе. Сепак, дури и некои таканаречени благи коронавируси или коронавирусите од типот на настинка, кои се познати со децении, може да имаат стапка на смртност од дури 8% кога инфицираат стари лица во старечки домови. Всушност, ваквите „благи“ коронавируси секоја година инфицираат десетици милиони луѓе и секоја зима се одговорни за 3% до 11% од хоспитализираните во САД со послаби респираторни инфекции.

Овие „благи“ коронавируси може да се одговорни за неколку илјади смртни случаи секоја година во светот, иако огромното мнозинство од нив не се документирани со прецизно тестирање. Наместо тоа, тие се губат како неважни во 60-те милиони смртни случаи од разни причини секоја година. Иако веќе долго време постојат успешни системи за следење на грипот, во лабораторија болеста е потврдена во многу мал број случаи. Во САД, на пример, досега оваа сезона се тестирани 1.073.976 примероци, а 222.552 (20,7%) се тестирани позитивно за грип. Во истиот период, проценетиот број на заболувања слични на грип е помеѓу 36.000.000 и 51.000.000, со приближно 22.000 до 55.000 смртни случаи од грип.

Забележете ја неизвесноста во врска со умирањата од болести слични на грипот: зголемување за два и пол пати, што одговара на десетици илјади смртни случаи. Секоја година, некои од овие смртни случаи се должат на грип, а некои на други вируси, како коронавирусите што предизвикуваат обична настинка.

Во една серија обдукции во кои се тестирале респираторни вируси кај примероци од 57 постари лица што починале во сезоната на грип од 2016 до 2017 година, вируси на грип биле откриени кај 18% од примероците, додека некој вид респираторен вирус бил пронајден кај 47%. Кај некои луѓе што умираат од вирусни респираторни патогени, при обдукцијата се наоѓаат повеќе од еден вирус, а има и еден куп бактерии. Позитивниот тест за коронавирус не значи дека овој вирус секогаш е главниот виновник за смртта на пациентот.

Ако претпоставиме дека стапката на смртност кај лицата заразени од САРС-КоВ-2 е 0,3% кај општата популација (претпоставка за просекот според мојата анализа за „Дијамантска принцеза“) и дека 1% од американското население ќе се зарази (околу 3,3 милиони луѓе), тоа би значело околу 10.000 смртни случаи. Ова звучи како огромен број, но е ситно во споредба со процената на смртните случаи од „болестите слични на грип“. Ако не знаевме дека има некој нов вирус и ако не тестиравме поединци, бројот на починатите од „заболување слично на грип“ годинава немаше да изгледа невообичаено. Во најдобар случај можеби случајно ќе забележевме дека грипот оваа сезона се чини дека е нешто полош од просекот. Медиумското известување за тоа ќе беше помало отколку за НБА-натпревар помеѓу двете најневажни екипи.

Некои се загрижени дека 68-те смртни случаи од ковид-19 во САД заклучно со 16 март ќе се зголемат експоненцијално на 680, 6.800, 68.000, 680.000…, заедно со слични катастрофални модели низ целиот свет. Дали е тоа реално сценарио или лоша научна фантастика? Како можеме да кажеме во кој момент таквата крива би можела да запре?

Највредните информации за одговарање на овие прашања е да се знае сегашната распространетост на инфекцијата кај случаен примерок од населението и таа вежба да се повторува во редовни временски интервали за да се процени стапката на новите инфекции. За жал, тоа се информации што ги немаме.

Во отсуство на податоци, резонот „подготви-се-за-најлошото“ доведува до екстремни мерки на социјално дистанцирање и карантин. За жал, ние не ни знаеме дали овие мерки функционираат. На пример, затворањето на училиштата може да ги намали стапките на пренос. Но тоа може да се врати како бумеранг ако децата продолжат да се собираат, ако поради затворањето на училиштето децата поминуваат повеќе време со поранливите постари членови на семејството, ако децата дома им пречат на своите родители да работат и многу повеќе. Затворањето на училиштата, исто така, може да ги намали шансите за развој на „имунитет на толпа“ кај една возрасна група што е поштедена од сериозно заболување.

Ова беше перспективата зад поинаквиот став на Обединетото Кралство да ги држи училиштата отворени, барем додека го пишувам ова. Во отсуство на податоци за вистинскиот тек на епидемијата, не знаеме дали оваа перспектива е брилијантна или катастрофална.

Израмнувањето на кривата за да се избегне пренатрупување на здравствениот систем е концептуално здраво - теоретски. Визуелниот приказ што стана вирален во медиумите и на социјалните мрежи покажува како израмнувањето на кривата го намалува обемот на епидемијата што е над прагот на она што здравствениот систем може да го поднесе во даден момент.

Сепак, ако здравствениот систем и биде пренатрупан, повеќето дополнителни умирања не се резултат на коронавирусот, туку на други вообичаени болести и состојби, како што се срцев удар, мозочни удари, траума, крвавење и слично, кои не се соодветно третирани. Ако нивото на епидемијата не го пренатрупа здравствениот систем и екстремните мерки имаат само скромна ефикасност, тогаш израмнувањето на кривата може и да ги влоши работите: наместо да биде пренатрупан за време на кратка, акутна фаза, здравствениот систем ќе остане задушен на подолг период. Ова е уште една причина зошто ни требаат податоци за точното ниво на активност во епидемијата.

Еден од крајните заклучоци е дека не знаеме колку долго може да се одржат мерките за изолација и карантин без поголеми последици врз економијата, општеството и менталното здравје. Може да настанат непредвидливи еволуции, вклучувајќи финансиска криза, немири, граѓански судири, војна и топење на општественото ткиво. За да можеме да донесуваме одлуки, потребни ни се објективни податоци барем за распространетоста и за стапката на инфективниот товар што е во развој.

Во најпесимистичкото сценарио, во кое јас не верувам, ако новиот коронавирус инфицира 60% од глобалното население и 1% од заразените луѓе умрат, тоа значи уште 40 милиони смртни случаи на глобално ниво, што одговара на пандемијата на грип од 1918 година.

Огромно мнозинство од овие жртви би биле луѓе чиј животен век е при крај. За разлика од 1918 година, кога умреа многу млади луѓе.

Само може да се надеваме дека, како и во 1918 година, животот ќе продолжи. Спротивно на тоа, со карантинот што трае со месеци, ако не и со години, животот во голема мера запира, краткорочните и долгорочните последици се целосно непознати, а милијарди, не само милиони, животи може да бидат доведени во прашање.

Ако решиме да скокнеме од карпа, ни требаат некакви податоци за да го откриеме образложението за таквата постапка и за шансите дека ќе паднеме на нешто меко.

Џон П.А. Јоанидис е професор по медицина и по епидемиологија и здравје на населението, како и професор по наука за биомедицински податоци на Медицинскиот факултет на Универзитетот Стенфорд, професор по статистика на Факултетот за хуманитарни науки и науки на универзитетот Стенфорд и еден од директорите на Центарот за метаистражувачки иновации во Стенфорд

Објавено

Понеделник, Март 23, 2020 - 19:22

Ама бидејќи капиталисти со ситни души ја владеат земјава јас и ти ќе плаќаме, коментираат бизнисмените.

повеќе

Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор.

повеќе

Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно.

повеќе