Прогонства, делби и преселби

Егејскиот дел на Македонија ја задолжил нашата историја, нашето културно минато, нашата народна револуција – со огромен влог со жртви и подвизи, прилагајќи пред олтарот на татковината драгоцени вредности.

По осамостојувањето на Република Македонија, повторно се соочивме со геноцидните аспирации на нашиот јужен сосед. Негирањето на јазикот, на името и идентитетот на македонскиот народ е постојана тема на грчката официјална политика во долг временски период. Тоа особено ќе дојде до израз по поделбата на Македонија во 1913 година, кога Грција завладеа со 51 отсто од територијата на Македонија, населена со 1.160 477 жители. Со драконски мерки грчката влада протера бројно македонско население. Корените на грчкото негирање на сѐ што е македонско во Егејска Македонија се протегаат во минатите векови. Континуираното и систематско уништување доживува кулминација во 1920 година, со објавувањето на Брошурата на Специјалната комисија за топоними на Грција. Во овој документ се даваат „совети за измена на имињата на општините и на селата“. Процесот за преименување на македонските населени места ќе биде легализиран со посебни законодавни мерки и со специјална Одлука на грчката влада во 1927 година. Така, во континуитет од пет децении (сè до 1970 година) на територијата на Егејска Македонија ќе бидат преименувани 1.666 словенски топоними. Најголемата промена на етничкиот состав ќе се изврши со размена на населението. На отселените 126.000 Македонци, грчката влада ќе досели 618.000 друго инородно население од Бугарија, Турција, Романија, Русија и Азија. За време на Граѓанската војна, грчките монархофашисти ќе извршат голем погром на македонското население, убивајќи илјадници невини луѓе и срамнувајќи со земја многу населени места. Во ужасните години на безумната војна ќе бидат протерани над 300 илјади Македонци, кои ќе најдат засолниште во источните држави и во Југославија. Најтрагична е судбината на 28.000 прогонети деца од сите краишта на Егејска Македонија. Повеќето од нив свое засолниште ќе најдат во прифатните центри во Полска, Романија, Унгарија, Чехословачка, во републиките на Советскиот Сојуз, во Југославија и во други држави од социјалистичкиот блок. Многумина своето образование ќе го стекнат на други јазици, а својата дарба широко ќе ја разгатнат во поезијата, прозата, публицистиката, мемоаристиката, архитектурата, историографијата, сликарството, музиката. И, како што ќе констатира Гане Тодоровски: Егејскиот дел на Македонија е лулката на македонската нација. Таму се родени првенците на македонската преродба, илинденското востание, ВМРО и отпорот против фашизмот: Гоце Делчев (Кукуш), Димо Хаџи Димов (Горно Броди, Серско), Крсте Мисирков (Постол, Ениџе Вардарско), Ѓорѓија Динков (Солун), Ангел Жаров (Сер), Стојан Христов (Кономлади, Костурско), Лазар Поп Трајков (Дамбени). Таму се родени и хероите на Илинден: Чакаларов, Кљашев, Москов, Таската Серски, па хероите против фашизмот: Лазо Трповски, Вангел Караџа, Мирка Гинова и многу други од периодот на Граѓанската војна во Грција (1946–49). Според тоа, Егејскиот дел на Македонија ја задолжил нашата историја, нашето културно минато, нашата народна револуција – со огромен влог со жртви и подвизи, прилагајќи пред олтарот на татковината драгоцени вредности.

Преку богатото културно наследство, преку усното творештво и, особено, преку високите книжевни остварувања на македонските писатели, македонскиот народ ја задржува својата автономност и вековна препознатливост. И покрај сите индивидуални и колективни трагедии, тортури, прогонства, застрашувања, бегства, носење на закони за промена на личните и на фамилијарните имиња и на топонимите, ние, благодарение на литературниот влог на писателите родени во Егејска Македонија, во нашата свест ја имаме целосноста на просторот отсликана уверливо, со чувство на литературна инвенција и богата лексичка изразност.

Во делата на Стојан Христов, Ташко Георгиевски, Петар Ширилов, Иван Чаповски, Паскал Гилевски, Ката Мисиркова, Петре Наковски, Методија Тошевски, Ристо Јачев, Петре Бицевски, Стојан Кочов, Јован Парлапанов, Коле Мангов, Ташко Саров, Кица Барџиева-Колбе и др. во нашата меморија ги имаме прадедовските имиња на градовите, селата, реките, планините и на сите места што се нарекувале со вековните наши имиња. Ги имаме автентичните имиња на: Кономлади Кронцелево, Сетина, Крушодари, Крчишта, Свети Герман, Горничево, Сетома, Чеган, Пожарско, Костур, Jановени, Воден, Родево, Пела, Кукуш, Баница, Лерин, Орово, Дмбени, Бапчор, Калјари, Ранци, Трсје, Жупаништа, Шестеово, Загоричани, Габреш, Черешница, Овчарани, Тиолишта и многу други села населени со етнички Македонци. Творештвото на оваа група писатели е еден вид препознатлив амблем за македонското опстојување и визит-карта за препознавање на географските имиња, на топонимите и личните имиња и презимиња во Егејска Македонија. Тоа директно или индиректно допира до читателите, ги буди чувствата на носталгија, но и на тревога, ја бара смислата за нашето постоење на балканските ветромети. Во нивните книги се поставува прашањето за човековото достоинство и за македонското талкање, измачување, одродување, уништување, а над сѐ, постојано се нагласува чувството за македонскиот непокор низ вековите.

                                                                                                                                         Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе