Проблемот со Бугарија не е епизода, не почна сега, ниту пак сега ќе заврши

Собрание треба да изгради заеднички став (национален, а не идеолошки) за ова прашање и да дефинира што се државните позиции на Република Македонија.

Бугарија е иста со Грција (во контекст Македонија)!

Бугарија се восхитува на Грција (во контекст Македонија)!

Бугарија зема пример од Грција (во контекст Македонија)!

Бугарија и помогна и ќе и помага на Грција (во контекст Македонија)!

Бугарија ја сака Преспа како пример за себе (во контекст Македонија)!

Бугарија е поголем пријател со Грција (во контекст Македонија)!

Да не се лажеме, да не се чудиме и да не паѓаме во безсознание. Пред нас имаме голем проблем, најмалку еднаков со проблемот што го имавме со Грција. Разликата е во тоа што проблемот со Грција на виделина беше за симболи и симболика, а внатрешно за суштината на (не)постоењето на македонската нација, а проблемот со Бугарија е од старт за суштината и (не)постоењето на македонската нација, а симболите и симболиката би биле и се само природна последица.

Целта на проблемот е Бугарија да го постигне истото што и Грција го постигна со член 7 (идентитетскиот член) и да дефинира неколку за неа битни точки по примерот на Преспанскиот договор (другите барања се фолклор, димна завеса и преговарачка позиција), а тоа се:

1. Македонци од оваа страна на границата и Македонци од другата страна на границата е различно. На оваа страна сме Македонци според нашето поимање и себечувство, а на таа се Македонци со вистински бугарски етно-национален корен (тоа го има во договорот од Преспа со дефинирање по други линии на антички хеленски Македонци од таа страна на границата и словенски понови Македонци од оваа страна на границата);

2. Да се дефинира дека под терминот „Македонија", „македонско", „македонски" и слично ние разбираме едно, но прифаќаме дека Бугарија прифаќа и разбира друго, што би било веројатно единствено регионален географски и дијалектички контекст на тие термини во една општа целост Бугарија (регионот Македонија го има истиот статус во целокупноста на Грција, но и во етно-историските и културолошките признанија кои ние ги направивме со прифаќање на Преспанскиот договор);

3. Постои историска временска отсечка каде што Бугарија би прифатила постоење на Македонци, но и тоа по нивната идеја за нас само како сегашна реалност, а не и историска вистина, а таа отсечка ќе е 1944 година па наваму (Грција таа отсечка ја нацрта по линија на теоријата за доаѓање на Словените на Балканот, но ја задржа формулацијата на своето разбирање, а ние ја прифативме, дека терминот Македонец за нас е дозволен само како синоним на Словен);

4. Македонија ќе треба да изјави или прифати на кој било начин што подразбира под терминот „македонски јазик" (по примерот на Преспанскиот договор), а дека тоа е само сегашна реалност која нема свој историски и јазичен корен различен и одвоен од бугарскиот јазик (во случајот со Грција својата цел ја оствари со епитетот словенски, кој па да бидеме искрени во грчкото поимање на историјата на Балканот е синоним со вулгарски).

5. Илинден е македонски (бугарски), АСНОМ е македонски (сегашна нужна реалност). Потсетете се кои беа тезите на грчката општествена и научна елита за неприфаќање на името "Илинденска Македонија" и кои одеа во насока на неговиот корен и географија.

Потребна е јасна државна позиција.

Пред 5 години Грција тврдеше дека Македонија е одговорна за стопирање на евро-атлантските процеси заради нејзиниот однос кон историјата, спомениците, културното наследство на античка Македонија,...

Тогаш СДСМ го поддржа тој став на соседна Грција и настапуваше јавно со истите тези, дека антиквизацијата, спомениците, историографијата, енциклопедијата, песните се главен проблем и дека вината е во владата на ВМРО-ДПМНЕ...

СДСМ ја наруши македонската позиција и државата заврши со договор кој, иако отвори пат кон членство во НАТО, во својата содржина нанесе длабоки рани на етно-историската и демографска патека на развој на македонската нација на Балканот.

Денес, Бугарија го има истото тврдење што Грција го имаше пред 5 години. Тврди дека Македонија крши меѓународен договор и стандарди, тврди дека историјата, спомениците, учебниците, културно-историското наследство од пред и пост-илинденскиот период, фолклорот, јазикот и многу други точки се причина за стопирање на македонската европска патека.

СДСМ сега е во позиција, иако има јасно изразена воља за почеток на преговорите со ЕУ, да е соочена како власт на одговорност да ја прифати логиката на Бугарија (која е многу слична по филозофска смисла и зададена цел со логиката на Грција до пред неколку години) или да постапи спротивно на своите тврдење од времето на бидување опозиција кога велеше дека единствена причина за застојот на македонските евро-атлантски патеки е самата Македонија.

Овој проблем со соседна Бугарија не е една епизода, ниту почна сега, ниту ќе заврши сега. Каква и да е одлуката на ЕУ, макар и најдобрата за нас, овој проблем ќе го имаме најмалку уште на секое отворање и на секое затворање на кое било преговарачко поглавје за наше членство во ЕУ. Од тука, пристапот на државата Македонија не смее да биде епизоден и краткорочен.

За разлика од СДСМ тогаш, треба сега да разбереме дека проблемот на Македонија со Бугарија не е проблем на оваа влада со Бугарија, ниту на оваа влада со тамошната сегашна влада, ниту на Македонија со сегашната влада таму. Проблемот е суштински и темелен.

Затоа македонското Собрание треба да изгради заеднички став (национален, а не идеолошки) за ова прашање и да дефинира што се државните позиции на Република Македонија.

Илија Димовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе