Колумна

Проактивен дар

Споменикот што се наоѓа во центарот на Скопје, споменикот што, всушност, природно му припаѓа на хеленскиот народ, треба да биде исправен среде Атина.

Гледајќи ги сликите од минатонеделниот протест во Атина човек не може да не ги забележи силните страсти и страдања врз лицата на луѓето кои протестираа, на тој насобран народ, нивните стравови, фрустрации, нагони, пориви, гнев, љубов, омраза, сите тие измешани, на едно место, во еден град, слеани во едно име, во еден збор. Без оглед дали се оправдани или не, дали се стварни или измислени, родени или вродени, генетски или обичајни, и без обѕир дали се насочени кон вистинската причина што ги предизвикува овие чувства, за нив тие се вистинити, многу реални.

Да, бездруго тие луѓе страдаат. Тој соседен народ навистина страда. И независно од тоа дали за светот овие случувања се безмалку смешни и апсурдни и без оглед дали бројките за присутноста се минимизираат или аугментираат, секојдневието покажува дека голем дел од Хелените (во знак на почит ги нарекуваме со името што самите го одбрале) ги споделуваат овие, за нив „библиски стравови“. И бидејќи, како што вели Хесиод, πῆμα κακὸς γείτων, ὅσσον τ᾽ ἀγαθὸς μέγ᾽ ὄνειαρ „лошиот сосед е толкава несреќа, колку што е добриот голема благодет“, ние, како нивни први соседи, должни сме први да им притрчаме на помош, да ги ослободиме од тие стравови и фрустрации и да им покажеме дека не сакаме ништо што не ни припаѓа, не сакаме да одземаме, да крадеме ништо од нив, од нивната чест, од нивното достоинство, од нивната татковина, од нивната историја, туку напротив, дека сакаме да бидеме добри соседи, да бидеме големи пријатели, да бидеме големо нешто: μέγα γείτονι γείτων „за соседот соседот е големо нешто.“ (старогрчка поговорка).

Сумирајќи ги пораките напишани на плакатите од овој протест, а, секако, врежани и во срцата на милиони Хелени (воедно занемарувајќи ги, овој пат, пораките што одразуваат исконска омраза кон Словените и сè што е словенско), може безмалку сите да ги сублимираме во неколку реченици: „Македонија е хеленска“, „Македонија е Хелада“, „Александар Велики е Македонец“ и, по силогизам, „Алекдандар Велики е Хелен“ (како што, да речеме, имплицираше еден голем плакат со пораки ‒ „рацете долу од хеленската историја“ и „Александар води потекло од Аргос на Пелопонес“).

Пристапувајќи со целосна и должна почит кон овие чувства (та, и националниот идентитет е чувство, чувство на припаѓање кон одредена група луѓе, т.е. држава или нација, или чувства што поединецот ги споделува со група луѓе, без оглед на неговиот државјански статус) премиерот Зоран Заев веќе направи конкретни чекори во насока на распрснување на хеленските стравови од некаков иредентизам кај северниот сосед, преименувајќи ги аеродромот во Скопје и автопатот, коишто го носеа името на големиот воин на коњ. Но, сепак, сметаме дека, доколку нашата влада сака да води проактивна политика, ова не е доволно, дека може и дека треба да се направи повеќе, дека има простор да им се помогне на соседите да спијат уште помирно, соседите кои сè уште се френетично обземени од егзистенцијални стравови (можеби предизвикани од некое чудно чувство сокриено во историските премрежија на Хелада), да се сопре нивното внатрешно делење и разорувањето на хеленското ткиво, нивните меѓусебни обвинувања и поделби на патриоти и предавници, да им се помогне да излезат од депресијата, очајанието, унинието во кои сега се наоѓаат и да им се врати (како и на многумина во светот) широката и срдечна насмевка на лицата.

Имено, минатонеделниот протест во Атина, за разлика од оној во Тесалоники (повторно од почит кон „победата на Тесалците“), беше помногуброен, помасовен, а според некои дури и повеќемилионски. И, тоа не е случајно: та, се одвиваше во престолнината на Хелените, во срцето на Хелада, во градот кој веќе со години е корифеј на хеленството и оттаму на сите оние коишто ѝ припаѓаат на Хелада или се чувствуваат како Хелени.

Во таа смисла, што може да биде поприродно или пологично, одошто оној околу кого се кршат толку копја, во врска со кого се водат многу спорови, кој е една од главните причини за раздори, кавги и несогласувања (колку и да звучи ова иронично во контекст на неговите космополитски визии за мултикултурен свет), оној когошто Хелените (па, според тоа и тој самиот себеси, без сомнение) со право го сметаат за Хелен, конечно, по 23 векови и по неколку неуспешни обиди (последните десетици години потрошени со наоѓање место за скулптурата на Александар од познатиот хеленски скулптор Јанис Папас) ‒ да биде донесен, да биде положен и втемелен и да биде високо кренат среде атинскиот полис, во срцето на главниот хеленски град? Се разбира, го имаме на ум споменикот што се наоѓа во центарот на Скопје, споменикот што, всушност, природно му припаѓа на хеленскиот народ, на Хелените, споменик кој со оглед на историската поврзаност со хеленството е најмногу предодреден да биде исправен среде Атина. Ова би бил најголемиот подарок од нашиот народ за Хелените, но пред сè подарок од Скопје за Атина, од скопјаните за атињаните, а во суштина за сите Хелени. Убаво би било подарокот да биде доделен лично од градоначалникот на Скопје на градоначалникот на Атина и тој подарок би требало да го одразува крајот на несогласувањата и подозренијата и да претставува почеток на нова ера, почеток на пријателството на Скопје со Атина, пријателство на Македонците од поранешната југословенска Република Македонија и Македонците од Хелада (кои се чувствуваат како Хелени, а според археолошките ископувања така се чувствувале и античките Македонци) со атињаните и Хелените (пријателство за какво што се залагал и Александар во текот на целиот свој живот). А бидејќи овој чин лесно може да поттикне и збратимување меѓу нашите две престолнини, сметаме дека би бил пријателски гест, доколку нашиот градоначалник го организира пренесувањето на споменикот од Скопје во Атина, а граѓаните на Скопје ги платат трошоците за неговото подигнување. Се разбира, локацијата за овој споменик ќе ја определат самите атињани, но ценејќи ја важноста на Александар за Хелените и неговата неотуѓивост од хеленската историја и култура, само сугерираме дека се должни пред историјата да определат за него централно место, во срцето на градот, пред самото собрание, симболот на хеленската демократија. И така, додека неговиот гроб сè уште лежи на непознато место, неговите коски конечно ќе најдат мир дознавајќи дека тој, најголемиот Хелен меѓу Хелените, од градот на атињаните ги озарува лицата на сите Хелени, насекаде низ светот. Ова ќе биде и остварување на неговиот сон ‒ тој, Хелен-Македонец да се најде во срцето на Атина, во градот на атињаните, во средиштето на хеленството и Хелените, а Хелените конечно ќе го приберат кај себе најголемиот, најпрочуениот, најпрославениот Хелен од сите Хелени, Александар Големиот (Ἀλέξανδρος ὁ Μέγας), подарок од соседот (γείτων), големото нешто (μέγα) за соседот (γείτονι).

Претпоставуваме дека злонамерниците, барајќи влакно во јајцето, во ова ќе видат некаков Тројански коњ, а најзлобните дури ќе речат и дека таков историјата нема видено веќе 3.200 години, но тоа се само празни дрдорења и клевети кои многу брзо, како солзи на дожд, ќе се изгубат во вистинољубивите слова на дел од христољубивите, човекољубивите и мирољубиви хеленски пастири и мирјани. Простете драги неистомисленици, но фактите непобитно зборуваат во полза на досега кажаното, така што ова ќе биде само враќање на најголемиот, најславниот Хелен меѓу Хелените, враќање меѓу своите, меѓу Хелените, во земјата што отсекогаш силно ја сакал и ја сметал како своја.

 

                                             Валериј Софрониевски, универзитетски професор

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе