Признавањето држава значи признавање на нејзините атрибути

Прашањето на потпишување договор за добрососедство со Бугарија е вештачко прашање.

Договорот со општа согласност и цврста увереност на сите политички сили во земјата треба да се потпише во усогласената форма.

Поконкретно, потпишувањето и спроведувањето на договорот ќе биде крупен чекор во совладувањето на сите оние прашања и проблеми меѓу двете земји и народи, со векови создавани од историските текови. Истовремено, создава можност за брз напредок на Македонија во интеграциите. Впрочем, тој се заснова на Декларацијата за добрососедство потпишана 18 години порано, што илустрира колку политичките процеси траат долго и колку бараат далекусежна визија.

Затоа немам намера да го трошам времето и просторот овде на историско-идеолошки објаснувања за причини и поводи зошто договорот да не се потпише. Напротив, денешните генерации не живеат оптоварени од историски талози, и свесни сме дека кога историските прашања се толкувани од политичарите – тие создаваат идеолошки јазови засновани на партиско-пропагандистички потреби. На пример, разликите во поимањето на „македонизмот“ кој сам по себе е политичка конструкција, а не плод на историскиот развој на општеството. Токму затоа „македонизмот“ предизвикува различни екстремни толкувања во Скопје, Софија и Атина: во Македонија – како процес на внатрешна поделба на „патриоти“ и „предавници“, во Бугарија – како „процес на крадење (роматична) историја“ и во Грција, како „процес на крадење (хелено)етничка идентификација“.

Затоа, можеби најинтересно од сѐ е за што и од кого се води дебатата. Оние кои градеа политичко-професорска кариера на одржување на единствената оска север-југ, денес станаа благонадежни поддржувачи на рапрошманите за кои не сонувале дека може да се случат, па и им се спротивставувале. Всушност, денес расправата е вака „возбудлива“ затоа што две струи на „удб-ите“ денес се судираат во недостатокот на инструкции за движење по познатите шини – и дома и во дијаспората.

Кон „возбудата“ придонесува и расправата за договорот што се држи под превезот на тајност додека сите се колнат во транспарентност. Практично? Да, таква е праксата, и кај нас и во светот кога се преговараат сложени меѓународни прашања. Легално? Да. Веројатно слабоста е во отсуството на претходна припрема на јавноста за да се разбере нужноста од ваквата процедура. Но, да не се лажеме, на сите им е позната основната суштина на договорот, бидејќи за него преговарале со години. „Ета жизн таваришчи“.

Признавањето држава значи признавање на нејзините атрибути дефинирани со меѓународното право (јазик/јазици, народ/и, територија). Инсистирањето македонскиот идентитет, јазик и народ да биде предмет на признавање и тоа по предлог од наша страна е наша голема слабост и ги слабее позициите на земјата. Слично дејство би имало и инсистирањето на референдум за името. Накратко – идентитетското прашање постои доколку си го нудиме идентитетот на „преговори“ и го вметнуваме како тема.

За таа цел, не смее ни да се помисли да се доведува во прашање веќе усогласен договор (во случајов со Бугарија) било од премиерот, било од министерот за надворешни, и поставувањето во прашање на ратификацијата на договорот во Собранието, било на прес или во интервју.

Ако зборуваме за суштинско добрососедство, со резон на продлабочување на соработката, јас би зборувал и за економија. Цената на македонските производи многу е оптоварена од цената на струјата. Пред десетина години, Либералната партија предлагаше да инвестираме буџетски средства во тогаш стартираната градба на НЦ „Белене“. Денес ја давам истата иницијатива. Ако веќе се задолжуваме, да го правиме тоа за обезбедување енергетска стабилност, но и пониска цена на електричната енергија на долг рок, овозможувајќи низ удел во финансирањето на изградбата на централата да дојдеме до преференцијални цени на струјата, што заедно со либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе ни го поефтини домашното производство. Влогот од 300 до 400 милиони евра би значеле 8 до 10% учество во сопственоста на централата.

Македонското стопанство има големи очекувања од можноста за зголемени количини на гас по нормални цени од Бугарија, што во нашата земја ќе реши два крупни проблеми: поефтинување на енергенсите и спречување на загадувањето. Со овој пристап, ќе се овозможи комплетно користење на капацитетите на ТЕЦ „Неготино“ и „Осломеј“ и РЕК „Битола“.

И да не заборавиме, усогласениот договор ги отвора перспективите и ги подобрува условите за остварување на ваквите предлози и замисли. А отвора и можности ваквиот пристап да се комплетира со договори и со другите соседи. На пример, во однос на коридорот 8 – со Албанија.

Ивон Величковски, претседател на ЛП

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Уништувањето на шумите е една од најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме, после загадениот воздух.

повеќе

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе