Преспанскиот договор три години потоа

Пријателе Коѕијас, не нѐ брани веќе жити сѐ

Самиот Никос Коѕијас не го почитува договорот што го потпиша со Заев и Димитров. Ќе реагира ли македонското МНР на терминологијата во неговата колумна, како што вети дека секогаш ќе реагира кога се крши Договорот од Преспа? Треба. Ама не е за верување.

Фото: Роберт Атанасовски

Вчера на Балканеу прочитавме колумна на Никос Коѕијас, со многу добри поенти: дека бугарскиот шовинизам не чини, дека не е убаво да се фалсификува историјата, дека бугарското фашистичко минато е непобитен факт, дека круговите во Атина што ги поддржуваат бугарските националисти треба да престанат со тоа, дека македонската нација и јазик си постојат и дека тоа е природниот развој против кој не се може со владини декрети…

„И Грција ли сега треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна за вистинска окупација?“, прашува бившиот грчки министер за надворешни работи аргументирано тврдејќи дека официјална Атина треба да застане на македонска страна во спорот со Бугарите и дека нашиот пат кон ЕУ треба да биде чист.

Но.

Критикувајќи ги бугарските пријатели за нивните застарени концепции, сите тие свои мудри мисли потписникот на Преспанскиот договор Коѕијас ги зачинува со сопствени застарени фрази истовремено гордо мавтајќи со Договорот. Додека нашиве потписници брусат шахти и креваат температура од страв и кога некој наш најслучајно ќе пропушти да додаде „Северна“, Коѕијас во оваа очигледно добронамерна колумна најладнокрвно поништува сѐ што потпишал на тој врел 17 јуни 2018.

Во неговата колумна Македонците се „Славомакедонци“. (Член 1 од Преспанскиот договор: „националноста на Втората страна ќе биде Македонци/граѓани на Република Северна Македонија…). Коѕијас ниту еднаш не го спомнува терминот што го потпиша.

Македонскиот јазик е „славомакедонски“, односно „јужнословенски јазик, првично составен од српски, бугарски, турски, влашки и грчки елементи, кој потоа си фатил свој сопствен независен курс“. (Член 1 од Преспанскиот договор:Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде 'македонскиот јазик'). Да не се фаќаме тука за неточноста на неговиот опис на потеклото на нашиот јазик.

Коѕијас вели дека „огромното мнозинство Славомакедонци“, но и СИТЕ Албанци и Власи „со грчка совест“ никогаш не би прифатиле да ги сметаат за Бугари.

(Член 7: термините Македонија и македонски, кога се однесуваат на Втората страна, ги означуваат нејзината територија, јазик, луѓе и нивните особини, со нивната историја, култура и наследство.)

Тврди дека сегашните „псевдомакедонски воини во Атина“ заборавиле дека вистинските македонски воини (мисли на Грците) се бореле главно против Бугарите и дека ја спроведуваат „политиката што нашите македонски борци политички и воено ја отфрлија уште пред 120 години“ (пак мисли на Грците).

Дека „суперпатриотите“ од Атина ... „секогаш го поддржуваа создавањето втора бугарска држава, каква што ПЈРМ се надеваше дека ќе стане, а потоа ја проголтаа“.

Итн...

Македонското МНР кога ја убедуваше македонската јавност во големиот успех на Заев и Димитров, вети дека секаде и секогаш ќе реагира на употребата на термините „Северномакедонци“ или „северномакедонски“. Тоа навистина го правеа во почетокот, ама како што поминува времето и зачестува употребата на овие термини по светските медиуми, така опаѓа и нивната спремност за реакции.

Во очекување реакција од македонското Министерство за надворешни работи на терминологијата во колумната на потписникот од Првата страна:

Пријателе Коѕијас, не нѐ брани веќе жити сѐ.

А.Д.

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе