Претседател на Република (Северна) Македонија

Како граѓани на независна и суверена Република Македонија веќе се навикнавме постојано да живееме во секојдневни тензии и стресови.

Станавме опшество на „зависници“ од континуирани драми и драмолетки.  Ако некогаш и почнеме да живееме како во секоја нормална држава на нашиот континент, искрено се плашам дали еден значителен дел од населението ќе се чувствува „празно“ и депресивно. Ќе биде потребен еден долг временски период на „детоксикација“ од политиката и пренасочување кон нормалните теми и прашања. Кој е виновен за тоа? Ние граѓаните, политичарите или медиумите? Веројатно секој со својот удел. Сигурен сум дека во Европа, освен во некои наши соседни држави, нема такво „бомбардирање“ со политика (и политиканство) и неизвесности. Една „тензична тема“ веќе после неколку дена се сменува со друга. Уште незавршени уставните измени согласно на Преспанскиот  договор, а веќе на „мала врата“ се лансира нова тема: претседателски избори и можните кандидати.

За да бидам прецизен: не е рано за прашањето на избор на кандидати за ПР(С)М. Напротив. Тоа прашање партиите требаше да го почнат уште и пред една година.

Претседателските избори ќе се распишат, веројатно, на 2 или 3 февруари. Ако и кога ќе заврши гласањето на уставните измени, партиите и јавно  ќе почнат со интерни дебати, а богами и преку медиумите, за избор на свој кандидат. Меѓутоа, веќе извесно време се „вртат“ и опции за начинот на изборот; имињата на  кандидати и кандидатки;  што ако не се постигне (високиот) цензус?; дали ќе има консензуален претседател?; дали најголемата опозициска партија, тивко или гласно, ќе ги бојкотира изборите?... и многу друго што е сврзано со изборот на новиот ПРМ.  Се разбира, граѓаните од различните табори (политички, етнички) веќе „заземаат страна“ на начин како што се испраќаат пораки од „нивната (дали ?)“ партија. При тоа, се плашам, многу малку од тие што „заземаат страна“ всушност се запознаени со положбата и ингренциите на функцијата ПРМ во парламентарната демократија во РМ, а уште помалку посветуваат внимание на профилите и квалитетите на можните кандидати. Ако, пак, на тоа додадеме што од ингеренциите на новиот ПР(С)М му е оставено во неговиот иден мандат, дури тогаш  ова „загревање“ на припадниците на различните „табори“ станува уште почудно. По сѐ изгледа се работи само за слоганот „да победи нашиот“. И толку.

Граѓаните на РМ по шести пат, на (веројатно) непосредни избори, ќе избираат шеф на државата. Досега се одржани пет избори за претседател на Република Македонија: во 1994, 1999, 2004, 2009 и во 2014 година. Првиот претседател,  г-диниот Киро Глигоров, не беше избран, во првиот мандат, на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, во согласност со тогашните уставни решенија.

Веќе вториот мандат во 1994 година Глигоров го доби на непосредни избори. Интересно е да се потсетиме на резултатите (и излезноста) од досегашните претседателски избори.

Во 1994 од 1.360.729 запишани гласачи во избирачкиот список, Глигоров освои 715.774 гласа, а Љубиша Георгиевски 197.210.

Во 1999 година од запишани 1.610.340 гласачи, во првиот круг гласале 1.050.449 (65,23%), додека во вториот круг гласале 1.120.087 (69,56%), од кои Борис Трајковски доби 591.972 гласа, а Тито Петковски 514.599.

Во 2004 од запишани 1.695.103, во вториот круг гласале 909.289 (53,64%). Бранко Црвенковски добил 550.317 гласа, а Сашко Кедев 329.179.

Во 2009 година од запишаните 1.792.082 во вториот круг гласале 718.444 (42,63%), од кои Ѓорге Иванов доби 453.616 гласа, а Љубомир Фрчкоски 264.828.     

И во 2014 година од запишаните 1.779.572 во вториот круг гласале 869.547 (48,86%), од кои Иванов доби 534.910 гласа, а Стево Пендаровски 398.077.

Од погоре изнесените бројки се забележува континуирано зголемување на лицата (освен симболично намалување во 2014) во избирачкиот список, како и континуирано намалување (пак, освен во 2014) на излезноста на изборите.

На ова место би требале да се потсетиме дека пописот во 1994 година е прв попис во РМ по нејзиното осамостојување (по Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991.). Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија. Пописот кој почна на 1 октомври 2011 и покрај потрошените милиони евра, на 15 октомври беше стопиран.

Како парламентарна демократија, ингеренциите на ПРМ се значително лимитирани (освен, де факто, кога се работи за првиот ПРМ на независна РМ). Оттука, не ми се јасни причините при секој избор на ПРМ, зошто „губитничката страна“ обвинува за „кражба“ на изборите и не го признава избраниот ПРМ. Она што е уште посимптоматично е што и „добитничката страна“ после определен период  влегува во конфронтација со „својот“ избран ПРМ (и тука изгледа исклучок е изборот од 2009 и 2014).     

Во Уставот, „претседател на РМ“ најдиректно е дефиниран со 9 члена. Немаме закон за претседател. 

Претседателот на Република Македонија (во понатамошниот текст РМ) ја претставува Републиката. Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на РМ. За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на РМ најмалку 10 години во последните 15 години (м.з. не знам како ова ќе биде формулирано во ревидираниот устав на РСМ, односно како ќе докажуваат кандидатите дека биле во последните 15 години жители најмалку 10 години на...?).

Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите.

Претседателот на РМ  го определува мандаторот за состав на Владата на РМ; ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на РМ во странство;  ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;  предлага двајца судии на Уставниот суд на РМ; предлага двајца членови на Републичкиот судски совет; именува тројца членови на Советот за безбедност на РМ; предпага двајца членови на Судскиот совет на РМ; ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи; именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;  доделува одликувања и признанија во согласност со закон; дава помилувања во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот. Освен тоа, претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно, а Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност. Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на РМ. Претседателот го именува директорот на Агенцијата за разузнавање. Тој исто така ги потпишува указите за прогласување на законите што ги донесува Собранието, а во името на РМ одлучува и за водење на преговори и склучување на меѓународни договори.

Мандатот на ПРМ Иванов истекува на почетокот на мај. Уверението за претседател на државата ДИК му го врачи на Иванов на 2 мај 2014-та. Според Уставот изборот на нов претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот, односно  би требало да  биде во период од 2 март до 2 мај 2019.

Ако „прелетаме“ преку конкретните ингеренции на ПРМ, можеме да забележиме дека поголем дел од нив веќе се извршени од досегашниот ПРМ. Така, генерал мајор Васко Ѓурчиновски на 17 август 2018 назначен за нов началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија; на 22 мај 2018 година Парламентот го прифати предлогот на претседателот Иванов, Анита Ангеловска – Бежоска да биде петтиот по ред гувернер на Македонија  И ќе ја води Народната Банка во следните 7 години; во 2007 Иванов именува нов директор на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов; во јануари 2018. ПРМ Иванов ги предложи Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за судии на Уставниот суд, и Собранието ги избра за судии на Уставниот суд; веќе се договорени со ПРМ Иванов и најголем број на амбасадори, а до изборот на новиот претседател сигурно сите упразнети амбасадорски места ќе бидат пополнети во директен договор меѓу МНР и ПРМ.   

Претполагам дека и други функции за кои ПРМ е по Уставот овластен да поднесува кадровски предлози веќе се пополнети или ќе бидат наскоро.

Со други зборови, останува новиот претседател да го гледаме и избираме исклучиво врз основа на базичната негова функција: „претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката. Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија“.

Во таа смисла партиите кога ќе одлучуваат и предлагаат кандидати за ПР(С)М, мораат да ги имаат предвид токму овие базични функции на претседателот. Односно, дека ни е потребен претставителен, искусен, одговорен, мудар, принципиелен и сериозен претседател на државата. Претседател на сите грагани на Р(С) Македонија.  

П.С. Се плашам дека трендот на намалување на излезноста, и не само за претседателските избори, туку и на парламентарните, ќе продолжи со уште поголем тренд. Гледам доволно причини за тој „страв“.

Да се надевам дека не сум во право и би сакал да бидам демантиран. 

 

Александар Тавчиовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За прв пат имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна иницијатива на засегнатите странки (ex privata).

повеќе

Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика.

повеќе

Зошто егзистирањето на Северна Македонија „во духот на Преспанскиот договор“ ќе значи фактичко постоење на една орвеловска држава?

повеќе