Принцот Мајкл од Лихтенштајн

Претераниот грчки национализам станува слаба точка на Европската Унија

Македонија не е единствената жртва на ваквото здодевно силеџиство на Грција. Грчката влада се расправа и со Албанија и со Турција, вели принцот Мајкл од Лихтенштајн.

Јоханес Хан, комесарот за проширување на Европската Унија, минатата недела беше во Софија, Бугарија, за да разговара со министрите за надворешни работи на земјите-кандидатки за пристап во блокот од 28 нации.

Загрижена поради руските активности во Западен Балкан, ЕУ реши да се отвори кон земјите од овој регион. За почеток, може преговори за пристапување да бидат почнати со Србија и Црна Гора.

 

Гадна пречка

Но прво, господинот Хан треба да се отараси од една непријатна, непотребна пречка создадена поради грчкиот шовинизам кон Македонија. Приговорите на Грција за името на Република Македонија веќе долго време го блокираат членството на земјата во НАТО и аспирациите кон ЕУ.

Противењето на грчките власти се темели на историската традиција и постоењето на граничниот грчки регион наречен Македонија. Резултат на оваа гротескна ситуација е тоа што ЕУ - по грчко инсистирање - употребува една посебна официјална фраза: „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Овој спор ги затру односите на ЕУ во Западен Балкан, област во која се судираат западните и руските интереси. Ова донекаде беше во корист на Русија.

Откако ЕУ конечно одлучи да покаже поголем интерес за Западен Балкан, преговорите меѓу Грција и Македонија за ова прашање се интензивираа. Медијаторите на Обединетите нации предложија алтернативни имиња, меѓу кои и Нова Македонија, Северна Македонија, Горна Македонија и Вардарска Македонија.

    Претераниот грчки национализам станува слаба точка на остатокот од Европа

Атина постави и други смешни барања, а македонскиот премиер Зоран Заев дури и прифати неколку од нив - како отстранување на „Александар Велики“ од имињата на скопскиот меѓународен аеродром и автопатот Е-75.

Македонија не е единствената жртва на ваквото здодевно силеџиство. Грчката влада се расправа и со Албанија околу нафтените и гасните депозити во Јонско Море и за враќањето на имотите на Чамите, албанско етничко малцинство што беше насилно протерувано од Грција по Втората светска војна.

Дури и кога некој ќе се фокусира на длабокото историско непријателство помеѓу Турција и Грција, не треба да се претпоставува дека грешката лежи исклучиво на турската страна. Иако грчките власти се преправаат дека намерите им се само мирољубиви, тешко е да се игнорираат нивните лоши односи со речиси секој сосед. Ова не е случајност. Тоа е резултат на претераниот грчки национализам, кој станува слаба точка на остатокот од Европа.

 

Прекршување на правилата

И тоа не е најлошото. Многу поголем проблем за Европа е состојбата на јавните финансии во Грција, предизвикана од корупцијата и лошото владеење што ја обзедоа земјата откако нејзината уставна монархија беше соборена со воениот удар во 1967 година.

Како што сега знаеме, Грција во 2004 година ѝ се приклучи на еврозоната под лажни изговори, прекршувајќи ги сите фискални правила и принципи. Од самиот почеток беа манипулирани јавните сметки на земјата - и ова беше познато и чудно толерирано од другите земји-членки, од Европската централна банка и Европската комисија. Бидејќи знаеле за овој факт, тие станале соучесници во злосторот.

Кога во 2010 година избувна грчката должничка криза, Европа истураше стотици милијарди евра во земјата, третирајќи ја нејзината илузорна програма за „штедење“ како факт. Наскоро се покажа дека мерките за приспособување се лажни и дека не е постигната ниту една од фискалните цели. Целата измама ѝ беше продадена на јавноста како неопходен услов за спречување на колапс на еврозоната.

      Европа употреби вонредни финансиски мерки, но не и единствениот ефективен лек - да ја остави Грција да го напушти еврото

Денес, грчката финансиска помош продолжува под едвај променети услови. Бидејќи луѓето се навикнаа на неа како на нешто секојдневно, таа исчезна од медиумските наслови. Европа уште еднаш замижа пред она што се случува во Грција.

Најчудниот дел од приказната е зошто Европа е спремна да употребува вонредни (и вонредно скапи) финансиски мерки, но одбива да го примени единствениот ефективен лек - да ја остави Грција да го напушти еврото. Тоа ќе го поштедеше грчкиот народ од голем дел од мизеријата на среден и долг рок.

 

Двоен стандард

Се чини дека ЕУ има проблеми со одредени членки. Брегзитот е одличен пример. Истото важи и за сегашните критики, опомени и притисоци што се упатуваат во име на европските вредности. Главните цели сега се Унгарија и Полска, но предмет на критики се и Австрија и Чешка.

Многу мал дел од тие критики - но голема финансиска поддршка - се насочени кон Грција. Дипломатските проблеми во земјата, лошото владеење и недостигот на економска дисциплина се шокантни - какво што е и соучеството на Европа во оваа ситуација. Како некој може уверливо да ги поттикне државите од Западен Балкан да го подобрат владеењето и да ги почитуваат границите на своите соседи додека на Грција ѝ е дозволено сè?

Овој вид лицемерство му штети само на кредибилитетот на Европа. Иако ние сме да им се даде колку што може повеќе самоопределување на земјите-членки на ЕУ, само може да се чудиме зошто Европа е толку блага кон последователните грчки влади.

Извор: ГИС (Геополитички разузнавачки служби)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе