Преспанскиот договор како американски геостратегиски потег

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

Oд Македонија, земја која е цврсто во западната сфера на влијание, САД успеаја да направат земја на линијата на огнот во односите помеѓу САД и Русија.

Кога во февруари 2015 година тогашниот американски државен секретар Џон Кери изјави дека и Македонија (заедно со Србија, Косово, Црна Гора, Грузија, Молдавија и Придњестровје) е на линијата на огнот во односите помеѓу САД и Русија, тоа во пошироката јавност во Македонија предизвика зачуденост. Влијанието на Русија во Македонија беше никакво, а Македонија – цврсто во западната сфера на влијание. Врз основа на кои информации американскиот државен секретар даде таква оценка? Притоа, ирелевантно е дали оценката е дадена врз основа на информации за кои пошироката јавност во Македонија не беше и не е свесна или е едноставно погрешна. Она што е важно да се нагласи е дека една ваква изјава дадена од еден американски државен секретар не може да нема реперкусии врз курсот на американската надворешна политика кон посочените земји.

Во контекст на случувањата околу Преспанскиот договор, очигледна е активната поддршка на САД за неговата имплементација. САД го поздравија склучувањето на договорот, во резултатите од референдумот видоа поддршка на граѓаните на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и поддршка за договорот со Грција, а потоа го поздравија и отворањето на процесот на уставни измени во Собранието. Буквално ниту еден критичен збор не беше упатен на целиот овој процес, без разлика што тој вклучуваше цела низа постапки кои и не беа согласно демократските стандарди.

Ако за Преспанскиот договор се каже дека беше склучен под силно американско влијание и дека негова цел е да го овозможи проширувањето на НАТО со Македонија и други земји, како дел од пошироките геостратешки планови на САД против Русија – тоа за многумина ќе претставува тврдење кое се граничи со теорија на заговор. А лесно може да биде и етикетирано како проруска позиција, согласно демонологијата на сегашната власт, за која „руското влијание" ја има истата функција како обидот за делегитимирање на критичарите на претходната власт како „соросоиди". Но, вакви „проруски" тврдења дава, на пример, помошникот државен секретар за Европа и Евроазија на САД Вес Мичел, кој за Договорот меѓу Македонија и Грција кажа дека е дел од пошироката геостратегија на САД за борба против руското влијание во Европа, особено во земјите на Балканот. Во таа геостратегија американските официјални лица тргнуваат од перцепцијата дека Русија и Кина станале посебно агресивни во Централна и Источна Европа при што, како што нагласи Мичел, првиот приоритет на САД е „да се сузбие руската интервенција".

На кој начин Преспанскиот договор е дел од пошироката стратегија на САД против Русија? Никој нема дадено одговор на тоа прашање. Зошто на САД, земја која ја призна Македонија под уставното име, ѝ е толку важно да дојде до имплементација на договорот? Зошто САД, земја која тврди дека е посветена на демократијата, ги игнорира кршењата на демократските стандарди што го одбележаа процесот на имплементација? За да се даде можен одговор на овие прашања, прво треба да се земе предвид развојот на настаните во светот во последните години. Перципирањето на светот како шаховска табла може да биде невообичаено за обичниот човек, но е сосема типично за планерите на надворешната политика на глобалните сили.

Глобалниот контекст


САД ја добија Студената војна со СССР. Нивниот противник се распадна. Се распадна и неговиот воен сојуз, Варшавскиот пакт, а неговите земји членки од Источна Европа набрзо преминаа на другата страна и станаа членки на НАТО. САД станаа единствената суперсила во светот, суперсила со околу 600 воени бази ширум светот и со воени трошоци поголеми од трошоците на следните седум држави со најголеми воени трошоци заедно (Кина, Саудиска Арабија, Русија, Индија, Франција, Британија и Јапонија). Во светот во кој е единствената суперсила, САД продолжија да посегнуваат кон воената опција за решавање на меѓународните конфликти. Од таквите случаи, најголемо глобално влијание имаа нападот врз Авганистан во 2001 година и нападот врз Ирак во 2003 година. Тие првично беа оценети како показател на американската моќ, но денес, по веќе рекордното 17-годишно пролонгирање на авганистанската војна и појавата и ширењето на Исламската држава во Ирак, чести се коментарите дека Авганистан и Ирак повеќе го покажуваат неуспехот отколку успехот на САД.

Во меѓувреме, глобалните конкуренти на САД, Кина и Русија, сѐ повеќе покажуваат дека не можат да бидат едноставно игнорирани. Статусот на САД како единствена светска суперсила не е загрозен (сѐ уште), но САД денес со далеку поголема сериозност гледаат на Кина и Русија отколку пред 20 години. Кина доживеа огромен економски развој што во догледна иднина може да ја загрози светската доминација на американскиот капитал. Русија, пак, во неколку меѓународни конфликти доста успешно ги одбрани и промовира своите геостратешки интереси. Рана најава за тоа беше Руско-грузиската војна од 2008 година за во 2014 година соборувањето на проруски ориентираниот украински претседател Виктор Јанукович да не заврши целосно согласно американските планови. Имено, Русија го анектира Крим, обезбедувајќи си пристап до топловодно пристаниште, а во енергетски важниот Донбас регион на Украина беа прогласени две проруски сепаратистички републики. Русија изврши уште подиректно спротивставување на американските планови во Сириската граѓанска војна, каде нејзиното вмешување беше клучно за одржувањето на власт на сојузникот Башар ел Асад, чие соборување го помагаше САД.

Зошто САД ја сакаат Македонија во НАТО?

Постои аргумент, кој според мене целосно држи, дека Македонија далеку повеќе му треба на НАТО отколку што ѝ треба НАТО на Македонија. Зошто сметам дека за Македонија членството во НАТО е непотребен и скап луксуз веќе претходно пишував. А за првото, тоа треба да се разгледува во контекст на најновиот сооднос на силите помеѓу главните светски политички актери. Ефектот од војните во Ирак и Авганистан, епилогот во Сирија и Украина, ширењето на економското (и политичкото) влијание на Кина во светот – ја разнишаа американската самоувереност карактеристична за почетокот на 21-от век. Светот, онаков каков што беше по крајот на Студената војна, веќе не е таков денес. Тоа го гледаат американските планери и, веројатно, тоа е фрустрирачки за нив. Во тој контекст, тие сметаат дека треба да се вложат дополнителни напори за да ја задржат својата глобална позиција.

Тука повторно доаѓаме до Македонија. Со вклучувањето на Македонија во НАТО, САД постигнуваат три цели. Првата е внатрешно-политичка. Во домашната констелација на САД, во која администрацијата на Доналд Трамп не може да се пофали со некои позначајни успеси, проширувањето на НАТО со уште една земја, без разлика колку мала и незначајна, секогаш е добра вест. Втората причина е симболичка. Со зачленувањето на Македонија во НАТО, овој воен сојуз ќе брои 30 земји членки. Пропагандната тежина на фактот дека сојузот предводен од САД ќе брои 30, а не „само" 29 земји членки, во контекст на разнишаната американска самодоверба, никогаш не треба да се потцени како мотив. Третата причина е најважната. Зачленувањето на Македонија во НАТО е насочено против перципираната опасност од зголемување на руското влијание на Балканот. Во тој контекст, веројатната намера на американските стратези е да се затвори „балканската дупка" во НАТО сојузот.

Тоа затворање започна со Црна Гора во 2017 година, нужно е да продолжи со Македонија за да може да премине на Босна и Херцеговина и потоа, во најдобрата варијанта, да биде заокружено со Србија (Косово, како проамерикански ориентирано, во некоја точка, би сметале дека лесно ќе биде вклучено во НАТО). По Црна Гора проширувањето на НАТО со Македонија нужно се наметнува, зашто само откако тоа ќе биде направено, може да се изврши поголем притисок за зачленување на БиХ во НАТО, каде српскиот ентитет силно се противи на зачленувањето. Имено, кога и Македонија ќе биде членка на НАТО, тогаш ќе ослабне позицијата на Босанските Срби за спротивставување на членувањето на БиХ во НАТО, зашто во таа нова констелација не-членувањето во НАТО ќе значи дека БиХ ќе има иста позиција кон НАТО како Србија. Тоа, пак, нема да им се допаѓа на Бошњаците и Босанските Хрвати. Нели, зошто БиХ да има иста позиција кон НАТО како Србија, а не како Хрватска? А, пак, по зачленувањето на БиХ кон НАТО, можеби и Србија, целосно опкружена од членки на НАТО, ќе реши да ја преиспита својата политика на воена неутралност? Тоа нема да биде лесно, со оглед на нападот на НАТО врз Југославија во 1999 година, но новата констелација можеби ќе наметне нова политика.

Ваквите планови содржат ризици работите да тргнат наопаку. Во однос на БиХ, зголемувањето на притисокот за зачленување во НАТО веројатно ќе доведе до влошување на и така лошите меѓуетнички односи. Во најлош случај, тоа го носи ризикот од обновување на граѓанската војна. А во Македонија, инсистирањето земјата по секоја цена да биде приклучена кон НАТО, преку истуркување на мускули на Договорот со Грција, може, од американски аспект, да ѝ ја отвори вратата на опасноста која токму требаше да биде спречена со зачленувањето на земјата во НАТО. Имено, пред да почне најновиот обид за решавање на спорот околу името, руското влијание во Македонија беше минорно. Но дали тоа така ќе остане, откако стана јасно дека САД даваат целосна поддршка за промената на уставното име на државата, а Русија се противи на тоа, останува времето да покаже. Дека тоа, особено кај десницата, ќе остане незабележано и без реперкусии, се чини дека е прехрабра претпоставка.

Националниот интерес пред демократијата


САД доста често (некој ќе рече и редовно) во својата надворешна политика го ставале својот национален интерес пред демократските стандарди. Процесот на имплементација на Преспанскиот договор во Македонија вклучуваше кршење на Уставот при формулирањето на референдумското прашање, нерамноправни и нефер услови за водење референдумска кампања, медиумска контрола, полнење гласачки кутии, непочитување на резултатот од референдумот, инструментализирање на судската власт, обезбедување пратенички гласови преку уцени и/или поткуп. Оценувајќи го договорот како дел од пошироката геостратегија на САД за борба против руското влијание во Европа и сметајќи дека прв приоритет на САД е да се сузбие руската интервенција, американските официјални лица сето тоа го премолчија. Но, следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка (во низата грешки во последните две декади) и од Македонија, земја која е цврсто во западната сфера на влијание, да направат земја на линијата на огнот во односите помеѓу САД и Русија. Оваа грешка можеби е минорна од гледна точка на глобалната американска политика, но за нас, граѓаните на Македонија, е доста важна. Да се биде на линијата на огнот помеѓу два империјализми има свои негативни реперкусии. Како што предупредува една поговорка, кога слоновите играат, мравките гинат.

д-р Здравко Савески

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе