(Пре)пораки

Внимателноста во водењето на преговорите за името и изјавите околу нив сега е повеќе од нужна.

Очекуваниот успех Македонија по подолго време да добие „чиста“ препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ деновиве беше поматен од пораките од Атина и Париз, дека патот на (западно-балканските држави и на) Република Македонија кон европските интеграции не е временски гарантиран, туку е причинско-последично зависен и од фактори кои не зависат само од желбата да станеме дел од европската приказна. Затоа, внимателноста во водењето на преговорите за името и изјавите околу нив сега е повеќе од нужна.

„Безусловната“ препорака е убав показател дека Брисел го цени отстранувањето на груевистичките девијации на македонската внатрешна и надворешна политика и дава поттик и за владата и за опозицијата да продолжат со дијалогот, компромисот и промисленото водење политика и реформи. Истовремено, политичката волја за одење во овој правец во Европската Комисија коинцидира со видливите обиди да се реши спорот за името. Објективно е да се признае дека подобрената слика за Македонија во однос на периодот од 2011 и особено од 2014 наваму – е успех на оваа Влада.

Но, факт е и дека европската „приказна“ на Македонија нема гарантиран роковник за хепиенд, како што навести и Могерини. Објективно, пред нас се три предизвици. Првиот е кога препораката ќе се преточи во датум за почеток на преговорите. Без решение на спорот со Грција, прашање е дали/кога Европскиот Совет би определил датум.

Вториот предизвик е поврзан со првиот: обесхрабрувачка е позицијата на Атина, срочена низ интервјуто на Коѕијас, дека очекувањето за решение во јуни е нереално. Третиот предизвик, пак, го засега целиот регион на Западниот Балкан вклучително РМ и тоа е позицијата на Париз дека изнаоѓањето на формата во која Унијата треба да функционира во иднина треба да се случи пред нејзиното натамошно проширување. Впрочем, Јункер лани најави дека овој дел од Европа ќе го најде своето место во ЕУ околу средината на 2025...

Затоа, сега е потребно уште поголемо внимание во преговорите со Грција и воздржаност во изјавите во јавноста. Од исходот на преговорите за Македонија зависи особено (брзината на) интеграцијата во НАТО. За европската, јасно е дека и во најдобар случај ќе потрае барем неколку години. Оптимизмот на Заев дека добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ ќе се случи во јуни треба да се земе со резерви, бидејќи качувањето на очекувањата без суштинска основа е штетно оти може да биде само гест на популизам.

Следејќи ги настаните и реакциите во Грција, може да се заклучи дека започн(ув)а играта кој кому ќе му ја префрли вината за евентуалниот неуспех/пролонгирање на преговорите. Затоа, шестмесечното лицитирање на премиерот со рокови и најави дека „до крајот на следните месеци има решение“ – треба да престане.

Коректна е воздржаноста на Димитров во однос на пристапот кон јавноста и преговорите, а неговиот политички речник индицира дека разликите не се само на тоа ниво. И тоа е корисно, бидејќи ја следи препораката на Мичел при неговата посета на Скопје: процесот да не се врзува за конкретен датум (рок) и конкретен настан (Самитот на НАТО).

Засега основното чувство во земјава е дека преговорите повеќе се во прилог на другата страна. Поместувањето на преговарачкиот процес од медијацијата на Нимиц во директно преговарање е влегување во потенцијална замка во која Грција, како веќе интегрирана, во преговорите наметнува (редефинирани) почетни позиции и темпо, а Македонија, која бара членство во тие интеграции, преоѓа во инфериорна позиција.

Лесното согласување (на повторно преговарање) за работи кои со меѓународна (особено американска) поддршка се утврдени уште со Времената спогодба од 1995 е еднакво штетно како и одењето на референдум за договореното. И едното и другото водат кон тоа дека опсегот на новиот договор е далеку повеќе од промена на референтното име во ОН, а тоа е недозволиво, како и преземањето каква било обврска за идна уставна промена, бидејќи е отстапување и од Времената спогодба и од Резолуцијата 817 на Советот за безбедност.

Со сето ова во вид, потребна е сериозна дипломатска иницијатива веќе од вчера. Една од нив е консултација со Бугарија, како претседавач со Европскиот Совет. А по изјавата на Макрон за (ре)дефинирањето на структурата на ЕУ, потребен е разговор и со германските и со француските власти и нивно појаснување за изнесениот став. Ова прашање секако ја засега и Македонија, но и целиот регион.

Ивон Величковски, претседател на Либералната партија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе