Предизвици за Владата од рецидивите на заробената држава

Причина за ваквата неуспешна траекторија на развој на Македонија е делумно и во тоа што никогаш не се случи правна разрешница и будење на моралот и етиката после прагревот со посткомунистичкиот грабеж кој беше наречен приватизација.

Владата треба да креира амбиент чиј фундамент не почива само на оправдување или критизирање на појавното преку креирање на навивачка атмосфера, туку да креира амбиент кадешто граѓаните, фелата и цивилниот сектор слободно може да даваат општествена осуда преку критики во слободни медиуми, а не да се блендираат во амбиентот и калкулантски да очекуваат „столче во Влада“.

Во Република Македонија во согласност со Уставот како општествен договор, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Тие, граѓаните, власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, кои ја гласаат извршната власт. Извршната власт, пак, е одговорна пред граѓаните т.е. пред нивните избраници во Собранието. Сепак, владеењето на претходната Влада доведе до заробување на институциите, па и на пратениците од мнозинството, како и на независните регулаторни тела, како што беше нотирано од ЕУ извештајот за напредокот на Македонија. Во таков амбиент општествениот договор во смисла на Жан Жак Русо колабира и граѓаните се фрагментираат во интересни групи т.е. клиенти на Владата.

Прашањето е кои се сега рецидивите од таквото владеење, кој е нивниот обем и кои ризици носат тие со себе кога имаме нова политичка елита на власт. Овој текст не дава целосни одговори на овие прашања, но има за цел да поттикне размислувања за понатамошна дебата за полесно да се изнајдат начини за побрз излез од пост-хибридниот режим, како што Фридом Хаус ја класифицираше Македонија во 2016 година. Ова е важно бидејќи длабочината и обемот за ерозијата на општествениот договор не е за потценување и не се решава само со промена на политичката елита на власт. 

Од популизам преку авторитаризам до пост-трауматски стрес синдром

Прво, јасно е дека македонската јавност се наоѓа во пост-трауматизирана состојба после владеењето на претходната Влада која доведе до нови невидени општествени состојби во Македонија чии опашки се` уште се влечат низ секојдневието на македонските граѓани. Имено, после затворањето на телевизијата А1, почнаа позасилени политички хајки и притисоци кон независните невладини организации. Овие настани кулминираа со случувањата од 24 декември 2012 година и отсликуваа неспремност на ДПМНЕ да ја прифати грешката и одговорноста преку арогантната изјава за тоа дека Извештајот на  Комисијата за испитување на настаните во Собранието на РМ од 24 декември 2012 година е палома-хартија. Овој документ требаше да ја релаксира состојбата, но воспоставениот режим одлучи да прејде во хибридно владеење. Механизмите на таквото владеење, креирањето на клиентелизмот, популизмот и послушниците беа воспоставени и почна операционализацијата на тотална персонализација на водењето на политика во Република Македонија. Граѓаните не можеа да ги остваруваат своите слободи до степен кога поранешниот премиер изјавуваше за професорите дека тие не се тука за бистрење на политика или, пак, дека гласачите на претходните локални избори подобро да гласале за кандидатите на ДПМНЕ за градоначалници бидејќи тие подобро ќе соработувале со централната власт, се` до степен на употреба на сила како, на пример, во битката за општина Центар. Да, тоа не беа избори во општина Центар, туку битка за бранење на симболот на непобедливост и непогрешливост на режимот и на лидерот.

Оваа употреба на сила стана опасна и поради фактот што таа сила, хибридниот режим и ДПМНЕ успеаја во голема мера да ја претворат во право, а послушноста во должност. Во такви услови, како што вели Русо, повлекувањето пред силата станува чин на потреба на секој во државата, но не и чин на слободна воља. Во такви услови колабираше општествениот договор и се случи целосна фрагментација на општеството на групи кои повеќе немаа пресек на заеднички интереси. „Бизнисмените“ лобираа за подобра положба за себе, сиромашните за себе, стечајци за себе, пензионерите за себе, земјоделци за себе, докторите за себе, наставниците за себе, па дури излегоа и барања за субвенционирање од страна на Владата на моторџиите за заштитна опрема. Всушност, она што се случи е граѓаните на Република Македонија почнаа да се фрагментираат и синдикализираат секој во онаа група во која не чувствува само припадност по кој било белег и атрибут, туку и од која очекува дека пред Владата и „лидерот“ ќе може да презентира преговарачка предност и моќ, во битката за распределба на јавните ресурси и финансии. Ова е резултат на изгубената доверба во општествениот договор за тоа дека Собранието ги претставува граѓаните и дека Собранието ја држи Владата таа да работи одговорно кон постигнување на општествена цел за сите граѓани. Во такви услови се случи и најголемата загуба за иднината на државата преку емигрирање на значителен број граѓани надвор од земјата, а Владата си продолжи со грубо кршење на уставните одредби по повеќе димензии, што беше нотирано во извештајот на Прибе од 2015 година.

„Бизнисмените“ наместо да укажат и да протестираат на вакво практикување на власта се стопија во амбиентот, станаа едни од најголемите подржувачи на „одличните проекти“ на власта и излегоа со незамисливо барање за „свое столче“ во власта, наместо да бараат амбиент за ефикасна пазарна економија. Едноставно пресметаа дека е опортуно своите лични бизнис интереси да не ги остваруваат на слободен пазар, туку да ги преговараат директно во Владата и надвор од општествениот договор, молчејќи за кршењето на владеењето на правото воопшто. Дури и се амнестираа со идиотски реторики дека тие се само бизнисмени и не се мешаат во политика и слично. После овој преседан произлегува во вулгарна смисла дека наскоро можеби ќе треба да има и нов Закон за Влада на Република Македонија, во кој наместо функциите и дејностите за чиј развој таа влада треба да се грижи, ќе треба да ги излистаме сите можни типови на клиенти за кои таква влада ќе треба да обезбеди столче (студенти, пензионери, стечајци, сиромашни, хендикепирани, болни, бизнисмени, работници, моторџии, итн) т.е. за сите нив да имаме посебно министерство кое ќе ги претставува. Така, наместо министерство за економија и здравство, на пример, ќе треба да имаме министерство за бизнисмени и министерство за болни. Ќе треба не да уредуваме дејности, туку да почнеме да уредуваме по мерка на оние кои се синдикализирале во моќни групи на клиенти за секоја група да си обезбеди остварување на право согласно релативната предност и моќ која ја има.

Рецидиви на популизмот

Затоа е битно да се направи разлика дека не е проблемот што правни субјекти во доминантна сопственост на заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, на пример, учествувале на јавни набавки. ­Тоа се правни субјекти кои немаат законски ограничувања за да учествуваат на јавни набавки ниту пак проблем е сопственикот на тие правни субјекти, туку проблемот е што заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори е доведен во таква ситуација бидејќи тој се идентификува како „претставник од бизнис заедницата“ во Влада. Тој е оној кој е персонализиран во „бизнис столчето“ во Владата. Фактот дека „бизнисмените“ издејствувале да имаат свој претставник во Владата ги става нив во поповолна положба од секоја друга група на граѓани бидејќи тие се синдикализирале и демонстрирале предност и моќ за да влезат во Влада и да си ги остваруваат, пред се`, своите цели, а не целите на општеството и на граѓаните. Ова го покажува фактот дека ако не бил амбиентот таков во хибридниот режим, тие бизнисмени секако би имале доверба и во идната влада дека таа би ги застапувала нивните интереси и не би барале „столче во Влада“.

Во така поставен систем тешко е да поставите кредибилен систем за легитимно, отчетно и ефективно владеење туку останува фактот дека се` уште имаме заробена држава каде институтионализирана тесна група на луѓе кои се доволно силни и моќни се синдикализираат, влегуваат во влада и донесуваат одлуки за политиките, имплементацијата и за алокација и дистриубуција на ресурсите настрана од логиката на општествениот договор, доброто владеење и социјалните норми. Со тоа се нарушува довербата во институциите воопшто и логиката на демократијата и на тоа што го регулира Уставот на Република Македонија.

Како понатаму?

Можеби најголемата причина за ваква неуспешна траекторија на развој на Република Македонија е што никогаш не се случи правна разрешница и будење на моралот и етиката после прагревот со посткомунистичкиот грабеж кој беше наречен приватизација. Затоа фокусот и приоритетот сега треба да биде кон правна разрешница на случаевите процесуирани од Специјалното јавно обвинителство и со отстранување и повикување на одговорност на обвинителите и судиите кои се одговорни за непостапување по овие случаеви. Во спротивно, ако нема правна разрешница, со заробеноста на државните институции и со вака поставена траекторија на развој во Република Македонија, стеснета во фетишот за бескрајната потрага за економски раст преку „најефтината работна сила во светот“, можеме само да очекуваме понатамошно тонење. Ние сме во Парето ефикасност, но благосостојбата не е постигната за што сведочат нееднаквоста, сиромаштијата, падот на вредностите, емиграцијата. Јасна е индивидуализираноста на политиките која е само рефлексија на победникот зема се разбирање на владеењето после секои избори.

Фундаментите како општествени цели, развој и екстерналии се истиснати од краткиот политички хоризонт на политичките елити во Република Македонија. Во таков амбиент, нема простор за општествени добра, политики и алокација на јавни средства кон подолгорочни цели бидејќи тие се дисконтирани со висок дисконтен фактор. Во таков амбиент, добра од типот на вештини за водење на големи капитални проекти, знаење и претприемништво се истиснати од потребата за брзо делување кон постигнување на политичките цели од краткиот изборен хоризонт. Проблемите се истуркуваат и истиснуваат кон напред, тие се кумулираат и кога ќе станат доволно видливи и лепливи креираат фрикција помеѓу општествените слоеви. Тогаш импотентните политички елити измислуваат домашни и странски непријатели т.е. влегуваат во зоната на митското, историското и примордијалното кое треба да се брани бидејќи решавањето на проблемите (неинвестирање во здравство, образование, социјални услуги, дискриминаторски пазари кои слабо се регулирани со олигополски и монополски елементи) кои довеле до таа ситуација е веќе прескапо, па бараат тесен „проекти“ наратив за стерилно „опозициско препукување“ и креирање на навивачка атмосфера кој повеќе дал на клиентите, кој продолжува и со оваа влада преку на пример таканаречениот План за економски раст. Во ваков амбиент, „бизнисмените“ не се економски агенти туку тие се поттикнати од поволности од ресурсите кои ги добиваат од даночните обврзници преку политичките елити, ги исполнуваат желбите на политичката елита на власт и не се натпреваруваат на слободен пазар бидејќи таков не постои и затоа инстистираат на „столче во Влада“.

Борбата со популизмот од страна на Владата не смее да биде политички сензитивна и со страв, туку треба да биде водено од фактот дека популизмот не е алтернатива на владеењето на правото. Владата треба да креира амбиент чиј фундамент не почива само на оправдување или критизирање на појавното преку креирање на навивачка атмосфера, туку да креира амбиент кадешто граѓаните, фелата и цивилниот сектор слободно може да даваат општествена осуда преку критики во слободни медиуми, а не да се блендираат во амбиентот и калкулантски да очекуваат „столче во Влада“.

доц. д-р Марјан Николов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)


Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе