Предизборни бисери

Македонија во НАТО е заслуга на сите политички партии од  осамостојувањето на земјата, а не само ДУИ.

Преамбула

Следејќи ги внимателно предизборните дебати како неутрален индиректен учесник во тие дебати не можам да се воздржам до таа мерка за да не ги изложам и моите ставови за неколку јавно изнесени прашања и дилеми во однос на нашите политички (не)согласувања веќе три децении.

Професорката Силјановска, која високо ја почитувам, во емисија на ТВ Aлфа зборуваше, како професор по уставно право, за многу аспекти од нејзините размислувања во однос на многу уставни дилеми и несогласувања присутни во нашата јавност од осамостојувањето до денес. Прво сакам да истакнам дека со нејзините ставови за изборот на претседател на владата во целост се согласувам со една додавка дека секоја политичка партија има право да ја изнесе својата платформа без право некоја друга партија да ја анатемиса, а граѓаните да го даваат својот краен збор за таа проблематика. Изборот на претседател на влада е право на одлука на политичката партија победник на изборите, или во случај на недостаток на пратенички бројки, меѓусебен консенсуз на идната владина коалиција и нема етничка боја.

Второ: омилената тридецениска тема преамбулата, или попрецизно граѓанскиот концепт на државата и тоа не само дефиницјата на државата сама по себе туку и практичната примена на напишаното. Правејќи ретроспектива на соддржината на преамбулата професорката истакнува дека наместо во текстот на преамбулата да доминира граѓанскиот концепт на државата  таа стана сопственост на народи, наместо сопственост на граѓани-сувереноста припаѓа на граѓаните! Госпоѓата Силјаноска намерно тоа го пласира во јавноста оти длабоко сум уверен дека  формулацијата „делови на народи“ според дефиницијата се малцинствата или поблаго „европски“ речено „националните заедници“. Сакам да ја потсетам професорката дека во анексот на работниот текст на трипартитните разговори предводени од германскиот амбасадор Герт Аренс од 17 јуни 1992 претставен и дискутиран во подгрупата за Македонија и Косово на Карингтонската конференција, во точката 5 стои дека „...Подгрупата се согласува дека член 1, параграф 1 од Уставот би требало да се измени и да гласи: „Република Македонија е суверена, независна, демократска и социјална држава на сите нејзини граѓани...“.
Зошто не е така и е како вели професорката, објаснување дава поранешниот спикер Стојан Андов.

На страна 595 од неговите мемоари Андов пишува „...штом во новиот текст на Преамбулата отпаѓаат зборовите „македонскиот народ“, тогаш се отвораат многу сложени и длабоки политички проблеми пред кои ние едноставно немаме право да ги затвориме очите. (Андов, Ст., На мој начин, Матица, 2018). Сегашниот текст на Преамбулата е резултат на заеднички политички компромис.

Денеска не сум сигурен што ќе беше подобро за државата: амандманот 4 да беше првичната Преамбула која е дел од Охридскиот Договор (со граѓански концепт) предложена од македонските политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а не од албанските (Андов, 2018) или сегашната Преамбула  со „многу народи“ од претпоследните и последните уставни измени.

На почеток не сакав да се осврнам на оваа тема, но едно јавно обраќање на лидерот на ВМРО за неговиот концепт на идното уредување на односите во државата (иако во предизборна кампања cé е дозволено) не ме остави рамнодушен, иако темата е многу широка и бара голем простор и многу време за објаснување. После изборите сигурно повторно ќе се актуелизира.

Лажни вести

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски интеграции Бујар Османи на последното интервју за ТВ Алфа, истакна дека му забележува на актуелната влада за недоволното ангажирање околу борбата против лажните вести кои го уриваат нашиот државен апарат и политички систем.

Зборувајќи за достигнувањата на неговата политичка партија за време на нејзиното владеење, тој вели дека пред владеењето на ДУИ Албанците беа претставени во јавната администрација со 0,2%, а за време на ДУИ се реализирани 98% од 100% од вкупните вработувања.

Тоа е лажна вест!

Статистиката покажува дека во 1993-94 Албанците беа претставени со 4% во полиција, со 1,7% во УКИМ (студенти). Реална голема дискриминација. Во МНР во 2000 година имаше 17,5 % Албанци. Тогаш за три месеци преку ПДП и ДПА се школувани од ОБСЕ и САД и вработени 500 полицајци...

Ако е за цифрите за вработување на Албанците за време на ПДП, можно е да објавиме еден многу голем список на лица уште во периодот 1990-1994, потоа список на директори, заменици, претшколски установи... Во Министерството за труд и социјала раководена од министер на ПДП до 2002 биле вработени 16,9% Албанци, а не 0,2%  како што лажно тврди Османи.

Тој покрај фалбите за вработувањата на ДУИ вклучувајќи ги и тие млади луѓе кои добиваа плата без еден ден работен стаж, но со голем партиски стаж за време на изборите, не е информиран или не сака да знае дека во некои институции, како Агенцијата за пошти, НУБ Климент Охридски и други не знам дали бројот на Албанците денес може да стигне до 1%!

ДУИ именуваше прв Албанец спикер, Талат Џафери? Лажна вест.

Прв Албанец, спикер на Парламентот беше Луан Старова уште пред осамостојувањето на земјата. Во 2000 година кандидатот за спикер на Собранието Абдурахман Алити изгуби  против Андов со (9) гласови против од пратениците на ДПА!

Сепак еден факт мора да се признае: откако ДУИ именуваше свој претседател (Албанец) на Собранието на РСМ, почна „рапидно“ да расте бројот на членовите на семејствата на функционерите на ДУИ во престижната државна високоплатена  ЕЛЕМ,  од баџанакот на спикерот како антикорупционер, потоа сестрата на министерот Бектеши за која министерот „не бил информиран“ дека е вработена(!), ќерката на спикерот примена без конкурс, за која антикорупционерите „открија“ дека  била „одлична“ со успех и дека не била вработена поради неговото влијание(!)... И така бројот почна да расте и во Академијата за судии и јавни обвинители со деца на функционери дуисти, а ние секој ден зборуваме за реформи и департизација на судството.

За време на владата на Георгиевски и Џафери, во сосема мирни политички води и взаемен договор вработувањата во администрацијата беа секојдневна појава, ама низ демократски процес, а не како резултат на воен конфликт, како што тие се фалат.

Понатаму, заменикот за евроинтеграции на Зоран Заев вели дека е првиот вработен лекар Албанец во Клиничкиот Центар во Скопје. Тоа е лажна вест.

Вистината е дека најмалку четири лекари специјалисти Албанци што ги познавам јас биле многу пред него вработени во Клиничкиот центар-Скопје. Можеби тој смета дека „сертификат за албанство“ треба да се зема само од него и од неговата партија.

Вели дека ДУИ вработил 26 илјади Албанци. Тоа е лажна вест!

Вистината е дека (бројот не е важен!) ДУИ вработил Албанци-ДУИ, иако за време на конфликтот Албанците беа во редовите на ОНА без ниту една партиска боја. Јас сум длабоко убеден дека во неговиот кабинет нема вработен Албанец од друга политичка партија, а такви ги има во кабинетот на Заев, па дури и во кабинетот на Мицкоски можеш некого да најдеш.

ДУИ-стите се фалаат дека го легализирале Тетовскиот универзитет, дека го основале Штуловиот универзитет. Лажна вест.

Вистината е дека ТУ е основан во просториите на ПДП, а легализиран (без ДУИ да побара!) од страна на Црвенковски.

Штуловиот универзитет е основан од двоецот Георгиевски-Џафери, тоа е вистинската вест.

ДУИ вели дека ја внеле Македонија во НАТО и сега на ред е ЕУ. Лажна вест.

Македонија во НАТО е заслуга на сите политички партии од  осамостојувањето на земјата. Посебни заслуги имаат Заев, Ципрас, Димитров, Коцијас никако ДУИ, иако и Османи сме го виделе често пати како непродуктивно трошеше пари за авионски билети  за едно „срдечно“ раковување со Коцијас. Можеби бил на шопинг во Солун!

Гоце Делчев и албанското кече

Конечно една радосна вест: Бугарија веќе „нема“ да стави вето на  одредувањето датум за почнување на преговорите со РСМ за членство во ЕУ. Заедничката комисија за толкување на историските настани  брзо ќе ја реши дилемата за етничкото потекло на Гоце Делчев. Лидерот на ДУИ овие денови на еден предизборен митинг ја „откри“ вечната дилема: Гоце Делчев бил Македонец кој носел албанско кече и често пати држал говор пред Албанците! Кај тоа Али го читал останува енигма. Ниту во историските дела на Ноел Малколм, ниту пат во комплетот на Јусуф Буџови можеш такво нешто да најдеш.

 Досега ние Албанците знаевме дека Питу Гули (Влав) всушност бил „албанецот“ Pjetër Gurri од „Илиндитското“ востание, а сега дознавме дека и Гоце бил наш. Така ние Албанците покрај славните Дуа Липа, Рита Ора, Али Паша - основачот на модерен Египет (овие денови и Борис Џонсон) на наше конто го зголемивме бројот на славните и со името на Гоце Делчев-само поради кечето.

O tempora, o mores!

Мухамед Халили

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе