Пред фактите и боговите молчат, зарем не?

Дали Борисов ќе го негира својот претходник, поранешниот премиер, генерал Рачо Петров и ќе продолжи да инсистира на заедничка историја која официјална Бугарија упорно настојува да ни ја подметне.

Колективниот стрес што го доживеавме како нација по најавите за заедничко славење на датуми, личности и настани од „заедничкото историско минато“ преоѓа во период на трезнење. По средбата на премиерите на Македонија и Бугарија во Софија громогласно се слушна тоа за заедничката историја. Полека, дома, ги слушаме и читаме оправданите жестоки реакции на македонските историчари, оние кои се добри и објективни познавачи на нашето минато и најповикани да проговорат за работите.

Не ме чуди настојчивоста на Бојко Борисов упорно да „јава" на тодор-живковската доктрина (впрочем тој како личен бодигард на Тодор Живков бил најблиску до изворот на таа доктрина) за негирање на македонската нација и безочно присвојување на сѐ што е македонско културно и историско наследство (покојниот м-р Драган Ташковски ваквиот однос на Бугарија сосема адекватно го нарекуваше „културен паразитизам"). Зачудува неговото непознавање, или можеби свесното игнорирање на некои работи што реално се дел од историското минато на Бугарија!?

Борисов очигледно се замерачил заеднички со нас да го слави нашиот најголем и најсветол историски датум и најголем државен и национален празник 2 Август, Илинден и тоа на Мечкин камен во историското Крушево.

Но, би го запрашале Борисов: Дали е свесен и дали неговите советници за историски теми (сепак тој самиот не е историчар) не го информирале за фактот дека самата Бугарија своевремено, пред точно 114 години (во 1903) пред меѓународната јавност, негираше каква било нејзина врска (на Бугарија) со Илинденското востание тврдејќи самата дека „тоа е  национално дело на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација". Еве доказ за ваквото тврдење.

Доказот за претходно изнесеното го најдов, верувале или не, зад екваторот, во далечна Австралија, а за првпат го објавив во книгата „Илинден 1903 во австралискиот печат“, М-р Мартин Треневски, издадена во 1998 oд Матица Македонска, стр. 75-78. Прилогот за кој станува збор што го презентирам е базиран на информација добиена од британската новинска агенција Ројтерс, а објавен е во дневниот весник „Сидни монинг хералд"  (The Sydney Morning Herald). Еве што напишав во споменатата книга:

„Извонредно значајна информација, особено од аспект на актуелните македонско-бугарски релации и ситуацијата со признавање на македонската државност, но не и македонската нација од бугарска страна, објавува „Сидни монинг хералд“ во бројот од 18 август 1903 што содржи седум поединечни информации и извештаи (станува збор за Илинденското востание). Извештајот е испратен од дописникот на Ројтерс од Софија под наслов „Став на Бугарија“ (Buglarian Attitude) и со поднаслов „Востанието чисто внатрешно“ (Rising Purely Internal).

Во овој извештај се цитираат делови од Меморандумот што го упатила Бугарија до Големите сили. Одбивајќи ги обвинувањата од Портата (т.е. Отоманската империја) за бугарска инволвираност во настаните во Македонија, во извештајот пишува дека „Портата треба да признае дека причината за востанието (во Македонија, М.Тр.) е лошата администрација (се мисли на лошото владеење на Османлиите, М.Тр), а не заговор од Бугарија“.

Веќе во вториот пасос од истиот извештај буквално стои: „Генералот Петров (ген. Рачо Петров, М.Тр.) премиерот на Бугарија, во едно интервју изјави дека бугарскиот став е апсолутно коректен. Нејзините граници (границите на Бугарија, М.Тр) се внимателно бранети. ВОСТАНИЕТО ВО МАКЕДОНИЈА Е ЧИСТО  В Н А Т Р Е Ш Н А  И  Н А Ц И О Н А Л Н А  РАБОТА НА МАКЕДОНСКИОТ ВНАТРЕШЕН КОМИТЕТ"!

Изјавата на генерал Петров уште поексплицитно ја пренесува, исто така на 18 август 1903, и весникот „Ди Ејџ“ (The Age) од Мелбурн каде вo четири поединечни извештаи практично се претставува самата генеза за објавувањето на реакцијата на генерал Петров. Имено, станува збор за реакција како одговор на Меморандумот упатен од рускиот министер за надворешни работи, грофот Ламздорф (Count Lamsdorff) до бугарската влада. Мелбурншки „Ди Ејџ", го цитира генералот Петров кој во својот Меморандум, освен веќе гореспоменатата изјава наведува и дека „неговата влада внимателно ја штити границата (со Македонија, М.Тр) за да спречи  илегални преминувања од Бугарија. Пушките што ги носат востаниците не се снабдени од Бугарија, туку се главно француски пушки што им ги продаваат на Македонците турските офицери бидејќи примале мали плати...".

И после ова што ќе рече Бојко Борисов. Дали ќе го негира својот претходник - поранешниот премиер, генерал Рачо Петров и дали како одговорен политичар ќе прифати декa пред фактите и боговите молчат, или и понатаму ќе инсистира на заедничка историја и слични глупости што официјална Бугарија упорно настојува да ни ги подметне!?

Да веруваме дека и македонската страна во меѓувреме ќе се отрезне од занесот за изнаоѓање заеднички решенија за историските датуми по секоја цена (без да води сметка за катастрофалните последици за нас како нација), за сите прашања содржани во договорот за пријателство што не е ништо друго, туку кукавичко јајце што ни го подметнува и со што нѐ уценува официјална Софија како и услов за да ја подржела Македонија во евроатланските интеграции.

П.С. Ѝ сугерирам на македонската страна во преговорите како наш предуслов за потпишување на тој фамозен договор за пријателство да побараме не само признавање на македонското малцинство во Бугарија, туку и враќање од Бугарија на сите реликвии што ни ги украдоа од црквата Св. Перивлепта (Св. Климент) во Охрид, вклучувајќи ја и круната на охридските архиепископи и од бројни други цркви и манастири ширум Македонија, златните наоди од Требеништа и.... списокот е премногу долг за да можеме да го објавиме во оваа прилика.

М-р Мартин Треневски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

повеќе

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе