Правното признавање на родот e клучнo за правата на трансродовите луѓе во Македонија

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

Сега е најдоброто време Република Македонија да започне со процесот на усвојување модел кој експертите и транс заедницата го дефинираат како сеопфатна законска рамка за правно признавање на родот, која ќе ги почитува фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

Радувајте се, преживеавме режим. Со овие зборови се поздравувавме минатата година во октомври кога ЛГБТИ центарот за поддршка го прославуваше својот петти роденден во присуство на премиерот. Една година подоцна, во октомври 2018, Скопје беше град домаќин на најголемата ЛГБТИ конференција во регионот, годишната конференција на ЕРА. Унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето беше темата на која дискутираа стотици ЛГБТИ активисти, родители на ЛГБТИ млади, претставници на владите, пратеници и пратенички, експерти од Западен Балкан и Турција. Една од клучните области на која се фокусираше дијалогот меѓу властите и граѓанското општество беа правата на трансродовите луѓе и заложбата на државите за законски решенија или модели за правно признавање на родот.

41 земји во Европа дозволуваат промена на ознаките за пол

Правното признавање на родот претставува процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот род. Со други зборови, правното признавање на родот претставува можност транс лицата (трансродовителица) да добијат документи за лична идентификација кои ќе го рефлектираат нивниот родов идентитет. До 2017 година, промена на ознаките за пол е овозможена во 41 земја во Европа. Но, таа во голем број земји е условена од барања кои длабоко задираат во правото на приватност, достоинството и телесниот интегритет на трансродовите луѓе. Па така, во 21 земја правото да се променат ознаките за пол е условено од стерилизација, 22 земји бараат оние кои се во брак да се разведат, а 34 земји имаат возрасна граница, односно малолетните лица немаат пристап до овие права. Кажано поинаку, трансродовите луѓе или мораат да се подложат на присилна стерилизација или да се разведат од своите партнери за државата да може да го испочитува нивното најинтимно чувство за себе. На тој начин, државите овозможуваат едно право на сметка на одземање серија други.

На својата 15 седница одржана на 22 април 2015 година Советот на Европа ги утврди стандардитекои државите мора да ги почитуваат при креирање законски процедури за правно признавање на родот. Парламентарното собрание на Советот на Европа ја уредува процедурата на следниов начин: да се развијат брзи, транспарентни и лесно пристапни процедури засновани на самоопределување, за промена на името и ознаките за пол на трансродовите луѓе во матичните книги на родени, во личните карти, пасошите, свидетелствата и дипломите за завршено образование и слични документи, овие процедури да се направат достапни до луѓето на кои им се потребни без разлика на нивната возраст, брачниот статус, финансиската состојба и слично. Токму ова препознавање на родовиот идентитет од страна на Советот на Европа претставува клучна точка во промената на парадигмите од медикализирани процедури (стерилизација, медицинско прилагодување на родот и слично) кон нови закони кои се засновани на концептот на човековите права.

Денес, Европа креира нова генерација закони засновани на концептот на самоопределувањекршејќи ја на тој начин традицијата на морализаторски и ограничувачки нормативни рамки. Репубика Македонија е една од десетте земји во Советот на Европа во која правното признавање на родот не е достапно. Од една страна, тоа ги доведува трансродовите луѓе во правна несигурност и надвор од системите за заштита, но од друга страна тоа е можност за креирање добар модел заснован на страндардите на Советот на Европа.

Стрес и понижувања на трансродовите лица

Правното признавање на родот на прв поглед делува како банална битка за административни процедури кои не го засегаат секојдневниот живот на луѓето. Сепак, искуствата на трансродовите луѓе говорат за поинаква ситуација. Правното признавање на родот е есенцијално за трансродовите луѓе да можат да живеат достоинствен живот. Во Македонија, личната документација значи пристап до најосновни добра и услуги. Во случаи на отсуство на документи кои го рефлектираат нашиот род или родовиот идентитет како личната карта, пасошот и матичниот број, учеството во општествениот живот станува проблематично.

Истражувањето „Трансродово искуство: идентитети, тела, насилство и социјализација“ на Коалицијата Маргини покажа дека еден од најчестите проблеми со кој се соочува оваа група е проблемот со ознаките за пол во личните документи. Учесниците во истражувањето посочуваат различни ситуации, во банки, при користењето јавен превоз, во здравствени установи, при средби со полициски службеници, на шалтер во различни институции итн. Речиси без исклучок ваквите ситуации се стресни и понижувачки за испитаниците, бидејќи мора континуирано пред непознати службеници и непознати лица кои ќе се најдат во институцијата да го објаснуваат својот идентитет и да ја бранат својата идентификација. Дел од испитаниците кои самите директно не се нашле во ваква ситуација, го истакнуваат стравот од таквата можност, особено доколку би се случило при средба или легитимирање на полициски службеник. Несомнено, секојдневието на транс луѓето го карактеризираат искуства на исклучување и насилство при откривање на нивниот статус, но и лишување од основните добра и услуги заради страв од реакциите кои често вклучуваат исмејување, дискриминација и насилство. Така, голем дел од нив не посетуваат лекар (заради податоците во здравствената книшка), избегнуваат да патуваат надвор од државата (заради податоците во пасошот) и не користат трансакциски сметки во банки (заради податоците во сметката и личната карта). Со други зборови, нивното здравје, мобилноста и благосостојбата се нарушени, а нивните животи се лишени од квалитет и достоинство.

Во Македонија е дозволена промена на името, но промената на ознаките за пол во матичниот број и личната карта не се правно регулирани, а одлуките на Управата за водење на матични книги, контрадикторни. Па така, во еден случај Управата му дозволила на едно лице да ја изврши промената во ознаките за пол, а за идентичен случај на друго лице не му дозволила. Во други два случаи, Управата се самопрогласила за ненадлежна и ги одбила барањата на подносителите. За овие две негативни одлуки на Управата, судот има донесено позитивни пресуди во корист на подносителите на тужбата и ѝ наложи на Управата да изврши промена на податоците. И покрај успехот на овие два случаи, овие лица мораа да поминат неколкугодишна голгота за да остварат фундаментално право и да живеат достоинствено и побезбедно. Токму заради тоа, транс заедницата во Македонија заедно со Коалицијата Маргини и други заинтересирани страни започнаа процес за застапување, за модел за правно признавање на родот.

Моделите на Данска, Малта и Ирска

Поаѓајќи од фактот дека во Европа веќе се имплементираат првите закони што ги рефлектираат потребите на транс луѓето, нашата држава може да ги искористи добрите практики за развивање модел кој ќе биде корисен за сите членови на нашето општство. Анализата на позитивните практики за правното признавање на родот покажа дека Данска, Малта и Ирска донесоа закони што предвидуваат брза, транспарентна и лесно пристапна постапка. Правниот и политичкиот контекст во сите три земји е различен, но она што ги поврзува е фактот дека во текот на целиот процес на подготовка и донесување на законите е вклучена и транс заедницата. Она што е карактеристично, посебно во Малта и во Ирска, е што промената на политичката волја за отпочнување на процесот на донесување законска рамка за правно признавање на родот се случува со преземањето на власта од страна на левоориентирани политички парти, кои својата програма ја темелат на човековите права. Токму затоа, сметаме дека е најдоброто време Република Македонија да започне со процесот на усвојување модел кој експертите и транс заедницата го дефинираат како сеопфатна законска рамка за правно признавање на родот, која ќе ги почитува фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето. Една од клучните позиции во програмата на актуелната влада на Република Македонија е „Едно општество за сите“. Трансродовите луѓе мора да бидат дел од оваа визија.

д-р Ирена Цветковиќ

 

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе