Позитивен пресврт со дел од 4-от сет мерки

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

Тргнувајќи од досега преземените мерки, но и овие од четвртиот сет, а имајќи ги предвид состојбите и укажувањата на компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија за очекуваното продолжено негативно влијание врз стопанството предизвикано од корона кризата, позитивен е пресвртот дека во дел од мерките поддршката нема да се однесува само на краткорочни мерки за санирање на последиците од кризата, туку се предвидуваат и системски реформи кои би се однесувале на целото стопанство.

Најавеното намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали (измена на Царинската тарифа) е едно од приоритетните прашања за кое Комората има покренато барање да се пристапи кон ревидирање на царинските стапки. За извозно ориентираните компании, кои реално и сега и во иднина ќе ја држат економијата на нозе, оваа мерка е силна поддршка која значително ќе влијае на зајакнување на конкурентноста на домашните производи и можност за нивно поголемо присуство на странските пазари. Имено, ако производството на нашите компании кои се извозно ориентирани е силно условено од увоз на суровини, репроматеријали и опрема кои не се произведуваат кај нас, а истите често се увезуваат од некои азиски држави или други земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина, а од друга страна царинските стапки кај нас се поголеми од оние кои се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ, нашата земја станува неконкурентна како локација за инвестиции и дополнително ги прави неконкурентни македонските производи, во споредба со земјите-членки на ЕУ.

Како втор приоритет би го истакнале предвиденото намалување или укинување на дел од парафискалните давачки како предвидена мерка, што е повеќегодишно барање на Стопанската комора на Македонија. Бидејќи спроведувањето на оваа мерка дополнително ќе се разработува, Комората целосно ќе се вклучи во овој процес, тргнувајќи од податокот дека за оваа тема има изработено целосна анализа. Првиот чекор е да се пристапи кон промена на законската и подзаконска регулатива која е поврзана со неданочните и парафискалните давачки. Потоа, да не може да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки кои ги носи Владата. Со ова значително ќе се ограничи можноста и денес воспоставената пракса каде различни органи или носители на јавни овластувања директно влијаат на бројот и основните елементи на одредени давачки. Преку воспоставување на Регистар на неданочни давачки ќе се направи и соодветна финансиска анализа и ќе се донесат соодветни решенија за оправданоста и целисходноста од постоење и воведување на одредени надоместоци и давачки, односно нивно укинување, бидејќи одредени давачки и сега покажуваат дека не поседуваат фискален капацитет, т.е. не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок, како за државната администрација која го утврдува и наплатува, така и за обврзниците кои ги плаќаат.

Од вкупно предвидените 30-тина мерки, покрај поддршката за исплата на плати за последниот квартал од годината, викенд без ДДВ и неколкуте мерки за помош на туристичко-угостителскиот сектор (враќање на туристичката такса за 2019 година, грантови за туристичките агенции и за рестораните кои организираат свадби, намалување на ДДВ-то за ресторански услуги и служење храна, плати за туристички водичи), како позначајни мерки за поддршка на стопанството се издвојуваат следните:

- намалување на увозните давачки за природен гас (во рамки на мерката за намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали);

- нови 100 милиони евра поволни кредити кои ќе бидат на располагање на компаниите преку Развојната банка;

- државна гаранција за кредити за поддршка на компаниите - преку комерцијални банки (65 милиони евра / 10 милиони државна гаранција);

- гарантна шема - гаранција за обезбедување царински долг (25 милиони евра - 3 милиони државна гаранција);

- одложување на плаќање на аконтациите на данок на добивка до март 2021 година;

- одложено плаќање на ДДВ за 7 дена по поднесување на ДДВ пријавата;

- зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход;

- признавање на расходите за тестирање како признаен расход за целите на данокот на добивка.

Стопанската комора на Македонија ги има иницирано овие значајни реформи во насока на зголемување на ликвидноста и конкурентноста на компаниите, што е сериозен чекор напред за реално решавање на проблемите и потребата од сериозна поддршка за стопанството.

Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе