Потребен ли е Хајд парк за говорот на омраза

Tреба ли судството да ги казни Тони Михајловски, Миленко Неделковски и Билјана Ванковска, поради нивните јавно изнесени ставови?

Трауматичното искуство од повеќегодишното толерирање и стимулирање на говорот на омраза кон политичките опоненти на Никола Груевски и владеачката ВМРО-ДПМНЕ, по промена на власта, постои опасност да застрани во друг екстрем - премногу ревносната законска интервенција во јавниот говор, под закрилата за борба против говорот на омраза, да ја загрози слободата на говор и да почне да создава чувство на автоцензура кај слободно мислечките граѓани. Зошто и во кои ситуации е пожелно говорот на омраза да биде толериран?

Случаите со изјавата на актерот Тони Михајловски дека би го убил новинарот Бранко Тричковски, Фејсбук статусот на новинарот Миленко Неделковски за смртоносниот пожар во Атина и статусот споделен на истата социјална мрежа од професорката Билјана Ванковска по сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци, освен што во јавноста предизвикаа коментари со осуди, беа и првите примери, по промена на власта, кога државата институционално реагирала на јавни изјави за кои постоел сомнеж дека имале елементи на говор на омраза. За случаите Михајловски и Неделковски Јавното обвинитество соопшти дека поднело обвинителен предлог, додека статусот на Ванковска неофицијално спаѓа во петте случаи за кои МВР отворило постапка за ширење говор на омраза.

Разбирлива е реакцијата на јавноста, но...

Македонското општество помина еден трауматичен повеќегодишен период на целосна девастација на демократското уредување и правната држава, во кое поединечни роднинско-партиски интереси потполно ги суспендираа институционалните механизми за неутрално, објективно и правно-правично уредување на односите меѓу различните општествени чинители. Во така создадениот општествен амбиент, злоупотребата на државниот репресивен апарат и продуцирањето на омраза кон секој противник на роднинско-партиските интереси беше дел од добро осмислената и систематски спроведена технологија на владеење со перманентно индуциран страв кај граѓаните. Говорот на омраза и насилството од омраза кон инаку мислечките и политичките опоненти синергички беа дел од репресивниот инструментариум, синонимно именуван како груевизам. Од многуте примери за политичко насилство, на кои им претходел говорот на омраза, највпечатливи се тепањето на студентите на Плоштадот Македонија, и „Крвавиот четврток“ во Собранието, хронолошки означувајќи го почетокот и крајот на „годините на опасно живеење“ во поранешна Република Македонија.

Оттука, после една ваква трауматична блиска историја, со сѐ уште свежо сеќавање на преживеаното политичко насилство, разбирливо е граѓаните да бараат нулта толеранција кон говорот на омраза и бурно да реагираат на секое јавно искажано мислење што имплицира на насилство или немање емпатија за туѓата несреќа. Меѓутоа, долгорочна хиперсензибилизираност на мнозинскиот дел од јавноста и барање за судско санкционирање на секое јавно изнесено мислење кое за нив е шокантно и е надвор од тековите на главната општествена струја, може за демократијата да има повеќе штета отколку полза.

Говорот на омраза како форма за општествена критика

Поинаквото мислење со кое не се согласуваме, кое шокира, кое згрозува, но мора да се толерира - е цената која демократијата секојдневно ја плаќа, и поради кое ја прави супериорна во однос на репресивните државни уредувања. Понекогаш толерирајќи и говор кој оди по тенката линија на законитост, но и преоѓа од спротивната страна на дозволеното. Таткото на либералната мисла, Џон Стјуарт Мил, во своето дело За Слободата, можеби го има ненадминливиот аргумент во корист на инструменталната вредност на слободната дискусија која не подразбира било каква рестрикција. Тој убедливо аргументира дека откривањето на вистината и напредокот на разумот кај човекот зависат од постојаната конфронтација на идеи и можноста за критика. Со оглед на нашите епистематски ограничувања, ние треба да бидеме изложени на различни гледни точки и да разговараме со други за да ги видиме недостатоците на сопствените верувања. За него, дури и демонизираните и погрешни мислења не треба да се замолчат затоа што тие нѝ овозможуваат да ја утврдиме вистината со поголема јасност и сила.

ГГоворот на омраза е дел од комуникацискиот процес и е составен од два збора: говор и омраза. Тоа се две именки кои во легалистичка смисла се исклучуваат: слободата на говорот е нешто што се дозволува и гарантира, додека омразата од било каков вид и кон било кого се санкционира. Дали во демократскиот дискурс е дозволено да дојде до нивна симбиоза, при што би се добил нов семантички и правен ентитет - слободен говор на омраза? Во својот обид да даде одговор, професорката по филозофија на правото, Џозелин Меклер, вели дека тоа е цената која ја плаќаме за да живееме во либерално општество. „Можеме да имаме фанатичен или расистички говор, кој, без сомнение, е ужасен и невкусен, но законот не треба да се применува за такви изјави ако никој не е повреден поради искажаното. Ако некој му наштети на друг, под влијание на ксенофобични пораки, лице кое законски е одговорно е сторителот на нападот, а не оној што ја изјавил ксенофобичната порака. Зборовите се дела, но тие самите не предизвикуваат физички повреди и штети“. За неа поголема закана за демократијата од говорот на омраза е опасноста легислативата против говорот на омраза да се злоупотреби и да има застрашувачки ефект врз јавниот говор што би поттикнало на автоцензура, која може да ја наруши личната автономија и да нѐ лиши од корисни контроверзни гледишта. Честите осуди дека сте антисемитист, ако го критикувате Израел за убиствата на Палестинци, се потврда дека стравот на Меклер е основан.

Другата опасност од која стравуваат поддржувачите на т.н. Милови „Принципи на штета“ е дека законодавството против говорот на омраза се толкува премногу широко и се претерува во санкционирањето на искази или прикази кои се груби и агресивни, но не предизвикуваат штета во соодветна смисла. Според нив, грубите зборови, иако се одвратни, тие, понекогаш, се потребни, бидејќи можат да бидат моќни форми за општествена критика. Покрај тоа, дури и кога суровата критика, злобата или исмејувањето не се особено корисен придонес за јавната дебата, демократските граѓани треба да развијат граѓанска издржливост и отпорност за да се справат со навредливите експресивни акти.

Кога лечењето е полошо од болеста

Кога се аргументира зошто говорот на омраза треба да се санкционира, се тргнува од претпоставката дека таквиот говор може да ефектуира вербалната омраза да се трансформира во физичко насилство. Меѓутоа, во своето објаснување публикувано во трудот „Дали лечењето е полошо од болеста: забраната на говорот на омраза може да го зголеми насилството“, професорот по право, Гордон Денинг, наведува бројни докази и тврди дека цензурата и демонизацијата на одредена група на омраза е контрапродуктивно бидејќи имаат тенденција да доведат до повеќе насилство, а не помалку. „Ускратувањето на правото јавно да ги споделат своите политички ставови, под изговор дека е тоа говор на омраза, за нив претставува неправда која владата и општетвото им ја нанесуваат и на која, како што тие сметаат, имаат право да се спротивстават со сила“. Денинг своето тврдење го поткрепува и со студијата на Центарот за истражување на екстремизмот од Универзитетот во Осло, во која се разгледувало различното ниво на десничарскиот терор и насилство во осумнаесет западноевропски држави, помеѓу 1990. и 2015., при што се дошло до заклучок „кога регуларните канали за пристап до политичкиот систем се блокирани, екстремните форми на политичко насилство се сметаат за неопходни“. Оттука, како што заклучува Денинг, „клучниот прв чекор во одговорот на екстремистите е да се стремиме да ги третираме таквите поединци со почит, но не и нивните идеи. Бидејќи, после сѐ, овие луѓето се јасно вознемирени за нешто“.

Секако дека има и автори кои наоѓаат поврзаност помеѓу постоењето на екстремно десничарските групи на омраза и појавата на насилство кое идеолошки и припаѓа на екстремната десница. Меѓутоа, исто така е вистина дека други истражувачи не успеале да најдат поврзаност помеѓу групите на омраза и злосторствата од омраза и дека поголемиот дел од злосторствата од омраза се извршуваат од групи на млади кои насилството го сториле под дејство на алкохол или затоа што им било здодевно.

Како заклучува Меклер, „законот треба да го признае правото на слободен говор скоро како апсолутен. Исклучоците треба да бидат ретки како детската порнографија или слободата на говор да не значи и право на објавување на кодови за нуклеарни лансирања. Но, во повеќето области, каде што невладините активисти повикуваат на наметната учтивост или, уште полошо, покорување, треба да се пружи отпор“. И за професорот Роланд Дворкин, можноста за изразување на ставови, емоции, предрасуди и други афективни состојби, мора да биде заштитена со правото на слободен говор.

Говорот на омраза не е само правен проблем

Други аргументи кои го поткрепуваат ставот дека во одредени ситуации е подобро говоророт на омраза да биде толериран отколку санкциониран, се објаснува дека е покорисно тој да се има на отворено, отколку да е прикриен и да не се знае кога ќе избие во насилство. Со самото тоа што некој јавно истапил со говор на омраза, тој и се демаскирал и открил јавно, и полициските и правосудните органи можат да го маркираат како потенцијален извор на насилство. Многу поопасно за општеството е кога не знаете што мислат луѓето и што се подготвени да направат. Оттука произлегува и нивниот заклучок дека познатиот расист е помалку опасен од анонимниот расист.

Во други случаи може да се слушне и дека говорот на омраза е корективна мерка која служи како начин за исфрлање на притисокот. Говорникот „го исфрла бесот од себе“ и мора да му се дозволи да најде безопасен излез само во зборовите. Потиснувањето на гневот само значи дека подоцна е можно да се појави во поопасна форма како физичко насилство. Овие теоретичари на говорот на омраза, нивните аргументи ги илустрираат со примерот на резервоарите и пумпите на пареа кои работат под притисок и кои се побезбедни откако ќе ја испуштат пареата. Во тој поглед, наши вентили, каде поединци, кои користат говор на омраза, би го испуштиле притисокот, се социјалните групи и тн. “chat room”-ови. Доколку овие социјални мрежи им пружаат можност да се ослободат од својата фрустрација и поминат низ катарза, тогаш таквите дискусиони форуми се позитивни за општеството и не треба да бидат цел на забрана. Конечно, секој психијатар како дел од терапијата која ја предлага секогаш и советува доколку од нешто сте нервозен или повреден, слободно да ја исфрлите фрустрацијата од себе со тоа што ќе се извикате, испцуете, исплачете. Потиснувањето на лошите чувства само води кон (авто)деструкција.

Меѓутоа, проблем кај нашата стручна јавност е што говорот на омраза се третира како иманентно правна категорија и целата дискусија се сведува на правна аргументација. Со оглед дека голем дел од нашите правници се ограничени во нивниот научен светоглед (субјективно мислење на авт.), без желба на проблемот да му пријдат интердисциплинирано и холистички, како резултат на што им е ограничена и секаква широчина во размислувањето, а професионалното резонирање им се сведува на „сѐ што е со закон забрането, тоа е и недозволено“, затоа ја имаме и постојната ситуација да било каква поинаква јавна дискусија од нивната, најчесто биде стигматизирана дека е „флерт со ѓаволот“. А и тоа како имаат што за проблемот со говорот на омраза да кажат социјалната психологија, когнитивните науки, психијатријата, политичката лингвистика, комункологијата, политикологијата. Поседувајќи ја таа широчина, социологот и правник Дејвид Рисман предлага „судовите да вклучуват и социолози кои би го испитале социолошкиот контекст. На пример, тие би можеле да ја испитаат репутацијата на предметната група, моќта на медиумот и сл.“.

Кој зборува, а не што зборува, треба да биде санкционирано

Како треба да се третира говорот на омраза во нашето општество, односно кога и зошто треба да биде толериран? Како што рековме, опасноста од говор на омраза не е самиот говор кој промовира омраза, туку потенцијалот кој го има да се трансформира во насилство од омраза. Затоа, судијата кога ќе треба да носи пресуда дали обвинетиот, кој користел говор на омраза, треба да добие осудителна пресуда, треба да процени дали таквиот говор имал потенцијал да предзивика насилство од омраза, односно дали се останало само на говор или омразата довела до повреда на физичкиот интегритет на другиот. А, тоа на судот не би требало да му биде тешко да го утврди, доколку се води од следниве критериуми:

  1. Дали оној кој употребил говор на омраза во моментот на говорење поседувал реална општествена моќ која му овозможувала изговорената омраза да ја трансформира во насилство.
  2. Дали оној кој употребил говор на омраза во моментот на говорење имал моќ и влијание да изврши мотивација на негови истомисленици и следбеници самоиницијативно или организирано да го трансформираат таквиот говор во насилство од омраза.

Исполнувањето на една или на двете наведени точки не значи дека и задолжително ќе доведат говорот на омраза да се трансформира во дело од омраза, но јасно ја издвојува општествената групација која има потенцијал да предизвика насилство со употреба на говор на омраза и кон нив прагот на толеранција на судството треба да биде минимален, па и нулти. Но, и vice versa, оној кој како поединец или припадник на групација која е маргинализирана, не поседува реална општествена моќ, логично е и дека можностите својот говор на омраза да го трансформира во насилство од омраза да му се далеку помали. Затоа, кон таквите случаи треба да постои поголема толератност кога ќе се појават во судница.

Најопасна појава за едно демократско општество е кога власта која има монопол на сила и принуда ќе се јави во улога на инспиратор, промотор, па и организатор на говор на омраза. Тогаш, одбраната на демократијата е во рацете на независното судство кое мора да го санкционира државниот или владеечкиот говор на омраза кон опозицијата или кон оние кон кои е упатен.

Независен, а не преки суд за говорот на омраза

Оттука, треба ли судството да ги казни Тони Михајловски, Миленко Неделковски и Билјана Ванковска, поради нивните јавно изнесени ставови? За да се даде одговор на прашањето најнапред треба да се утврди нивната општествена позиција, репутација и моќ.

Тони Михајловски е припадник на опозициона политичка групација, но и како поединец нема никаква моќ заканата со убиство да ја реализира, ниту е препознаен како насилник кој во минатото извршил насилство или пак убил некого од било кои мотиви, а најмалку поради различни политички ставови. Кога ќе се земе во предвид и професионалната дејност со која тој се занимава, тогаш инкриминираната изјава треба да се гледа како изблик на театрално-актерски патос и реторички егзибиционизам, а не како реална закана за убиство. И прв кој треба да застане во негова одбрана е самата „жртва“, Бранко Тричковски, кој во обратна ситуација, кога беше припадник на критичкото и опозиционо мислење кон претходната власт и самиот, во моменти на немоќ и фрустрација од неправдите, користел говор на омраза и повикувал на убиство на политичкиот противник. Сега, општествените улоги им се заменети, и од тие причини секаква слобода на говор, па и на оној кој содржи омраза од позиција на послаб кон помоќен, од опонент кон власт, треба да наиде на поголемо општествено разбирање. Особено кога е јасно дека говороот на омраза нема никаков потенцијал да се трансформира во убиство. Или, ако Тричковски навистина стравува за својот живот, тогаш нека поднесе приватна кривична тужба против Михајловски, исто како што во неодамнешната секс афера направи фудбалерот Огњен Врањеш, по заканите со убиство од старлетата Јелена Карлеуша.

Во однос на Миленко Неделковски времето кога тој требаше судски да биде санкциониран за користење говор на омраза е поминато – тоа е времето кога тој беше на ТИ со премиерот Груевски. Сега тој е само една маргинална појава, без никакво политичко влијание, меѓутоа и промотор на алтернативни политички гледишта (што е добро за демократијата!) и затоа неговите јавно споделени ставови, колку и да шокираат со својата бесчувствителност, во дадените општествено-политички констелации треба да се третираат како слобода на говор на контроверзни ставови. Јавноста може да ги осудува или да се согласува со нив, но тука нема случај за судот.

Реакциите на статусот на Ванковска беа типичен јакобински терор - на гилотина!, без да ѝ се даде право да ја дообјасни метафоричната и недоволно јасно искажана мисла. Тоа беше брутален упад во робеспјеровски манир на „револуционерниот преки суд“ во слободниот јавен говор, но и симулирана општествена стварност (македонски Матрикс) - што ги чека сите поинаку мислечки ако оваа леснотија со која се лепи етикетата за говор на омраза помине во хистеричен „лов на вештерки“. Страшно е што тој лов имаат амбиција да го вршат со скудно образование цивилни активисти, а на судот му се наложува, под притисок на „демократската јавност“, да биде послушен егзекутор. Суд кој се инструментализира да санкционира кај послабите наводен говор на омраза, а да амнестира фактичко насилство од омраза на моќни политичари и пратеници.

д-р Ненад Живановски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе