Пoраките на Никола Јонков Вапцаров

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

Никола Јонков Вапцаров (Банско, Пиринска Македонија,1909-1942, Софија) е знаменито и многустрано прифатливо и гласовито поетско име. Неговото дело се слави кај нас, во Македонија, за која заносно пееше, тагуваше и копнееше; неговото дело се слави и во Бугарија на чиј јазик е напишано. Тоа стана синоним и за другите литератури, каде што е преведено, зашто проблесна со силните тематски и естетски специфики и одбележа значајна етапа во дваесеттиот век.

Стиховите на овој поетски великан се преведени на над педесет јазици во целиот светот и претставуваат блескаво поглавје на балканската лирика создавана меѓу двете светски војни. За неговиот живот и големото дело пишувале истакнати литературни зналци. Објавени се повеќе монографски изданија во Бугарија и во Македонија. Кај нас, за животот и творештвото на Никола Јонков Вапцаров, континуиран интерес пројавуваат повеќемина истакнати писатели, научници истражувачи и толкувачи на литературата. По овој убав повод ќе го споменеме големиот влог на академиците Димитар Митрев, Гане Тодоровски, Блаже Ристовски и Георги Старделов.

Во годините на неговото приопштување на јазикот на неговите предци (континуирано од 1957 година па сè до денес) од извонредните мајстори на перото, Гане Тодоровски и Блаже Ристовски, тој се вгради во нашата средина и стана неодминлив дел од целокупната македонска книжевна реалност.

Името на Никола Јонков Вапцаров денес е заштитен знак на многу наши институции: градски и училишни библиотеки, основни и средни училишта, просветни установи, културно-уметнички друштва, литературни клубови. Тоа име не потсетува на долготрајната борба за освојување на високите стандарди во поезијата и за заемното проткајување низ вековите на балканските народи. Но, во исто време не потсетува и на суровоста на режимите во поглед на слободата на мислењето и на непрестајната борба за постигнување на светите идеали во животот.

Вапцаров е предвесник во поглед на организирањето на творечки план на македонската емиграција во Бугарија. Значајно поглавје за нашата литература претставува формирањето на Македонскиот литературен кружок во Софија во 1938 година. Во него, покрај Вапцаров, членуваат и писателите: Ангел Жаров (Михаил Сматракалев), Антон Попов, Ѓорѓи Абаџиев, Тодор Јанев, Кирил Николов, Асен Шурдов-Ведров, Антон Великов-Беломорски, Иван Керезиев и Васил Александров. Кон оваа група на литературни дејци подоцна ќе се приклучат Венко Марковски и Коле Неделковски. Исто така во работата на овој кружок учествувале и свој придонес имале и неколкумина врвни бугарски интелектуалци, меѓу кои посебно место зазема името на Тодор Павлов, кој како гостин пред членовите одржал предавања за социјалниот реализам. Организираните активности на овој кружок ги бележиме од 1938 сè до 1941 година.

Според Гане Тодоровски, Македонскиот литературен кружок е „единствената македонска национална илегална писателска асоцијација меѓу двете светски војни, едно вонредно светло поглавје во развитокот на новата македонска литература, смело и потребно здружување на млади, напредни и претприемчиви луѓе, наполно свесни за својата висока мисија во идејното, национално-политичкото и културно осветлување и оспособување на својот вековно обесправен народ, наполно подготвени да втиснат во текот на пресудните години од борбата за слобода свој печат, свој удел, своја визија“. Преку секојдневното дружење младите ентузијасти расправале за литературните и за општествените и националните предизвици на времето. Од таа нивна активност, тестаментално значење има рефератот на Никола Вапцаров прочитан на основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во октомври 1938 година. Посочувајќи ги главните насоки за организираното дејствување на групата писатели собрани во овој кружок, тој децидно ќе порача: „Треба да ја изградиме националната свест на Македонците. Светот треба да разбере дека сме ние одделна нација, одделен народ, со свои особени квалитети што не одделуваат од другите Јужни Словени. И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

Посебна и многу важна улога за литературните процеси имаат текстовите на Антон Попов. Како автор со јасна критичарска промисла и оцена, тој опширно ги анализира поетските творби на Ангел Жаров, Кочо Рацин, Никола Вапцаров и Коле Неделковски, констатирајќи дека творбите на знаменитите писатели говорат за „еден изминат пат“, малку познат на широкиот литературен и читателски свет. Нешто ново и непознато. Меѓутоа, оние што од поблизу го гледаат тој развиток не можат, а да не се исполнат со радост и надежи. Една земја, која на политичката арена пролеа многу крв, која поминува преку многу страдања и конвулзии, која мораше херојски да ги брани својот род и својот јазик сега ги вдахновува со своето име за творештво имињата собрани во овој зборник. За нив постои една-единствена тема: Македонија. Тие имаат еден идеал: да создадат своја родна литература, која ќе ги изразува бранувањата и тагите на поробениот народ, страдањата на бегалците во туѓина, копнежот за враќање во татковината, борбата за слобода на поробените внатре, нивниот живот и бит, нивните стремежи. И на тој пат тие се раскрилени од еден чист идеализам, со сиот дар, со сето свое вдахновение на творци“.

Вапцаров е душата на значајното поглавје во македонската литература – Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој се поставени темелите на модерната македонска поезија. Неговото самочувство за националната припадност е особено изразено во песните напишани во неговата младост, каде што со восхит пее за убавините на својата татковина, распослани меѓу Пирин, Струма, Преспа, Шара и Воден. Во возбудливите стихови од циклусот „Песни за татковината“, тој со вознес ја гради својата национална позиција и својата национална самосвест.

Со целокупното свое творештво и со јавното истапување, Никола Ј. Вапцаров отворено и недвосмислено ја искажува својата македонска припадност. Тоа негово чувство доаѓа до израз особено во песните „За родината“ и „Земја“. Во вториот циклус од „Моторни песни“ објавува уште пет песни, а во посмртно публикуваните Избрани стихотворенија во 1946 година се застапени уште седум песни со истата тематика. Вапцаров пишуваше на бугарски јазик и, како што велеше Димитар Митрев, со неговата поезија не треба да се манипулира. Нејзините носивости и силни пораки се од поширок естетски досег.

Песната „Земја“ е најилустративна потврда за оваа констатација:

 Таа земја

       сега што ја чекорам,

таа земја

        в пролет што ја буди југот

таа земја – своја не ја знам,

таа земја,

        простете: е туѓа!

Над мојата земја,

        до небото

        Пирин се крева.

Боровите в бура

        илинденски приказни пеат.

Над Охрид модрината

        во просторот се слева,

а подолу уште

        на Егејот далги се леат...

Како и неговиот славен претходник Григор Прличев, и тој немаше своја постојбина. Првиот своето антологиско дело Сердарот го напиша во втората половина на XIX век на грчки јазик, а Вапцаров своите стихови За татковината и Моторни песни ги објави во првата половина на XX век на бугарски јазик. Таа нивна вонвременска средба во слободна Македонија ги обединува нивните високи национални стремежи и идеали. Кон овие знаменити имиња на македонскиот дух беспоговорно треба да ги додадеме и прозните остварувања на американскиот писател од македонско потекло Стојан Христов. Тоа се три култни книжевни индивидуи, кои по приопштувањето на нивните дела на современ македонски литературен јазик целосно се вградија во својата матична земја. Тие станаа лектирни автори, врз кои се засноваат значајни и неодминливи творечки процеси. Судбината сакаше според дарбата и знајбата, секој на свој начин да стане препознатлив знак во средината каде што живееше и твореше. Тоа говори за нивниот виспрен творечки дух. Иако пишуваа на други јазици (Прличев на грчки јазик, Стојан Христов на англиски, а Вапцаров на бугарски јазик), по своите тематски определби и по своите сфаќања и пораки никогаш не се одвоија од родната земја, од својата Македонија.

Моево кажување ќе го завршам со цитат од рефератот на Вапцаров, во кој големиот поет, обраќајќи им се на своите истомисленици, ќе ги искаже следниве констатации: „Ние треба да ја познаваме историјата и најмногу историјата на нашето национално-револуционерно движење – Илинден, Гоце, Даме, битките, нивната смрт, и подвизите на многумина непознати. Треба да се создаде таканаречената револуционерна романтика, којашто е составен дел од уметничкиот реализам... Но, не заборавајте дека не сме само ние. Не заборавајте дека ако со нешто си го покажете постоењето, своите напори, одоздола ќе никнат други, коишто далеку ќе нè надминат... Ние сме Македонци. И нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза.“

Овие пророчки зборови на Никола Јонков Вапцаров се обвистинија пет години по неговата смрт во 1947 година, во слободна Македонија, со формирањето на Друштвото на писателите на Македонија. Всушност, неговите визионерски идеи на најубав можен начин се обнародија во современите и модерни процеси на македонската литература создадена во слободниот и забрзан тек во изминативе децении. Поетското дело на Вапцаров, натопено со космополитски дух, стана неделива наша целина. Тоа има препознатлив код, изграден систем на вредности и зрачи со далекосежни книжевни пораки.

 

Раде Силјан

(На денешен ден пред 79 години на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски интелектуалци и патриоти.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе