Помирување, не благодарам

Кој беше против осудата на комунизмот. За работите да станат појасни.

Еднаш запишав дека во Македонија сеќавањето е проклетство - имагиниран топос резистентен на процесот на промените.

Без него се обезбедува и одржува терапевтската носталгија по минатото и нејзин континуитет. За жал, во Македонија државно спонзорираното сеќавање останa доминантно средство на интелектуално и духовно поробување на народ во транзицијата.

Дваесет и осум години подоцна македонскиот парадокс на вешто одржуваниот комунистички монопол на државно контролираните сеќавања за минатото, полека се затвора. Поточно, се обидуваат да го затворат, бришејќи ги корените на нашето постоење. Оние кои сиве години се продаваа за „државотворни“ ја предадоа државата. Им ја понудија на тацна на оние што историско го одрекуваа нашето постоење. Им го предадоа брендот Македонија.

Наследниците на старата добра комунистичка номенклатура предолго вешто манипулираа со нашето сеќавање и вистина за минатото. Она минато кое им тежеше и од кое се срамеа. Поточно, се срамеа од своето потекло, но не и од својата улога во него. За нив сеќавањето за минатото и историјата не беше ништо друго освен средство за легитимизација на нивното владеење, и средство низ кое се обидоа да ја толкуваат својата улога во комунистичкото владеење како највисока и најпрогресивна фаза на историскиот развој на македонскиот народ.

Со ваква ментална матрица влегоа во транзицијата и сиве години вешто манипулираа со вистината за тоа минато. За да се заштитат себе и својата улога во тоа минато ја жртвуваа меморијата на еден цел народ.

Нѐ оставија без сеќавање за нашето потекло нудејќи друг да ни ја испишува вистината за нас, со цел да ни креира нова меморија и нови сеќавања за нашето постоење. Веќе стана очигледно дека меморијата и сеќавањето за минатото заробена од „државотворните“ не успеа да ја рехабилитира македонската национална држава во политичката сфера и во процесот на градење демократија во сиве години на транзиција. Никогаш и не им било цел. Затоа така лесно се откажаа од неа.

Вистината за „државотворните“ кои ја испишаа новата иднина на некогашната држава Македонија лежи во фактот дека ние никогаш поради нив не се справивме со нашето комунистичко минато. Останавме држава на субјективно ниво на лични спомени за минатото што беа проектирана како државотворна вистина во транзицијата. Ние сме единствената држава на пост комунистичкиот блок во Источна и Централна Европа што не виде спектакуларни политички кампањи кои играа на претпоставената или вистинска соработка на истакнати јавни личности со поранешните комунистички тајни служби. Ние никогаш не се оградивме и не го осудивме нашето комунистичко минато на меѓународен план. Кога некој зборува за режим и фашизам во Македонија нека ја види резолуцијата на Советот на Европа 1.481 од 2006 година и нашата позиција во овој процес. И кој беше против осудата на комунизмот. За работите да станат појасни.

Легитимноста на новиот демократски поредок во транзициска Македонија не беше заснована на отфрлањето на нашето комунистичко минато во целина. Ние никогаш не го третиравме и прикажавме комунистичкиот период како историско искривување, интерлузија, аберација од претпоставениот природен пат на националната историја. Зашто само на тој начин комунистичката културна и политичка елита можеше да се вклопи без проблеми во новиот демократски амбиент во државата. И, искрено да го загади. И, конечно да го затвори државно контролирањето сеќавање за нас и нашето постоење. 

Со промената на името на нашата држава и „бетонирањето на нашиот идентитет и јазик“ видовме колку малку овие луѓе имаат почит за своето минато и достоинството на еден народ. А и зашто би имале. Погледнете кои се најгласни во поддршка на овој процес. Тоа се оние што сакаат да ја уништат нашата меморија за нивното минато. Запишано во досиејата на тајната полиција. За среќа сега станаа видливи. Сега гледаме зашто нивното достоинство е растеглива категорија, нивниот национален идентитет флуиден, нивната иднина служење на нови господари. Секој народ има луѓе од кои треба да се срами. А тие од кои овој народ се срами идеолошки нѐ гетоизираа, низ вешто креирани стереотипи во политиката.

Откако обезличија еден цел народ, го урнисаа негото достоинство, ја ретушираа историјата и свеста за минатото ни нудат заборав, ни нудат помирување. Помирување како чин на простување. А всушност помирувањето што го нудат е просто амненстирање за злото на минатото. Не само она социјалистичкото со „човечки лик“, туку и она транзициското, за кое може да полемизираме колку било демократско. Освен на хартија. Да се помириме со луѓето што го креираа таквото минато, а потоа како метастаза се распослаа и го контаминираа новиот демократски амбиент во државата. Тоа е заеднички именител на транзициското минато. Но, да простите за илјадниците уништени животи, за растурените семејства, за одземениот имот, за прогонот на неистомислениците, за солзите, болката и стравот. За живот без иднина. Не смее да има простување со оние што нѐ гетоизираа во нивниот свет. Што сметаа дека идеолошкото гето е нашиот свет. Дека моите не се твоите. За тоа нема и не смее да има помирувањее и простување.

Очајно посакував Македонија да биде дезифинфицирана од човечкиот отпад од едно минато време. Очигледно тоа не се случи и нема да се случи. Затоа поради пролеаните солзи на оние што ги направивте статисти во сопствениот живот, помирување, благодарам. Можеби во некој друг живот. А ни тогаш.

                                                            Проф. Звонимир Јанкулоски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе