ПО САМИТОТ ВО ТРСТ

Помирување на Балканот со подобрување на транспортните врски

Западен Балкан е регион со кој јас сум неизмерно горда - не само поради заедничката историја што ја делиме во тој регион, туку и затоа што Западен Балкан е место на срдечни луѓе и извонредни природни убавини.

Стратегиската локација на Балканот, меѓу ЕУ и Азија значи дека регионот на Западен Балкан има голем потенцијал.

Оние што пред две или три децении се осмелија да сонуваат имаа јасна визија за мојата земја: просперитет на Словенија што ја игра својата улога во светот, значајно, водена од примерот на европската сцена. Малкумина ќе помислеа дека само нешто повеќе од дваесет години по независноста, Словенија ќе добие место на масата во Брисел. Сепак, денес тоа е чиста реалност. Словенија е дел од еврозоната и има силна, растечка економија.

Во поранешната југословенска Република Македонија има такви што го делат истиот сон. И надвор од поранешната југословенска Република Македонија има такви што го делат тој сон, и јас сум една од оние што се осмелуваат да сонуваат за светла иднина на земјата.

Убедена сум дека најдобар начин да се донесе мир и просперитет во поранешната југословенска Република Македонија е тесната соработка со другите земји во регионот на Западен Балкан, како и со ЕУ. Исто како што ЕУ се роди како заедница за јаглен и челик, со прекугранична соработка, отворајќи го патот за мир и просперитет, сигурна сум дека најдобриот начин за поранешната југословенска Република Македонија е да работи рака под рака со најблиските соседи во секторите од заеднички интерес. Подобрувањето на транспортот е еден од тие сектори.

Се разбира, за да се подобрат работите за целиот регион, треба да постојат јасни правила. Јас разбирам дека сложената историја на овој регион значи дека може да биде тешко да се остават настрана разликите од минатото. Сепак, ако сакаме да се подобрат животите на обичните луѓе, потребни се инвестиции во транспортните врски. За да се привлечат инвестициите, кои се потребни за да се затвори јазот меѓу земјите од Западен Балкан и остатокот од Европа, предуслов се сигурноста и стабилноста. Од суштинско значење е и оние пари што се трошат во регионот да се трошат мудро. Ова значи да се обидеме да создадеме прекугранични коридори и поврзувачки решенија што ќе му користат на целиот регион.

ЕУ е подготвена и сака да ги поддржи инвестициите во регионот и тоа го прави веќе некое време. Еден таков пример е придонесот на ЕУ од 18,2 милиони евра за подобрување на железничките врски меѓу поранешната југословенска Република Македонија, Косово и Србија.

Мило ми е што сите партнери од Западен Балкан одлучија да се здружат и да соработуваат со цел да се подобрат транспортните врски во регионот и со остатокот на Европа. Ова го покажаа со потпишувањето на она што е познато како Договор за транспортна заедница, што се случи оваа недела во Трст. Ова ја поставува структурата потребна да бидат стандардизирани правилата и прописите, да се усогласат со стандардите на ЕУ и да се овозможи поголема поврзаност и интеграција со останатиот дел од европската транспортна мрежа. Приватните инвеститори се привлечени од региони што покажуваат знаци на стабилност и сигурност - тоа е еден од најважните аспекти на потпишувањето на оваа спогодба.

Подобрените транспортни врски значат дека регионот може да извезува на големи пазари, да се привлечат странски инвестиции и за други сектори освен транспорт и да се подобри туристичката дејност, но подобрените врски помагаат и да се олесни секојдневниот живот на луѓето во поранешната југословенска Република Македонија.

Задачата за Западен Балкан е јасна, а тоа е истата задача што ЕУ вети дека ќе ја преземе пред 60 години: да се изградат силни меѓусебно зависни општества на нашиот континент, така што војната никогаш повторно да не биде опција. За да имаме траен мир, ние треба да обезбедиме просперитет. За да има просперитет, мора да се обезбедат соодветни инвестиции. Се надевам дека транспортот може да ја одигра својата улога во ова и јас сум инспирирана од она што го видов во регионот што толку ми е драг.

Виолета Булк, еврокомесарка за транспорт

(Колумната е напишана за МКД.мк)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе