Помилувањата на претседателот Иванов во сенка на уставноста на Законот за помилување

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

Вовед

Законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009 година (Службен весник на РМ бр. 12/2009). Со измените од 2009 г. со бришење на членот 11 се укина можноста за помилување без спроведување на постапка. Во март 2016 година, Уставниот суд го укина целосно Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година (Одлука на Уставен Суд У.бр.19/2016, Службен весник на РМ бр. 58/2016 од 28.03.2016). На 12.04.2016 година, Претседателот без спроведување постапка преку Министерството за правда, даде помилување на 56 лица опфатени со истрагите на СЈО.

Одлуката на Уставниот суд У.бр.  96/2016  за Законот за помилување отвори најмалку две контроверзни прашања кои до денешен ден не се затворени и од време на време предизвикуваат интерес на правната и пошироката јавност. Во прв ред, тоа се помилувањата на претседателот Иванов донесени врз основ на контроверзниот чл. 11 од овој закон, а кои се однесуваа на лицата под истрага на СЈО, а кои допрва ќе дојдат пред повисоките судски инстанци во државава, кој прашања се актуелизираа и во некои постапки за екстрадиција, а веројатно ќе се појават и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ова прашање остана правно незатворено од причина што остана нејасно од кои причини се повлечени помилувањата и каква последица имале врз постапките на кои се однесуваа. Додека кривичниот суд остана нем и проблемот едноставно го „прескокна“, правните експерти останаа (политички) поделени по однос на законитоста на самото помилување, прашање што може да биде клучно во евентуалните постапки пред судот во Стразбур. Според едни, засновувањето на помилувањaта на членот 11 од Законот за помилување од 1993 година, кој не е во сила од 2009 година, ја прави одлуката за помилување ништовна, додека други снетаа дека Претседателот постапил правилно бидејќи со укинување на целиот закон според нив се враќа правната состојба од пред донесување на спорните законски измени од 2009 година. Поврзано со ова, а со правно значење и за други прашања е и толкувањето на Уставниот суд за укинувачкото и поништувачкото дејство на неговите одлуки.

Подоцна, претседателот, во два наврати ги повлече спорните одлуки за помилување, образложувајќи ја ваквата одлука со политички а не со правни причини (аргументи). Своевидно финале на приказната дојде со законски измени на Законот за помилување од мај 2016 со кои post festum се прeдвиде можност претседателот да го поништи даденото помилување (Службен весник на РМ бр. 99/2016).

Одлука У. бр. 19/2016 со која се укинува Законот за измени и дополнување на законот за помилување (Сл. Весник бр. 58/16)

Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 16 март 2016 година, донесе одлука со која се укинува Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник бр. 12/200, која одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија. Како што е познато, со овие измени, помеѓу другото, се брише членот 11 од Законот за помилување и со тоа се укина можноста претседателот претседателот самиот да одлучува за определени помилувања. Постапката за помилување дополнително се уредува а се укинува и можноста за помилување за отределени кривични дела.

Уставниот суд смета дека според својата суштина, помилувањето не е акт кој има карактер на казна или друга кривична санкција и со него само се изразува поблаг став кон сторителот. Според судот тоа е неотповиклив и конечен акт на милост на претседателот, кој не одлучува во својство на судски орган, туку како државен орган кој го добил својот легитимитет од граѓаните преку непосредни избори. Помилувањето во таа смисла, според судот е неприкосновено уставно и законско право на претседателот, кое може да го користи по своја оцена во рамките на постапка која е утврдена со закон и поради причини кои може да не се од кривично – правна природа (на пример, социјални, здравствени, политички причини или од причини на правичност). Покрај ова, според судот, начинот на кој се дефинирани кривичните дела со нашето кривично право, не дава основ законодавецот да исклучува одредени дела од можноста за помилување.

Според Судот, ограничувањето на правото за давање на помилување на претседателот на Републиката, значи навлегување во неговата уставна надлежност од страна на законодавецот. Доколку би се прифатила можноста законодавецот да има вакво право, се поставува прашањето која би била границата и критериумот за таквото ограничување и дали на ваков начин би се изгубила смислата на уставниот институт помилување, кој би зависел од перцепцијата на законодавецот и одредени појави во одредено време во општеството.

Повредата на уставните одредби мнозинството судии ја гледа и во ограничувањето на Претседателот при давањето на помилување што се однесува на осудени лица за некои кривични дела. Мнозинството судии смета дека и покрај тоа што целта на законодавецот била да се оствари превенција од вршење на овие конкретни кривични дела во иднина, тоа не може да биде причина за ограничување на правото за давање на помилување.

Од наведеното, според судот, произлегува дека оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за помилување, содржи одредби кои ја повредуваат темелната вредност на уставниот поредок – поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, ја ограничуваат надлежноста на претседателот за давање на помилување, го повредуваат уставното право на еднаквост на граѓаните и без да постои уставен основ, уредуваат прашања кои се однесуваат на организацијата и работата на претседателот на Републиката како орган, поради што Судот оцени дека оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за помилување, не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 и член 84 алинеја 9 од Уставот на РМ.

Спротивно на искажаниот став на мнозинството судии, дури четири судии на Уставниот суд сметаат дека укинувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување е потполно неосновано од аспект на неговото оценување по однос на Уставот и дека тој не е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 и член 84 алинеја 9 од Уставот на РМ. Според нив одлуката на Уставниот суд нема сериозно втемелена и квалитетно образложена аргументација, првенствено што се однесува до резонот за целосно укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.

Особено интересно е што и овие судии кои не се согласуваат со мнозинството се на мислење дека со укинувачката интервенција на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување се враќа во примена член 11 од Законот за помилување кој уредува дека Претседателот по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување кога тоа е од интерес за државата, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано. Преку укинувањето на измените на законот според нив овој член повторно се враќа во сила, а тој овозможува Претседателот да помилува определено лице без воопшто да се спроведе законски пропишана постапка во случај тој да смета дека е оправдано.

Помилувањата на претседателот во постапките на СЈО

Скандалот со помилувањата на претседателот Иванов, веќе има сериозни реперкусии во меѓународни судски или екстрадициски постапки или постапки за азил. Случајот Lexa против Словачка е сериозен проблем на кои случаите на СЈО допрва ќе наидат во Стразбур.[1] Судот за човековите права во Стразбур во оваа пресуда доста детално го проучува проблемот на повлекувањето на амнестијата од аспект на човековите права, заклучувајќи дека во случајот тоа претставува повреда на Европската конвенција за човековите права. Критична била околноста дека помилувањето било законито, а повлекувањето воопшто не било предвидено со уставот на Словачка. Судот сугерира дека во таков случај кривичната постапка требала да биде запрена, а предметот да се смета за res judicata. Во оваа смисла, ситуацијата во Словачка била слична со нашето право, па е многу веројатно дека одбраната ќе се повика токму на овој случај и на околноста дека според чл. 304 ст. 1 од домашниот ЗКП постапката по одлуката за помилување требала да биде запрена, што не е сторено.[2] Сведоци сме и на фактот дека проблемот со помилувањата се појави во случајот на (одбивањето на) екстрадицијата на обвинетите за скандалот со прислушкувањето кои ја добија правната битка во врска со барањето за нивна екстрадиција со одлука на Врховниот суд на Грција.[3]

Помилувањата на Иванов за разлика од тој случај имаат двоен проблем со овластувањето на претседателот. Покрај проблемот со спорната можност за помилувања без претходна процедура во Министерството за Правда на РМ, Претседателот Иванов де факто даде амнестија, за што според Уставот на РМ не е овластен. Додека помилувањето е дизајнирано како корекција на правдата во поединечни случаи (чл. 84 од Уставот на РМ), амнестијата се однесува на поголем број лица, врзано со определен настан (како, на пример, граѓанска војна, вооружен бунт и сл.), па заради својот обем и значење е оставена единствено на Парламентот (Собранието на РМ), каде можноста за злоупотреби е по природа на нештата (институцијата) сведена на минимум. (Чл. 68 од Уставот на РМ). Квантитетот на одлуките - 56 поединечни одлуки, исто така, укажува дека се работи за амнестија, а не за помилување.

Врз основа на констатираните слабости на процедурата за помилување и бројните критики на домашната и меѓународната јавност, Претседателот на Република Македонија во два наврати ги отповика сите дадени одлуки за помилување, но како причина за истото беа наведени политички а не правни причини!

Во евентуална постапка во Стразбур државата би требало да се обиде да го убеди судот дека ова не се ситни и изолирани случаи на злоупотреби, туку дека се работело за сериозна и организирана злоупотреба на власта со масовно кршење на човековите права (масовно прислушкување, полициска бруталност, злоупотреби на судството и сл.) констатирани во низа извештаи на домашни, странски и меѓународни владини и невладини организации и сл. документи како т.н. Прибе извештај, но утврдено и со низа судски пресуди. Се чини дека досега ваков случај како нашиот (случај на т.н. „заробена држава“ со власта одн. политичката елита како организирано злосторничко здружување) не е тестиран пред меѓународните судови, што секако ќе ја отежнува евентуалната одбрана на нашата влада и агентот во можните постапки пред судот во Стразбур.[4]

Овие можни аргументи во корист на Р. Македонија во можната постапка пред судот во Стразбур се ослабнати со фактот дека помилувањата се повлечени без констатирана незаконитост или пречекорување на овластувањата. Судот на државните органи гледа како една страна, и во таа смисла постапките на сите државни органи, вклучително и на Претседателот на државата се гледаат критички наспроти правата на поединецот, па нема да биде едноставно да се покаже дека претседателот на државата бил во некаква конспирација со оние кои формално ќе се јават како жртви на постапките на државата. 

Сето ова можеби ќе беше полесно видливо ако против политичката елита од претходната власт имаше едно (сложено) обвинение, можеби и со вклученост на самата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не беше едноставно изводливо во условите под кои работеше СЈО (мислиме пред сė на кусите рокови и целиот отпор на државните органи кон нивните истраги).  Дополнително, ќе беше (по)добро ако домашните судови собереа сили аргументирано да одговорат на барањата на одбраната постапките да се запрат по донесените помилувања (СЈО ова само го премолчи, исто како и судовите по повод истакнувањето на помилувањата во приговорите против обвинителните акти).

Аргументот на којшто му се посветува многу внимание од домашните правници, поврзан со контроверзата дали укинат член од Уставот на кој се повикал Претседателот во спорните помилувања може “да се врати“ во правниот поредок со интервенција на Уставниот суд на РМ, моеби ќе биде тежок да се разбере од страна на меѓународни или странски судови, што не значи дека треба сосема да се потцени. Со оглед на тоа што Уставниот суд донесе укинувачка, а не поништувачка одлука, во домашната јавност се спори дали со укинувањето на Законот од 2009 година, може да се врати во сила одредбата од членот 11. Според едни, претходната одредба е веќе дерогирана со новиот закон кој е укинат.[5] Но, со укинувачката одредба не се оживува старата одредба на законот која веќе била укината.[6]Во нашиот Устав навистина нема одредба за враќање во сила на укината одредба. Од друга страна, се прави разлика меѓу ефектот на поништувачките и укинувачките одлуки. Ако законот е поништен, во тој случај претходните одредби се враќаат во сила. Во случај на поништувачка одлука на Уставниот суд, дерогативниот ефект на законот кој е поништен како неуставен, се отстранува и затоа се враќа во сила претходниот закон. Според ваквото теоретско објаснување со укинувачката одлука на Уставниот суд не се враќа во живот одредбата од членот 11 од Законот од 1993 година, што значи дека претседателот немал правна можност да даде помилување без спроведување постапка врз основа на тој член. Според проф. Шкариќ, поништувачките одлуки ги укинуваат само последиците од поништените норми, но не ги враќаат нормите во сила. Во сила може да ги врати само Собранието на РМ. И самиот Уставен суд со претходно донесено решение во друга постапка наведува дека „Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи со враќање во сила на оние кои повеќе не се во правниот поредок, ниту пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени уставната основаност на бришаните одредби и од друга страна уставната основаност на одредбите со кои тие биле бришани од Законот, како и оправданоста на овие законски решенија“.[7]

Решение У. бр.96/2016 со кое се признава важењето на член 11 од Законот за помилување

На седницата одржана на 21.03.2018 година, Судот со мнозинство гласови донесе Решение У.бр.96/2016 за отфрлање на иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993) согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, односно од причини што Судот веќе одлучувал за истата работа (Решение У.бр.144/1999 од 15.09.1999 година кога не повел постапка), а нема основи за поинакво одлучување.[8] Со оваа контроверзна одлука (во форма на решение) Уставниот суд спротивно на претходната практика за дејството на укинувачките одлуки, се чини намерно носи противречна одлука со цел да потврди дека смета дека чл. 11 од Законот за помилување постои во правниот поредок, сė со цел да даде политичка поддршка на Претседателот Иванов.

Со ваквото толкување не се согласија некои судии на Уставниот суд, кои како и поголемиот дел од правната јавност сметаа дека тоа што Уставниот суд со Одлуката У.бр.19/2016 од 16 март 2016 година со која го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2009) вклучително и членот 10 со кој се брише членот 11 од Законот не смее да се толкува на начин што би имплицирал дека Судот го вратил во правниот поредок избришаниот член 11 од Законот за помилување.  Напротив, тие тврдат дека во вакви ситуации, според уставно-судска практика Судот секогаш ја отфрлал иницијативата за оценување на уставноста на одредби од закони што биле  избришани од страна на законодавецот, бидејќи таквите одредби не може да бидат предмет на уставно-судска оцена затоа што не се дел од правниот поредок, што согласно согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот преставува процесна пречка за одлучување.[9]

Наместо заклучок

Може да се очекува дека постапките на СЈО допрва ќе наидат на искушенија во идните очекувани постапки пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, тогаш откако ќе се исцрпат сите правни лекови во домашното право. Но соодветен одговорна ова сложено правно прашање Република Македонија ќе треба да даде и по повод можните постапки за ектрадиција како онаа во Грција. Навистина, случајот Leхa v. Slovakia им одговара со основното наоѓање дека државата не може да си поигрува со судбините на луѓето, па ако им биде дадено помилување или амнестија од надлежен државен орган согласно со Устав и закон не може да си поигрува со нивните судбини. Во таа смисла, се смета дека овие акти на милост се дадени од одговорен државен орган.

Подобро ќе беше нашите судови кои одлучуваа по ова прашање (на пример, по повод приговорите против обвиненијата) да изнесеа некаква аргументирана правна аргументација во оваа смисла, наместо проблемот да го решат така што ќе го стават „под тепих“.

Полесно ќе беше и ако повлекувањето на помилувањата беше проследено со каква било правна (или барем политичка) квалификација на помилувањето како неуставно и незаконито, односно како умислана злоупотреба на службените овластувања на претседателот на државата. Можеби не е доцна Иванов конечно да одговара за сопствените постапки и против него да биде поведена постапка на импичмент согласно Уставот или можеби кривична постапка.

проф. д-р Гордан Калајџиев

(Преземено од justiceobservers.org)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе