Политичарот кој има само најголеми банкноти во џебот

Една слика илјада збoрови! На оваа максима деновиве упорно работеле студентите по политички науки во Палермо.

Им била покажана фотка, со текст: „Политичар, што бил премиер и се надева дека повторно ќе биде премиер, великодушно на бездомник на улица му дал дури 2.000 денари“.

Каде се случило ова, не им било познато на студентите, за нив тоа било една фиктивна ситуација, што требало да ја анализираат. Студентите, работеле деноноќно неколку дена и некои од заклучоците што ги донеле се следниве:

Прво, политичарот, што бил премиер и се надева дека повторно ќе биде тоа, со експресното давање пари, покажал дека има „лесна рака“, во случајот свои, но, студентите заклучиле дека веројатно тоа покажува дека е лесен и за трошење туѓи, односно јавни пари, импулсивно и без многу размислување, само за да израдува некого.

Второ, политичарот што бил премиер и се надева дека повторно ќе биде, покажал дека попримерно му е решавањето на последниците, отколку причините. Имено, студентите оцениле дека политичарот воопшто не се заинтересирал да дознае како бездомникот дошол до оваа состојба и дали има некаков начин трајно да му се помогне, туку му дал „две илјадарки“ и збогум!

Трето, студентите се запрашале, дали политичарот некогаш имал поситни пари во џебот? И зошто не користи платежна картичка, како што ги „советува“ жителите на неговата земја, туку носи голем кеш?

И четврто, дека политичарот што бил премиер и се надева дека повторно ќе биде, има многу лоши „пиарџии“, сервилни медиуми и улижувачки новинари, кои една обична (а можеби и осмислена) човечка реакција сакаа да ја прикажат како национален празник, причинувајќи му повеќе штета, отколку корист.

Во меѓувреме, студентите од Палермо, констатирале и што политичарот пропуштил да направи додека бил премиер.

Како прво, на бездомникот и на многу како него, пропуштил да им овозможи згрижување, топол дом и интеграција во општеството. Како второ, на невработените пропуштил да им отвори повеќе работни места, а на вработените подобри услови. Како трето, не успеал да го запре трендот на иселување на младите, но и на повозрасните, учени луѓе. Како, четврто, пропуштил да ги реформира образованието, здравството и економијата. Како петто…

Студентите во завршната анализа се запрашале: Може ли, и заслужува ли, овој политичар пак да биде премиер? Но, одговор на ова прашање оставиле да каже народот. Тој треба да одлучи дали ќе биде или ќе остане само политичарот што некогаш бил премиер.

Никола Тасев

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе