Подробности го праваат системот успешен

(Во рамки на дискусијата за Законот за високото образование)

Решив да бидам мечтател и да си го замислам високо образовните во Македонија посакуванo и од студентите и од професорите.

Но, дали може да се воспостави ред на сите факултети во Македонија кои ги имаме енормно многу? Најбројни се правните и економските. Дали ни требаат толку правници и економисти? Во нашата земја чудно звучи поимот: образовна политика, која е една од формите за операционализација на политиката на вработување со цел да се добие квалификувана работна сила, согласно побарувањата. Најверојатно, премногу сложена би била задачата да се направи стратегија за потребите на одредени професионални профили потребни за на пазарот на трудот.

Иако, се извинувам, од време на време некој ќе се сети дека има дефицит за некој кадар, и тогаш се воведуваaт посебни стипендии и се доделуваат други бенифици за да се привлече внманието за побаруваната професија. Најчесто тоа се однесува за природно-математичките и за техничките факултети.

Како мечтател си замислувам дека во сите високообразовни институции студираат надарени, креативни ученици со одлични оценки во средните училшта. Но, во Mакедонија сите треба да студираат. Дури и со задоволителен успех ќе станеш бруцош, но во тој случај мораш да платиш најголема партиципација на факултетскатa сметка.

За незнаењето - се плаќа.

На некои факултети потребно е кандидатите да се карактеризираат со одредени вештини и со вистинска мотивација кон одбраните студии. Сепак, досега никој не успеал да ги убеди повисоките инстанци, дека за време на уписите треба да се примени некој вид тестови, дека треба да се разговора со кандидатите, да им се зададат ситни задачи (освен Архитектонски Факултет). Секој смета дека може да биде доктор, психолог, инжениер...

Не копнеам посебно за ситуации, кога јас, како наставник, за време на испитна сесија, цели денови учествував во спроведувањето на испитите. За наставничкиот кадар тоа беше исцрпувачки период. Денес за професорите испитна сесија е песна. Комуникацијата помеѓу студентот и наставникот на универзитетот е само преку тестови. Студентот завршува студии, а наставникот не го познава неговиот глас, не знае како се изразува, како размислува. Вo САД, пак, веќе, лицата одговорни за образование на младите, сфатиле дека тестовите водат кон ќорсокак, дека тие не ја мерат длабочината на знаењето и нејзиниот обем, туку само оценуваат површни вештини и компетенции.

Не сакам актуелната сцена за едукација во Македонија да потсетува на кинески пазар, каде доминира квантитетот, а квалитетот е секундарна работа. Но, вистината е бескрупулозна. Кому денес му потребни учебници и монографии, кој ги чита изворните текстови. Место да го читаш Е. Кант, ќе си прочиташ на интернет готова анализа на неговиот текст и тоа уште во скратена верзија.

Списанијата од одредени научни подрачја се многу ретки, излегуват со прекини, најчесто поради недостаток на средства.

Понекогаш мислам дека нашиот систем на едукација е прилагоден кон очекувањата на експертите од Европската Унија. Доволно е, како земја која претендира да биде нејзин член, да се покажеме со одредени прифатливи показатели, и сѐ би било в ред.

Си замислувам да се вратат деновите кога преминот од едно во друго наставничко звање беше вистинпки настан, момент кој не се заборава. Денес тоа се случува експресно. Вчера си бранел докторатот, утре веќе си доцент.

Мислам дека Македонија има највисок процент на млади универзитетски наставници во Европа. Истовремено повеќе од нив немаат никакви дидактички квалификации за работа со студенти, што е незамисливо во други земји.

Остануваат уште многу точки за кои треба да зборуваме, но две важни работи бараат неопходна интервенција. Тоа е менторство од страна на наставниците и студентската практика во рамки на образовниот процес. Во сите истражувања и надворешни евалуации на дидактичкиот процес се забележува недоволна практична подготвениост на студентите за идната работа. Тоа бара темелна соработка од страна на универзитетот со одредени институции, а во институциите потребни се супервизори одговорни за студентска пракса. Сепак се плашам дека и понатаму практичната активност во некои институции ќе биде фарса. Студентите за време на практиката обавуваат некои активности за кои недостасува вработен персонал, не го познаваат цел процес на конкретна работа, немаат комуникација помеѓу ментор, назначен од факултетот со супервизор од конкретна институција.

 Си мислам, ако сите мои, посакувани, промени би се оствариле: Дали високото обазование во Македонија би можело да се оценува повисоко? Од нешто треба да се почне, поради што предлагам:

  1. Во сите земји во рамки на педагошките студии постои група која мониторира, истражува и предлага промени во високото образование и исто така има влијание врз креирање на образовната политика.
  2. Пoтребна е темелна анализа на функционирањето на сите факултети во земјата и солидни, современи процедури во чинот на акредитација.
  3. Треба да се работи според Болонскиот кредит трансфер систем поради отвореност и соработка со други, но, истовренено, треба да се модифицираат некои негови заложби, бидејќи се покажаа како нефективни и нефикасни.
  4. Уписите на некои студиски групи не може да се ограничат само со конкурсот на свидетелства.Треба да се оцени подготвеноста на кандидатите за дадена насока.
  5. Млади научни работници кои работаат со студенти мора да се обучени на основните дидактички и воспитни начела.
  6. Поголемо значење да ѝ се даде на студентската практика, со назначување на ментори на факултети и воведување на супервизори во институциите каде има практики.
  7. Спротивно на сите настојувања високите школи треба да бидат ослободени  од национална поларизација - за да живееме заедно во нашата држава, а не едни покрај други.

Забелешките кои ги посочив немаат револуционен карактер, едноставно бараат поголема ангажираност од сите фактори кои се одговорни за поквалитетно високо образование во Македонија.

 Д-р Мариа Доневска, редовен проф.во пензија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе