Писмо од Гореме: Mили вардарци...

Ние Македонците од село Гореме, општина Струмјани, го поздравуваме народот покрај Вардар (барем реката сѐ уште е таму) и се „восхитуваме" на дејствувањата на мудрите мажи на државата.

 

Мили вардарци, најпосле се растоваривте од тешкото историско наследство и со лесни чекори можете насекаде да одите. Се откажавте од Александар, се откажавте од солунските браќа и како капак на сѐ, едно непознато момче Стево објави дека Гоце не е Македонец!!!

И веднаш Гоце е прекрстен – сега е Че Гевара. Сепак ќе ви остане Ордан Пиперката, ако веќе некому не е ветен.

Е ега можете да ја почнете историјата на сосема нова основа, на чисто. Како едно селско момче од Струмица ве поведе во темнината и не ве изведе на светло. Во новата историја гордост ќе ви бидат Зоран и Стево...

Ако сега се најде некој и каже дека на Софија треба да ѝ се врати саркофагот со коските на Гоце - кашата ќе биде полна.

Зоран и Стево ги разбираме, тие сакаа да дојдат до новите началници и да кажат дека пред ништо нема да запрат. Затоа ги ставаме во графата „најголеми предавници во македонската историја“.

Мили вардарци, тие горните ги разбираме, но никако не можеме да ве разбереме вас – обичните Македонци. Премолчавте за Александар, за браќата од Солин, ама да молчите за Гоце – тоа е нешто нечуено, како да не се однесува на вас (срам да ви е барабар со децата!!!).

Дали знаете мили вардарци дека во 1905 година гробот на Гоце во Баница е раскопан и коските му беа ставени во едно дрвено сандаче направено за тоа? А дали знаете што е напишано на тоа сандаче во 1905 година од соборците на Гоце, од целото серско раководство на ВМРО, од Јане, Михаил Чаков и други. Ќе ви помогнам: „Коските на великанот Гоце треба да почиваат само во главниот град на слободна Македонија“.

Е ако вие не сте таа држава, тоа е нешто друго. Несреќен Гоце, и во гробот нема мир за него.

Мили вардарци, ние никогаш не сме биле слободни и не знаеме како изгледа слободата, затоа никако не можам да ве разберам зошто толку си ја омразивте својата држава.

Дали влезот во НАТО е смислата на животот? Дали таму ќе бидете побезбедни? Дали знаете дека таму ќе бидете во друштво со вашите смртни непријатели без ниту еден пријател? Дали знаете што ќе ви се случи таму?

Во светската историја има само еден познат случај кога една слободна држава отишла под ропство по своја желба. Тоа е малото царство Пергам на територија на денешна Турција, кое пред повеќе од 2200 години се потчинило на Рим. Повеќе ништо не се слушнало за тоа царство. Дали сакате да сте втората таква држава?

Мили вардарци, единствениот вистински пат и за вас и за нас во иднина е патот по кој ве водеше Тито – неврзаните! Уште не е доцна, помислете и вратете се на здравиот пат. Инаку Господ да ви е на помош.

Од сѐ срце ви посакуваме сѐ најубаво што дава Господ да ви се случи. Од името на групата непокорени Македонци од село Гореме – поздрави за сите Македонци ширум светот и до редакцијата.

Со почит,

Санде Горемски

(Текстот е објавен во весникот на Македонците во Бугарија „Народна воља“)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе