Писмо до Нина: Време да работиме со електронски пари, без банкноти и монети (8)

Воведувањето можете да го направете фазно, но брзо и тоа за максимум 6 месеци (пред да има нова влада).

Почитувана г-ѓа Ангеловска,

Во моето прво писмо Ви пишав дека очекувам покрај другото да иницирате процес на промени кој неминовно и брзо ќе доведе до тоа да работиме само со електронски пари.

Време е.

Кога зборувам за електронски пари не мислам на биткоини или слични глупости, туку на наши денари, но не во форма на хартиени/пластични банкноти или монети. Мислам на плаќања со кредитни и дебитни картички и со електронски платни налози, а целосно повлечени од оптек банкноти и монети.

Технологијата за ова постои веќе повеќе од половина век (прва кредитна картичка 1950, прва дебитна 1966) и низ годините е усовршена, а истата потполно е усвоена од нашите финансиски институции, кои веќе работат со електронски пари.

Придобивките во економијата ќе бидат значителни.

Трошоците за принтање и манипулација со готовина во НБРМ ќе ги снема. Ќе се појават други трошоци за ИТ во НБРМ, но тие ќе бидат далеку помали.

Трошоците на банките за манипулација со готовина ќе ги снема, а додатните инвестиции и трошоци за ИТ ќе бидат маргинални бидејќи и сега тие тоа го работат.

Трошоците за фирмите кои се однесуваат на работа со готовина исто така ќе ги снема, а само кај некои фими кои досега не прифаќале дебитни и кредитни картички ќе има маргинални трошоци. Големите фирми можат да ги намалат и трошоците на сметководство, а и ревизијата ќе биде полесна.

Ќе бидеме сведоци на значително забрзување на обртот во економијата, кое де факто ќе резултира со зголемен економски раст. Ако правилно се изведе реформа, значително можат да се намалат побарувањата и долговите помеѓу фирмите.

Сивата економија (дефинирана како – работи дозволена работа ама не плаќа данок) ќе ја снема, па сите фирми ќе конкурираат на еднакво ниво, а собирањето на даноците ќе биде скоро 100%. Зголеменото собирање на данок ќе значи можност за вас да одредите поголема ставка во буџетот за инвестиции, кои ако правилно се насочат и управуваат уште повеќе ќе придонесат за економски раст. Тоа ќе биде почеток на една нагорна спирала на економски раст (попат да споменам дека очекував/очекувам и ќе очекувам двоцифрен раст од која било наша влада - сѐ под тоа е празно удирање во гради).

Црната економија (дефинирана како – работи недозволена работа) ќе има значително намалено поле за делување. Во која Луис Витон чанта ќе ги носат електронските пари рекетарите? Како дилерите на дрога ќе наплаќаат? Како ќе се дава „рушвет”?  Итар Пејо ќе рече па во девизи или во криптовалути. Да, ама ако купувањето на девизи е електронско и ако истите легнат на сметка ќе мора да се оди во странство да се извадат во кеш, па да се дадат на другата страна таму или да се донесат во земјата, па да се дадат на другата страна. Другата страна на криминалот пак ќе има проблеми со тој кеш и ќе има електронска трага барем на една половина од трансакцијата. Ако е со криптовалути (ако не ги забраните, а треба) пак пола трансакција се гледа. Доколку пак криминалците не ја научија лекцијата од овчарот Иснифарис и одат на електронска трансакција во земјата, ќе има електронска трага за целата трансакција и тоа на најмалку три сервери. За ова може моногу да се пишува, но на крајот останува дека добро дизајнираниот систем ќе ги намали значително можностите за црната економија.

Голема веројатност е овие тврдења за сивата и црната екномија да не им се допаднат на некои политичари/партии. Но, ако вие потегнете промени на регулативата, кои би донеле до тоа да работиме само со електронски пари, таквите политичари/партии ќе мораат да се изјаснат, па ќе ги видиме јавно и на сите ќе ни биде јасно зошто се против.

Очекувам и спротивставување од дечките кои спремно ги чекаат поштенските коли кои пренесуваат кеш...

Ќе има и интелектуалци кои ќе изнесуваат аргументи против, поради опасности опишани во Орвеловите книги. Внимателното дефинирање на системот може да се справи со тие опасности. Придобивките се преголеми да не го направиме ова. За опасностите треба да бидеме свесни и да се заштитиме од нив. Тие не се оправдување за неделување.

Воведувањето можете да го направете фазно, но брзо и тоа за максимум 6 месеци (пред да има нова влада).

Иницијални проблеми ќе се јават кај пазарите на зелено, што мора да се предвиди во операцијата на воведување, а ќе има и проблем кај постарите генерации каде што ќе мора да има информативна кампања. Ќе има промени и кај менувачниците кои ќе треба да се преориентираат кон електронски пазар на девизи (еве уште една идеја за нов бизнис модел за кој рековте ќе се залагате). Ќе треба и информативна кампања за туристите и ќе треба уште на граничните премини да се овозможи прибирање на готовина и издавање на картички.

Ќе треба да се позанимавате и со развој/воведување на нови платни системи (мобилни?).

Но за ова сето, Вие кои доаѓате од е-бизнисот, сте стручњак. Бујрум.

За арно за убаво,

Јордан Трајков


Писмо до Нина (1)

Писмо до Нина - враќање на ДДВ кон фирмите за 15 дена (2)

Писмо до Нина и Мила - сатнина, а не месечна плата (3)

Писмо до Нина: На идната конференција на Македонската берза да оставите впечаток (4)

Писмо до Нина: Пазар и за сметководителите, ревизорите, проценителите... (5)

Писмо до Нина и Трајан: Прво фонд за грозје, па фонд за земјоделски производи (6)

Писмо до Нина и Анита: Изградете е-платформа – кредитен пазар (7) 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе