Колумна

Писмо до Нина - враќање на ДДВ кон фирмите за 15 дена (2)

Ве молам запрете со понатамошно задолжување на државата на домашниот пазар и целосно префрлете го задолжувањето на меѓународниот пазар.

Почитувана г-ѓа Ангеловска,

Во првото писмо ви дадов 28 мои очекувања од мене без многу да ги образложам. Во ова денешно обраќање ќе го образложам моето очекување нумерирано со бр. 1 (не значи ако е нумерирано со бр. 1 дека тоа е најважно) бр. 15 и бр.16. Во наредните денови за другите очекувања.

Очекување бр. 1 - Да  увидете дека нашата држава секогаш има повисок рејтинг во однос на фирмите (ретко која фирма може да има ист рејтинг) и да го спречите понатамошното задолжување на државата на домашниот пазар, а да го префрлите комплетното задолжување на меѓународниот пазар.

Проблем: Ликвидноста во Македонија е на ниско ниво т.е. обртот е мал. А мал обрт значи и мала економска активност и мала можност за економски раст. А тоа е проблем нели? 😊

Вие доаѓате од стопанството и сигурен сум дека и во вашата фирма сте се судирале со овој проблем. Ако прашате кој било стопанственик ќе ви го каже овој проблем. Ако пак не им верувате на зборовите на стопанствениците (кои се главно на отстрел во јавноста, а за мене се херои на нашето време) тогаш можете да направите проста анализа. Имено вашите стручни служби во министерството или пак од УЈП можат многу лесно да ви направат извештај за просечни денови на побарувавања на фирмите и сигурен сум дека ќе излезе во рангот од 120-180 денови. Тоа значи дека парите во Македонија се вртат 2 -3 пати. Прашајте ги и дечките во НБРМ кои се занимаваат со економски анализи, а тоа можат да ви го кажат и поголемите ревизорски куќи и дечките од ЦЕА (www.cea.org.mk)

Од друга страна проверете го и за мене најрелевантниот коефициент на банкарскиот сектор – коефициент на финансиска интермедијација и споредете го истиот со оној во Европа или во која било развиена земја. Ќе увидете дека нашиот е убедливо најмал. Дури и во Босна (земја во која беснееше страшна војна) е повисок. Овој коефициент покажува дека побарувачката на финансискиот пазар за финансиски услуги од банките е поголема од понудата, односно фирмите и граѓаните се како риби во топла вода (нема кислород или народно кажано парите не се проблем – ги нема). 

Во овие погоре опишани услови кога државата се задолжува на внатрешниот пазар (тоа не значи надвор од Скопје 😊), таа главно зема пари од други субјекти, но пред сѐ од домашните банки. Со тоа се  намалуваат средствата кои тие би ги имале на располагање за пласирање кон фирми и граѓани. Бидјеќи банките ја имаат таа можност за пласирање кон државата, која е со подобар рејтинг, а без многу мака, стануваат „мрзливи” и незаинтересирани за сериозен пристап кон фирмите и граѓаните. А згора на тоа, наместо да се прудентни, тие стануваат предатори (за ова посебно писмо за очекување бр. 3 и бр.12).

Граѓаните генерално не можат да се задолжуваат во странство (можеби оние со бугарски пасош можат? Љубчо може, знае), а од фирмите такво нешто можат да го направат само најдобрите фирми што се на берзата. Тука јас би рекол Алкалоид АД Скопје и Макпетрол АД Скопје. Но, за тие да се задолжат во странство мора да имаат некаков рејтинг.  Бидејќи домашните фирми се од Македонија, тие колку и да се добри, не можат да имаат повисок рејтинг од самата земја. Фирмите во/со себе си го носат и ризикот на домицилната земја. Само мултинационални корпорации кои оперираат на повеќе континенти имаат можност да излезат од сенката на ризикот на земјата во која се инкорпорирани. Но, вообичаено таквите фирми не се инкорпорирани во земји со низок ризик. Нашите фирми не се такви мултинационални корпорации.

Значи нашите фирми и граѓани се ориентирани само на домашниот финансиски пазар, а кога државата зема од тој пазар, одзема од нивната можност. Затоа ве молам запрете со натамошното задолжување на државата на домашниот пазар, искористете го моменталниот горе-доле инвестициски рејтинг на земјата и целосно префрлите го задолжувањето на меѓународниот пазар.

Во иста насока се и моите очекувања бр.15  (да спроведете побрзо враќање на ДДВ кон фирми-максимум 15 дена по доставено барање) и бр.16 ( да спроведете мерка – рок од максимум 15 дена плаќање кон фирми по основ на фактура или времена ситуација).

Доколку државата плаќа кон фирмите во рок од 15 дена, можете да очекувате дека на Б2Б пазарот фирмите поради зголемената ликвидност ќе почнат да си плаќаат побргу, па просечните денови на побарувања од погоре споменатите 120 до 180 дена ќе се намалат во првата година на околу 60, а потоа очекувам да паднат на 30-60 дена. Тоа е значително зголемување на обртот на парите во економијата. Јасно му е на секој што тоа значи.

Некои ваши службеници ќе ви кажат дека сето ова не може да се направи. Нормално, кој сака да се измести од удобноста на навиките иако тие навики ни ја кршат кичмата на сите нас. Задолжувањето на меѓународен пазар правете го во понеделник, во среда ќе биде порамнување, секој четврток вршете ги сите плаќања кои доспеваат таа недела (кои имаат 15 дена рок). Во петок фирмите ќе си плаќаат помеѓу себе и ќе плаќаат кон работниците. 

Резултатот ќе ве изненади – ќе имаме уште првата година значајно зголемен економски раст.

За арно, за убаво.

Јордан Трајков

Писмо до Нина (1)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе