Писмо до Нина: Пазар и за сметководителите, ревизорите, проценителите... (5)

Потребата од донесување на акт за договорни минимални цени не држи вода. Барем не во пазарно стопанство.

Почитувана г-ѓа Ангеловска,

Поттикнат од обраќањето на претставниците на Стопанската комора на сметководителите при ССК и нивното барање за акт со кој ќе се одреди минимална цена на нивните услуги денес ви го образложувам очекувањето бр. 24 од моето прво писмо.

Таму ви напишав дека очекувам како министер да испитате, а потоа и да лупнете неколку кривични пријави за картелските договарање на цени на сметководители, ревизори и проценители и да ги поништите таквите незаконски ценовници.

Во писмото за платите напишав дека е жалосно што речиси 30 години по раскрстувањето со социјализмот сѐ уште се влечат договорни односи, институции и убедувања, кои никако да ни дадат простор да направиме сериозен економски раст.

Голема група на граѓани сѐ уште не можат да разберат дека со Устав се договоривме дека ќе градиме пазарно стопанство и дека со истиот Устав е гарантирана слободата на претприемаштвото и пазарот (член 8 и член 55 од Уставот) и дека „Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот” (член 55 од Уставот).

Базирано на тој наш Устав, Кривичниот законик многу јасно вели дека ограничувањето или спречувањето на конкуренцијата е кривично дело. Акт за одредување на минимални цени на одредена професија е ограничување т.е. спречување на конкуренција преку цена (не и на конкуренција преку квалитет на производ/услуга).

Да се разбереме нешто. Пазарната економија базирана на приватна сопственост како модел ги победи планските и договорните економски модели и засега се покажа како најдобрата опција за уредување на економските односи на една земја. Како што безбедњаците велат дека ние немаме друга алтернатива од НАТО, јас и веројатно секој економист велиме дека ние немаме друга алтернатива од градењето на пазарна економија (со тоа што ние сме апсолутно точни).

За жал, ниту една влада на Македонија досега не посвети доволно внимание на ова исклучително важно прашање и сведоци сме на со години преземани бројни популистички мерки кои одат наспроти принципите на градење на пазар.

Па така охрабрени од таквите мерки, кои секогаш ад-хок се носат под притисок на одредени интересни групи (читај гласачи), сметководителите и ревизорите и проценителите (нивни претставници – не сите)  еден по друг преземаа чекори со кои си договараа минимални цени. Еве ги пак некои претставници на сметководителите, преку Стопанска комора, претставувајќи се како да зборуваат во име на сите сметководители во Македонија, си бараат договорни минимални цени со ко ќе се ограничи т.е. спречи конкуренцијата.

Засегнатите страни ќе се кренат да објаснуваат дека нотарите, адвокатите и извршителите имаат единствени ценовници и затоа и тие треба да имаат. Споредба на баби и жаби. Има две суштински разлики помеѓу едната група на професии и другата. Првата е дека кај нотарите, адвокатите и извршителите единствените ценовници се вусшност (или треба да се) за максимални дозволени цени. А внимавајте, сметководителите, ревизорите и проценителите си ставија или бараат минимални цени под кои им или би им се забранувало на практичарите на дејноста да одат пред своите клиенти. Втората разлика е во суштината зошто таа прва група мора да има од државата поставен максимален ценовник.

Нотарите се назначени и делуваат во одреден дел само на дадена територија. На таа територија може да има во даден момент само еден нотар. Ако максималната цена не е одредена, тогаш истиот може како сака да ги „крсти” клиентите за работи за кои државата му вели оди на нотар. Лошо. Ако пак си странка која изгубила на суд и треба да ги платиш и трошковите на адвокатот на странката која добила, што ќе се случи ако нема таков ценовник? Си договарал ти со тој адвокат? Не. Државата те штити со адвокатскиот ценовник за да не те одере тој адвокат со кој ти ништо не си договарал.

Еднаков е случајот и со извршителите. Дали ваква потреба од заштита на клиентите ја има во односите со сметководителите, ревизорите и проценителите? Не. Значи ваквото објаснување на моите пријатели лутковци сметководители, ревизори и проценители за потребата од донесување на акт за договорни минимални цени не држи вода. Барем не во пазарно стопанство.

Ова мое опишано очекување од вас, навидум е како нешто што би било странично на вашиот фокус. Нешто што е мало, незначително, нешто што не мора да го направите. Ќе бидете грешка ако така го сфатите. До вас е, како министерка, но и како Влада да ни покажете дали ќе ја прекинете папочната врска со социјализмот и ќе влечете навистина кон развој на пазарна економија за да имаме вистински економски развој (без да елаборирам дека ќе покажете и дека сте за владение на правото).

Со исполнувањето на ова мое очекување ќе ни го покажете тоа, а потоа пак треба овој случај да ви биде водилка/модел за вашите идни политики/мерки со кои ќе го остварите напишаното во Уставот да го градите и штитите пазарот. Финансискиот пазар во вашиот случај.

За арно за убаво,

Јордан Трајков

Писмо до Нина (1)

Писмо до Нина - враќање на ДДВ кон фирмите за 15 дена (2)

Писмо до Нина и Мила - сатнина, а не месечна плата (3)

Писмо до Нина: На идната конференција на Македонската берза да оставите впечаток (4)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе