Писмо до Нина: На идната конференција на Македонската берза да оставите впечаток (4)

Корпоративните обврзници би биле одличен финансиски инструмент за фирмите кои сакаат да инвестираат.

Почитувана г-ѓа Ангеловска,

Не знам дали сте биле активен учесник на Македонската берза, но сигурен сум дека до вас стигале информации од берзата. Врз основа на тоа претпоставувам дека сте свесни дека нашиот пазар на долгорочни хартии од вредност е мал, плиток, неразвиен. Е тука вие како министер можете нешто да направите.

Корпоративните обврзници во Македонија се непознаница, а истите би требало да претставуваат повеќе од 60 отсто од вкупните хартии од вредност со кои се тргува на тој пазар. Моја проценка е дека фирмите кои се котирани на Македонската берза би можеле да издадат корпоративни обврзници во висина од над 400 милиони евра.

Корпоративните обврзници би биле одличен финансиски инструмент за фирмите кои сакаат да инвестираат, но и кои сакаат да го менаџираат повратот на инвестицијата за своите акционери.

Но, истите се одличен инструмент за фондовите и за други инвеститори на берзата кои бараат фиксен поврат. И то не само за фондови/инвеститори од Македонија, туку и од странство. Јас очекувам поголем дел од тие 400 милиони евра да дојдат од странски инвеститори.

Доколку се случи ова што го пропагирам и фирмите котирани на берзата издадат обврзници, за очекување е дека тие фирми нема да бидат толку активни на пазарот на кредити ,т.е. нема да бараат кредити од банките (убавите прудентни наши). Тоа значи дека банките ќе мораат да се свртат кон малите и средни фирми за пласирање на кредити.  А тоа ќе биде исклучително силен поттик за целата економија.

Пазарот во почеток мора да почне со обезбедени и/или гарантирани обврзници.

Јас уште од 2008 пекав кај Комисијата за хартии од вредност и по влада да се промени законот за да може да се издаваат обезбедени обврзници. Но, јас сум Македонец, а кога Македонец нешто укажува обично другите Македонци не слушаат. ОК е тоа, па и Исус во Назарет не го препознаа. Е затоа во 2015 се појави еден странец кој види чудо зборуваше исто како и јас (како некој да му кажал), па за 3 месеци се донесе промената на законот т.е. се донесоа тие членови 28-а до 28-г. 

Но, во таа промена не се опфатени и гарантираните обврзници. Треба да бидат. Се надевам овие информации се доволни за вас како човек од е-генерација и се надевам дека нема и вие да бидете суетни како претходниците, па да ви треба некој странец да ви укаже на ова истото.

Во одделот од Министерство за финансии кој е задолжен за таа работа има стручни лица. Тие одлично/стручно ја направија промената од 2015-та. Искористете ги и подбутнете ја таа работа особено што не гледам политичка пречка за истата (очекување бр.5. од моето прво писмо).

Но, исто така ве молам направете и промоција и обука кај фирмите, затоа што многумина финансиски директори и носачи на одлуки го немаат  потребното знаење.

Исто така, укажете им на КХВ дека 0,3% од 0 е еднакво на 0. Нека дадат промотивно 0% провизија за првите 5 обврзници што ќе се издадат на пазарот. Македонска берза сигурен сум ќе парира на тој потег од КХВ. Со сите овие погоре опишани активности ќе го стартувате овој сегмент на пазарот на долгорочни хартии од вредност кој понатаму ќе се тркала сам и ќе донесе вистински инвестициски бум, што ќе се согласите ќе биде освежување во економијата на земјата.

На пазарот за хартии од вредност има и други проблеми. Во моментот ако некој акционер или група на акцинери поседуваат некакво квалификувано мнозинство и ако сакаат една акција да купат имаат законска обврска да постапат по закон за преземање на трговски друштва.

Ова не е во ред бидејќи дали некој има 50%+1 акција или 55% или 60% ги има исите права и обврски.

Тие права и обврски битно се менуваат на 66,66% т.е. на 2/3 сопственост кога тој што ги има може самиот да го менува статутот на фирмата.

Тоа значи дека ако се дозволи на некој акционер да се движи во некакви рамки од 50%+1 до да речеме 60% (да не е толку блиску до 2/3) без да има обврска за јавна понуда тоа нема ама ни најмалку да им смета на малите акционери. Напротив, таквите големи акционери со своите активности на берзата ќе придонесат за ликвидност на акциите на таа фирма и за постигнување на вистинска цена на акциите на односната фирма.

Од друга страна ако некој акционер или поврзана група на акционери веќе имаат сопственост од над 2/3, тие самите можат да менуваат статут на фирмата и тогаш малите акционери имаат проблем. Никој не сака да инвестира во акции од такви фирми и тие мали акционери може само немо да посматраат што големиот прави.

Е заради тоа треба да се заштитат малите акционери и потребно е да се воведе обврска за големиот акционер кој поседува повеќе од 2/3 од акциите со глас да мора на прв повик на кој било мал акционер веднаш да му ги откупи акциите по најголемата цена од номинална, сметководствена или пазарна.

Доколку ја имаа таа одредба големите акционери ќе носат одлуки со респект кон малите акционери што поволно ќе влијае на пазарот на хартии од вредност следствено и на целата економија. Затоа се надевам ќе ми го исполните и очекувањето нумерирано со бр. 6 во моето прво писмо.

Секоја година Македонската Берза организира конференција. Гледајте наместо повторна формална парада да оставите ваш суштински печат на следната.

За арно за убаво,

Јордан Трајков

Писмо до Нина (1)

Писмо до Нина - враќање на ДДВ кон фирмите за 15 дена (2)

Писмо до Нина и Мила - сатнина, а не месечна плата (3)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе