Писмо до Нина и Трајан: Прво фонд за грозје, па фонд за земјоделски производи (6)

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

Почитувана г-ѓа Ангеловска, г-дине Димковски

Во мое прво писмо до г-ѓа Ангеловска дадов и едно мое очекување во однос на формирање на фонд за исплата на грозје, а потоа и други фондови за исплата на други земјоделски производи.

На околу 20.000 фамилии лозјата им носат основен или додатен приход и овие 20.000 фамилии и плус стотици фирми имаат инвестирано повеќе од 240 милиони (да, милиони, не е грешка) евра во тие лозја. Од друга страна виното е еден од основните извозни производи на Македонија и доколку наместо наливно извезуваме флаширано, таквиот извоз ќе биде уште по значаен. Ова е доволно за да доловам дека вреди вие двајцата да се позанимавате со проблемите на лозарството и винарството.

А проблемите не се мали и не се едноставни. На комплексни проблеми нема едноставно решение т.е. државата, министерствата за земјоделство и за финансии, треба координирано да донесе комплексен сет од мерки. Давање на субвенција од денар или два не го решава проблемот.

Нема пазар доколку нема информации. За пазарот да биде ефикасен алокатор основно е информациите да бидат достапни до сите учесници на пазарот (во сите индустрии).

Со години наназад информациите за пазарот на грозје не се на виделина, а ги имате во МЗШВ г-дине Димковски. Вие имате податоци за површини под лозови насади по сорти и имате историски податоци за бербите пак по сорти. Имате и сознанија од терен за измрзнувања, град, суша и можете да пресметати очекувана берба по сорти со веројатност на грешка не повеќе од 3%. 

Од друга страна винарските визби секој јуни ви доставуваат план за берба пак по сорти. Ако пред берба дадете барање до странските потенцијални купувачи (царина има список кои се купувачите) и тие ќе ви дадат план. Значи можете да го дознаете и планираниот откуп со веројатност на грешка не повеќе од 3%.

МЗШВ треба јавно да ги даде агрегатните информации за очекуваната берба по сорти (очекувана понуда) и за планираниот откуп/преработка по сорти (очекувана побарувачка). Така секој лозар и винар ќе може да го види целиот пазар и да види каде е тој и да си направи стратегија за делување. Без овие информации е лов во матно.

Зошто е битно информацијата де е по сорти? Затоа што информацијата дека има вишок понуда на бело грзоје, ама баш ништо не му значи на оној што има Темјаника (бела сорта).  Ама информацијата дека има поголема побарувачка за Темјаника од понудата и те како значи.

Кога ќе го имате овој извештај за пазарот лесно можете да донесете мерка за таргетирано субвенционирање на сечење на сорти (само за стари лозја) од кои има вишок, па потоа садење на сорти од кои има помалку на пазарот или, поефтино, побрзо, прекалемување на зелено од првите кон вторите сорти. Со оваа мерка треба да оди и мерка обука од страна на Агенцијата за земјоделство за прекалемување.

И пак ќе се јавуваат вишоци во дадени години пред сѐ кај Вранецот и кај Смедеревката. Што да се прави со ова? Во моментот имате најмалку две пропаднати, а големи винарски визби - Куманово и Џумајлија. Ве молам купете ги од банките. Во години кога има вишок од некоја сорта на пазарот стартирајте ги едната или двете визби и откупете го тој вишок на грозје од таа сорта плус 5% повеќе чисто за да направите благ притисок на цената на тоа грозје. Преработете со брза ферментација, а потоа за да не конкурирате на визбите со вино, дестилирајте (двете споменати визби имаат и дестилерии) и тоа со мазут кој државата го купува без даноци и акцизи т.е. произведете евтин, а квалитетен дестилат. За ваквиот дестилат ќе има пласман на светскиот пазар. Зошто тоа не го прават визбите? Поради скапиот енергенс. Зошто државата ќе биде конкурентна на светскиот пазар? Бидејќи ќе има евтин енергенс. Со продажбата ќе ги вратите парите кои ќе се дадат за откуп на грозјето и ќе се покријат трошоците на работење на двете визби, а верувам дека и профит ќе се оствари. Значи не е проблематично за буџетот. А во исто време сте го решиле и вишокот на грозје и сте дале добар притисок на цената на грозјето.

Кога нема вишоци нема ни палење на машините во тие две визби. Максималниот вишок што може да се јави во Македонија е околу 40 милиони килограми, а овие две визби истото можат да го преработат (поготово кога се работи на брза ферментација). Ќе се добијат максимум околу 5-6 милиони литри дестилат што ќе се складира без проблем. Со пласман надвор, потенцијално во иднина ќе креирате пазар за македонската ракија.

Останува проблемот со бавната исплата од страна на откупувачите и визбите кон лозарите и проблемот со тоталната неисплата (тука г-дине Димковски да ви укажам дека потенцијално имате две визби што може да останат должни во наредни две-три години кон лозарите - превенцијата велат е подобра од лекувањето). Секогаш кога имате случај во некоја индустрија, кога фирма со релативно мал капитал да може да земе многу пари или многу вредна роба од многу луѓе или фирми, потребна е некаква регулатива и мерки за заштита од измами.

Такви индустрии се банкарството (регулирано) и осигурувањето (регулирано). Но такво е и лозарството и воопшто целото земјоделство при што стапот е по земјоделецот (таква индустрија е и туризмот). Свежи ни се примерите со визбата Џумајлија и Стефан и Сведмилк...

Е за овој проблем г-ѓо Ангеловска  очекувам да иницирате промена на Закон за Македонската банка за подршка на развојот и тоа во член 10 и член 11 и тоа за да додадете можност банката да биде и менаџер на фонд/ови.

Потоа, да формирате фонд за исплата на грозје кој ќе биде менаџиран од МБПР. МЗШВ да направи промена на законска регулатива со која лиценци за откуп на грозје ќе добијат само оние што склучиле договор со фондот (така е и во банкарството). Фондот ќе склучи договори со визби и откупувачи само откако ќе добие колатерал од фирмите/сопствениците.

Лозарите ќе знаат дека визбите и откупувачите имаат договори  со фондот и нема да продаваат на лица кои немаат такви договори. Од визбите/откупувачите ќе добиваат (како што и сега добиваат) откупни белешки (укинете ги тие глупите одредби за договори, па откупната белешка е договор -има ли во оваа држава некој да го чита Законот за облигациски односи?). Фондот ќе склучи договор со комерцијалните банки за сервисирање т.е. исплата на откупните белешки.

Лозарите истиот ден кога го предаваат грозјето одат во својата банка (а не во некоја каде што ги тера визбата) ја предаваат откупната белешка (таа значи станува хартија од вредност) и истиот ден добиваат пари на својата сметка. Комерцијалните банки на крајот од денот се обраќаат кон МБПР и за исплатените белешки добиваат пари од фондот.

Фондот по 3-6-9-или 11 месеци си ги добива парите назад од визбите со одредена камата. Кругот затворен. Ако некоја визба не плати кон фондот се активира колатералот. Значи инвестирањето во фондот е еднократно, за откуп на грозје треба најмногу да биде 30 милиони евра (колку 2-3 споменика од Скопје 2014), а тој е перманентен, се оплодува со дадена каматна стапка и го решава проблемот.

Лозарите што ќе направат со парите? Колу ДДВ ќе собере државата од нивни плаќања? Оставам на вас да размислите за огромниот ефект од оваа мерка. Има ли воопшто кој да се осуди да каже нешто против оваа мерка?

По терк на овој предложен фонд за грозје понатаму формирате фондови за други култури или еден за земјоделски производи.

Но, за да се успее мора да се гледаат и винарските визби. Промоцијата во странство за виното мора да продолжи. Ќе скокнат другите индустрии и ќе кажат зошто. Затоа што е извозен производ, но пред сѐ затоа што е единствен на кој на етикета стои името на државата. МЗШВ и натаму, но многу попаметно, треба да издвојува буџет за промоција во странство.

Попаметно е клучниот збор тука г-дине Димковски.

Бонус за голем развој во Тиквешијата би бил ако се издвои буџет за асфалтиран пат од околу 4-5 км од село Курија општина Неготино до село Сопот општина Кавадарци (пат што поврзува лозови насади кои даваат околу 30 милиони кг грозје со визби)  и за асфалтиран пат од Демир Капија преку село Бесвица, село Вешје, село Горни Дисан, село Долни Дисан, месност Белград, Кавадарци (правиот вински пат на Тиквешијата – економски развој до небо). 

За ова г-ѓо Англовска ве молам кога ќе го покажувате тоа кесе пари благо удрете ги министерот за транспорт и врски и односните градоначалници по раме.

За арно за убаво,

Јордан Трајков




 

Писмо до Нина (1)

Писмо до Нина - враќање на ДДВ кон фирмите за 15 дена (2)

Писмо до Нина и Мила - сатнина, а не месечна плата (3)

Писмо до Нина: На идната конференција на Македонската берза да оставите впечаток (4)

Писмо до Нина: Пазар и за сметководителите, ревизорите, проценителите... (5)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе