Колумна

Писмо до Нина и Мила - сатнина, а не месечна плата (3)

Само ако прифатиме саатнина како основа за пресметка на плата работодавачите ќе можат да ја мерат продуктивноста, а работата на работниците правично ќе може да биде платена.

Почитувани г-ѓа Ангеловска, г-ѓа Царовска,

Во моето прво писмо до г-ѓа Ангеловска побарав да иницира со Министерство за труд и социјала промена начин на пресметка и плаќање на плати и придонеси од плати во насока саатнина, наместо месечна и во насока работникот да прима бруто, па тој да си плаќа персонален данок, пензиско, здравствено и социјално осигурување и членување во синдикат.

И баш сега се појавија информации за нова мерка на Владата со која што ќе им се нуди на фирмите да ја зголемат нето платата на работниците до 100 евра и да платат персонален на новата сума, а за возврат владата ќе ги покрива придонесите за тоа зголемување.

Убав обид да се зголеми платата во Македонија, но како што проектот со враќање на ДДВ-то кон граѓаните ја промашува суштината и со оваа мерка не се погодува во центарот.

Со осамостојувањето, Македонија требаше да раскрсти со договорната економија и да влезе во пазарна економија, што го одредивме и со Уставот. За жал речиси 30 години се уште се влечат договорни односи, институции и убедувања, кои никако да ни дадат простор да направиме сериозен економски раст. Еден таков сериозен камен на сопнување е начинот на пресметка и исплата на платите.

Во развиените земји со пазарна економија се работи за саатнина и се зборува и за годишни примања. Кај нас работиме со месечна плата. Зошто тие работат со саатнина или со годишна плата? Затоа што поимот месец е еластичен временски период додека саатот и годината не се. Саатнината се зема како основа за исплата на плата, а годишните примања се основ за одредување на персонален данок.

Бидејќи ние зборуваме за месечна плата, односите помеѓу работодавачите и работниците не можат да бидат јасно уредени. За кој месец се зборува во договорите за работа - февруари или август? Како работата на работниците правично да биде мерена и платена, а како работодавачите да добијат продуктивност која им е потребна?  Со плата пресметувана како секој месец да е ист, овој проблем никако не може да се реши, па имаме однос - не можеш да ме платиш толку малку колку што јас можам малку да работам. Итар-пејовски однос – „loose / loose” ситуација од теоријата на игрите.

Ние треба да го промениме овој однос кон „win/win” и тоа може да застане само ако прифатиме саатнина како основа за пресметка на плата. Тогаш  работодавачите ќе можат да ја мерат продуктивноста, а работата на работниците правично ќе може да биде платена. 

Уште повеќе, во моментот работодавачите плаќаат данок и придонеси додека работниците добиваат само нето на своите сметки (а некои и во кеш на рака). Па така, пак се создава нереален однос помеѓу двете страни. Работниците не знаат колку всушност вреди нивниот труд затоа што тие не гледаат колку работодавачот издвојува вистински за нив и тоа воопшто и не ги засега (ве молам како контра аргумент на оваа да не ги споменувате исплатните листи што работниците треба со плата да ги добијат од работодавачот – сигурен сум ќе разберете зошто).

Ваквиот начин на плаќање дава погрешна слика и за другите односи во општеството. Работниците, бидејќи не ги гледаат и не ги плаќаат парите за персонален данок и за придонеси, не ги боли и немаат реална претстава за тоа дека тие ве плаќаат вас почитувани министерки и дека ги плаќаат и транспортните трошоци на парламентарците,  дека тие плаќаат здравствено осигурување, дека тие издвојуваат од сегашната плата за да имаат пензии, дека тие плаќаат за социјално осигурување... Па многумина така заслепени со тутнат сендвич седнуваат во автобус, скандираат и лепат плакати и земаат пенкало и бираат водач/и. Резултатот го гледаме. 

Потребно е да излеземе од таа матна вода. Потребно е работниците да ја добијат бруто платата и да видат колку реално заработуваат. Потоа да платат персонален данок самите, па да платат здравствено осигурување самите, да платат пензиско самите, да платат социјално самите и тие неколкумина да платат самите за синдикат. Е тогаш ќе имаме јасна претстава за односите во општеството и ќе имаме освестени граѓани, кои ќе имаат благо чувство на тапа болка заради спечалените, а платени пари, болка која пак ќе е добра за развој на интелектпт и за задржување на меморијата. Таквите граѓани ќе можат и добро ќе размислат пред да заокуржат бројче позади параванот. Многу работи ќе тргнат во вистински правец.

Разбирам дека е можно и вие почитувани министерки и целата влада и парламентарците т.е. политичките партии да се почувствувате загрозени од ова. Но верувам дека ви е јасно, а се надевам ќе им стане јасно и на другите споменати, дека треба да се поттурне настрана краткорочниот интерес за задржување на “status quo” матна вода и дека треба да се постапи според долгорочниот интерес на сите нас.

За арно за убаво,

                                                                                                           Јордан Трајков

Писмо до Нина (1)

Писмо до Нина - враќање на ДДВ кон фирмите за 15 дена (2)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе