Писмо до Нина и Анита: Изградете е-платформа – кредитен пазар (7)

Еве ви шанса министерке Ангеловска да го остварите она што го најавивте - креирање на нови бизнис модели. Еве ви шанса да се докажете со вашето знаење во е-бизнисот.

Почитувана г-ѓа Ангеловска, г-ѓа Ангеловска-Бежоска,

Во моето прво писмо до г-ѓа Ангеловска помеѓу другото напишав и дека очекувам да иницира мала промена на Закон за облигациски односи, да направи промена на банкарската регулатива, да направи кредитен пазар и да договори долгорочни кредитни лини.

Во писмото со кое повикав да се престане со задолжување на домашниот пазар пишав да го провери и коефициент на финансиска интермедијација кој укажува на фактот дека нашиот банкарски/финансиски пазар е неразвиен наспроти перманентното долгогодишно ударање во гради дека истиот е стабилен.

Сегашната регулатива ги поставува банките во надредена позиција во однос на другите учесници на пазарот па тие имаа огромна преговарачка моќ што доведува до  развој на девијантни појави на пазарот – предаторско банкарство. Тоа се гледа и од споредбата на профитите во банкарството со останатите индустрии.

Вие со Устав сте обврзани да го штитите и развивате пазарот. Развој на пазарот подразбира фино штелување на регулативата што ќе ги доведе учесниците на пазарот во приближно ремноправна преговарачка позиција. Ова досега ниту една влада не го разбра.

Имајќи ја предвид оваа состојба и вашата уставна обврска ве молам да иницирате промена на член 387 во Законот за облигациски односи.

Сегашната одредба дава можност во договорот за кредитирање банките да вметнат клаузула за наплата на трошоци за предвремно отплаќање на долгот. Таквата одредба во потврда форма беше и во социјализмот и причината за истата беше во фактот дека во тоа време банките не можеа да ја увидат својата ликвидност, ден за ден поради поставеноста на бившата СОК служба, но и поради фактот дека информациската технологија и системи не беа на денешното ниво. Па така ако некоја фирма врати предвреме кредит, банките не можеа веднаш да ги пласираат тие средства или пак да ги вратат веднаш истите кон меѓународните кредитори доколку тие беа изворите на тие средства. Значи во тие времиња доколку банките добиеа предвремено враќање на кредит ќе имаа реални трошоци од пасивни камати. За да се заштитат од таквите непланирани трошоци постоеше тој член во Закон за облигациски односи.

Времињата се сменија, банките се господари на својата ликвидност и тие имаат можност благодарение и на развиената ИТ во секунда да направат пласман на вишокот средства што значи немаат веќе такви горе опишани потенцијални трошоци од предвремно враќање на кредит. Затоа треба да се забрани можност да се наплаќаат трошоци за предвремено враќање на кредит.

Замислете ситуација- одете во ресторан, кажувате дека сте за вечера, не земате десерт и барате сметка, а тие ви даваат сметка со вметнати трошоци за неземање на десертот т.е. предвремно напуштање на ресторанот.

Второто нешто што треба да се промени е со регулатива да се наметне сметање на проста каматна стапка, а да се забрани сметање на сложена каматна стапка. Имено, ретко кој може сам да си пресмета сложена каматна стапка, па кредитокорисниците секогаш ги потценуваат вистинските каматни трошоци што ќе ги имаат. Тоа доведува до несакани проблеми и до можност за инофрмативни манипулации од банките. Ќе имаме многу почисти односи доколку комплетно преминеме на пресметување со проста каматна стапка (исто и во однос на пасивната камата т.е. камата на депозити) така нема да има можности од информативна арбитража која секогаш оди во полза на банките.

Замислете ситуација - одите во ресторан и наместо цени во менито имате формула?

Трето е со регулатива да се спречат банките да наплаќаат трошоци за обработка на кредитно барање. Тоа им е работата, нека си ги покријат со разликата помеѓу активна и пасивна камата. Вака е користење на преговарачката моќ. Некои уште и однапред бараат уплата пред да го информираат кредитобарателот дали му е одобрен кредитот. Замислете ситуација - се јавувате во ресторан да закажете и ви бараат уплата на трошоци за обработка на вашето барање?

Четврто е со регулатива да се обврзат банките на кредитно барање, доколку сакаат да продолжат, на кредитобарателите да им дадат писмена понуда во која ќе бидат сосема јасно напишани  сите потребни информации и услови на понудата но и во која ќе биде вметнат и предлог договор. Сега имаме ситуација повеќето од нив да не дадаваат јасна писмена понуда, а велат „ќе биде“ и усмено кажуваат ориентациска камата, па ги водат барателите низ процес кој завршува со високи трошоци за барателите и договор за кредит со кој барателот често е ставен во неповолна положба при што времето му е изгубено и за него често нема назад, па не оди по други банки. Замислете ситуација - одите во ресторан, а таму не добиваате воопшто или добивате мени со нецелосни информации, а од седнување ве влечат еден час, а вие гладни, за на крај да ви дадат нешто што вие не сте го нарачале и да ве обврзат да платите некакви трошоци.   

Петто е со регулатива да се спречи банките да ги обврзуваат фирмите сите нивни потреби од банкарски услуги да ги вршат во банката од каде што земале кредит, а при тоа не се знаат цените ниту квалитетот на сите нивни услуги. Ако пак дадат тарифник, тој е долг и за обичен човек неразбирлив и згора на сѐ тие имаат можност да го сменат кога што сакаат по нивна волја, без клиентот да има каква и да е можност и да зуцне, а веројатноста од таква промена е огромна затоа што кредитот не се зема на еден ден. Таквата нивна практика поткрепена со преговарачката моќ им овозможува дерење. Нема друг збор што е поадекватен.

Замислете ситуација - одете во ресторан и ви велат сѐ или ништо, само на ваше барање добивате мени кое е во форма на банкарскиот тарифник и уште на тоа кога ќе дојде сметката да добиете повисоки цени затоа што „управниот одбор” на ресторанот заседавал баш кога вие сте јаделе и згора на тоа заради ваше барање за спојување на маси да добиете и вметнати трошоци за управување со маса (аналогно на нивните трошоци за управување со рамка).

Шесто е со регулатива да се спречат манипулациите со процените на вредноста на колатералот. Некои банки сами вршат проценка, па на кредитобарателите однапред им бараат пари за тоа, а други пак не ги признаваат сите лиценцирани проценители, па праќаат нивни „одобрени“ кои имаат многу високи цени при што лесно може секој да прави шпекулација за тоа како се дели понатаму таа висока цена. Кредитобарателите кај таквите „стрвни“ банки добиваат тотално нереални проценети вредности на понудениот колатерал.  Морам да ја издвојам Комерцијална Банка АД Скопје која праќа свои проценители без наплата на трошоци – браво за нив. Но, ова е исклучок.

Седмо е со регулатива да ги обврзите банкарите што работат на кредитирање и раководителите на тие служби како и одлучувачите (кои и да се) да мораат да имат положено тестови (вистински) за изготвување на готовински текови на фирма и за структурирање на кредити. Зошто? Затоа што сега главно се неписмени во тој поглед (секоја чест на исклучоци), па ги стуктурираат кредитите не според готовинските текови на фирмите, туку според нивниот компјутерски систем, нивните правила и процедури... Една од најчестите грешки е во роковите на враќање. Тие нудат 5 годишни кредити а истите ако се користат за купување или градење на основни средства чии амортизациски период е од 10, па до 50 години ствараат дисбаланс во рочната структура во билансот на состојба на фирмата кредитокорисник (за оние што не знаат финансии – читајте ствараат дупка). Банките својата рочна структура си ја пазат, а од друга страна намерно или ненамерно на своите клиенти им ја нарушуваат нивната. 

Втората најчеста грешка е во начинот на отплата. Пример бараат месечна отплата (со планетарно глупиот изговор - „компјутерот не ми дава подруга можност“), а фирмата е во сезонски бизнис што ствара периоди на неликвидност. Со тоа ги заглавуваат фирмите затоа што кога враќањето на кредитот не е усогласено со готовинските текови на фирмата обавезно таквиот кредит е лош. Со обврзувачката обука барем ќе ја намалите ваквата практика кога е предизвикана од незнаење. За намерното лошо структурирање - подоле во текстот.

Девето е да ги обврзете банките јасно да дефинираат и искажуваат што се тоа краткорочни, среднорочни и долгорочни кредити за да не ги доведуваат во заблуда кредитокорисниците. Краткорочни кредити до 5 години, среднорочни до 10 години и долгорочни над 10  години. Секое друго интерпретирање е заблуда за кредитобарателите.

Десето е да ги обврзете банките јасно да го дефинираат и искажуваат грејспериодот. Само Комерцијална Банка АД Скопје ова го прави како што треба. Второ браво за нив. Другите ги доведуваат во заблуда своите клиенти.

Единаесето е со регулатива да ги обврзете банките да имаат баланс помеѓу долгорочните кредити (да повторам - над 10 години) дадени кон граѓани со долгорочните кредити дадени кон мали и средни претпријатија. Во моментот банките кон овие вторите излегуваат со понуда од 5 години, а ретко некоја банка на инсистирање ќе каже дека може и 7 или 8, па и до 10 години. Во исто време банките даваат долгорочните кредити кон граѓани за купување станови во Скопје и можеби по некој во Охрид. Доколку сакаме да имаме економски развој мора да има и долгорочни кредити за малите и средните претпријатија и да има некаков баланс помеѓу двете категории.

Во тој контекст со Христовска Заевска (за и неа да ја видиме дали е на ниво на вашата најава Ангеловска) треба со меѓународните банки да испреговарате долгорочни кредитни линии од 10-20-30 години за мали и средни претпријатија.

Дванаесето е со регулатива да се спречи банките да бараат предвремена наплата на кредит за несуштинско прекршувања на договорите за кредитирање.

Сега банките имаат практика да вметнуваат клаузули (обично член 7 или член 8 во договорите – си ги препишуваат едни со други па во сите банки се малтене исти „шпагети“ договори)  каде што доколку должникот не направи навремено осигурување на колатералот или не доставил навреме годишна сметка или слично несуштинско, кредитот е доспеан веднаш.

Се оди и до таму да некои банки вметнуваат и клаузула каде што можат да бараат предвремена наплата затоа што така одлучиле тие. Како да им се врати тој кредит? Од каде?

Ако ги поврзете можноста на банките намерно лошо да го структурираат кредитот, можноста за предвремено барање за враќање и манипулацијата кај проценката на колатералот добивате најчист пример на можност за  предаторско банкарство. Најчестото сценарио е со баратели што имаат добар, многу повреден колатерал. Им се даваат кредити со неадекватни услови кои ги заглавуваат барателите на кредит и потоа се активираат клаузулите за предвремена наплата и додека трепнеш некој лапнал евтин колатерал, а тој некој не е банката или акционерите на банкта. Фирмите згаснуваат, вработените кој како ќе се снајде, а посреќните претприемачи завршуваат со стентови. Исклучително лошо за економијата. Се обложувам дека има голема корелација помеѓу број на срцеви удари кај претприемачи и лоши банкарски кредити (кога велам лоши – лоши, предаторски од старт).

Исто така ве молам да направите и промена на регулатива со кои ќе ги обврзете банките за рамнотежа помеѓу географската распределба на депозитите со географската распределба на кредитите со цел да добиеме порамномерен економски развој во цела Македонија. Имено сега тие земаат депозити од сите краеви на Македонија, но кога ќе дојде до кредитирање тогаш истото е насочено повеќе кон Скопје (поготово поради колатералот). Ако веќе не го разбираат пазарот надвор од Скопје, тогаш нека не земаат депозити од тие краеви на земјата. Но, подобро е она што го опишав напред во овој пасус.

На крај, но не и најмалку важно, огромен развој на финансискиот пазар и надминување на некои, ако не и сите од погоре споменатите девијации ќе направите доколку се познимавате со градење на е-платформа – кредитен пазар. Електронски кредитен пазар каде што кредитобарателите ќе стават своја единствена апликација со сите елементи, вклучително и процена на колатерал од овластен проценител, и која што банките,но и другите небанкарски финансиски друштва ќе можат да ја видат, да ја проценат и да дадат своја иницијална понуда со сите елементи и услови како и предлог договор. Кредитобарателите ќе можат да одберат од добиените понуди. Оваа пазарна платформа веројатно ќе треба да се стави на менаџирање на некое одделение во НБРМ или кај вас? Работењето преку ваква пазарна платформа треба да биде задолжително за банките но и за кредитобарателите. Истата треба пажливо да се дизајнира за да има избалансирани преговарачки позиции на учесниците (најгоре укажав дека моќната преговарачкта позиција на банките е извор на сите негативности). Таквиот електронски пазар значително ќе ги намали трошоците на сите учесници и ќе допринесе значајно за зголемување на ефикасноста на целокупниот финансиски пазар т.е. ќе допринесе значајно за економскиот равој на земјата.

Еве ви шанса Ангеловска да го остварите она што го најавивте - дека ќе работите на креирање на нови бизнис модели. Еве ви шанса да се докажете со вашето знаење во е-бизнисот. Еве ви шанса да направите вистински пазар и да го остварите напишаното во Уставот.

За арно за убаво,

Јордан Трајков


Писмо до Нина (1)

Писмо до Нина - враќање на ДДВ кон фирмите за 15 дена (2)

Писмо до Нина и Мила - сатнина, а не месечна плата (3)

Писмо до Нина: На идната конференција на Македонската берза да оставите впечаток (4)

Писмо до Нина: Пазар и за сметководителите, ревизорите, проценителите... (5)

Писмо до Нина и Трајан: Прво фонд за грозје, па фонд за земјоделски производи (6)

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе