Колумна на Дарко Митревски

Писмо до моите

Кога панаѓурот ќе помине, и кога наредното утро ќе се погледнете во огледало – сите работи што ве прават незадоволни од самите себеси и понатаму ќе бидат видливи: и изгледот, и навиките, и карактерот... Само идентитетот ќе ви го нема.

Почитувани сонародници,

Чувствувам лична, човечка потреба да одговорам на повиците за јавна дебата што деновиве фрчат од разни страни и да се вклучам во неа. Се надевам дека нема да ме сметате за натрапник само затоа што живеам во друга земја и под друго знаме, со соседите зборам друг јазик и на јавни свечености пеам друга химна – бидејќи со вас сè уште делам ист идентитет.

Додуша, уште некој ден. Додека не го смените.

Знам, знам дека верувате дека вие не менувате идентитет, туку име. Знам и ве разбирам, затоа што сите така ви зборат и во тоа ве убедуваат.

Арно ама, не е така.

Имено, името означува идентитет.

Ако не ми верувате, ѕирнете си ја личната карта: таму има фотографија со вашиот лик, а до неа стои име и презиме со кое тој лик се именува.

Сменете го тоа име, и одеднаш сите ваши документи стануваат неважечки: самата лична карта, вашиот пасош, вашата возачка дозвола, вашиот извод од книгата на родените, венчаница, имот запишан во катастар, членска карта од партија или библиотека... Сè што дотогаш се однесувало на вас ќе мора да се ревидира, вклучително и називот на вашиот фејсбук-профил.

Чудна сила имаат имињата. Дури и предметите се безлични сè додека не ги именуваме, а камоли пак луѓето и народите. Античките комедиографи оделе дотаму што дури тврделе дека „nomen est omen”, односно дека името е знак не само за тоа кои сме, туку и какви сме....

Се разбира, никој од нас не е сосема задоволен од тоа каков е.

Некој не е среќен со својот изглед, па држи диета или штеди пари за естетска хирургија.

Друг можеби не си ги сака навиките, па се обидува да остави цигари или да престане да грицка нокти.

Има и такви што не ги сакаат другите или пак не се сакаат самите себеси – што е дел од нивниот карактер на кој можеби треба да поработат.

Но само психијатриски случаи сметаат дека со промена на идентитетот ќе успеат да се изменат себеси и да ги решат своите наталожени проблеми.

Во таков психијатриски случај, почитувани, деновиве ја претвораме сопствената татковина.

Нема збор, си има таа еден куп проблеми, сиротата. Кога ќе размислам, речиси и нема област во која Македонија не се дави во проблеми: агрономија, безбедност, владеење на правото, градежништво и урбанизам, драма и театар, економија и екологија... Може вака по азбучен ред да набројувам со денови, и не само по азбука туку и по абецеда, и на латиница и на кирилица и на глаголица... Толку многу маки трга таа земја што нема доволно букви да ги опишат.

Но имам една убава вест: со исклучок на еден, сите нејзини проблеми се решливи.

Како? Па така, лесно.

Само треба да се распрашаме кој друг на планетава имал сличен или ист таков проблем, да видиме како тие го решиле – и потоа да го примениме нивниот модел.

Да речеме, ако имаме проблем со сообраќајот во центарот на Скопје, да побараме совет од градските татковци на некои престолнини што таков проблем немаат – да речеме Прага или Берлин.

Ако сакаме да го намалиме загадувањето, можеме да се информираме како тоа пред нас го сториле многу поголеми метрополиси од типот на Лос Анџелес.

Сигурен сум дека Германците би можеле да ни кажат како да ја унапредиме јавната хигиена, а Норвежаните да нè подучат каков однос да имаме кон природата.

Може да се консултираме и за некои пожешки теми: слушам дека возењето во алкохолизирана состојба е искоренето во Малезија, трговијата со дрога речиси и не постои во Виетнам, а на Куба малтене и нема криминал.

Да не збориме за тоа дека во Танзанија, Бразил, Конго, САД, Гана, Аргентина и Мадагаскар во многу поголема хармонија живеат бајаги повеќе етнички заедници отколку кај нас – и тоа без претходно да потпишале рамковен договор.

Значи, сè што треба да се направи е да се следат туѓите стапки, дисциплинирано да се изодат патеките што други пред нас веќе ги преминале – и нашето секојдневие да биде песна!

Дали ние тоа го правиме? Не, се разбира.

Дали ние тоа имаме намера да го направиме? Се разбира дека не.

А зошто не? Е зошто де?

Се чини дека граѓаните на Македонија не сакаат да учат од туѓи искуства, туку како повеќе да сакаат туѓинци да дојдат и да им ги решат проблемите.

И затоа, како што малите деца бараат цицка - ние бараме влез во ЕУ и НАТО.

Да не бидам погрешно сфатен: мислам дека членството во овие два сојуза за нас би било исклучително полезно. Ако ништо друго, барем да излеземе од визбата во која сме залегнале и да почнеме малку да се дружиме со други луѓе, да кршиме јазик на други јазици и да дозволиме да нè оплеменат и некои други култури.

Но дали навистина мислите дека членството во НАТО и ЕУ ќе ви ја исчисти атмосферската канализација, па нема да ви се случуваат поплави? Дали навистина сметате дека образовниот систем, за кој статистиките покажуваат дека произведува функционално неписмена младина, самиот од себе ќе ви се подобри? Зарем сериозно верувате дека магично ќе ви се залечи болното здравство, па ќе престанете да бидете европски рекордер во смртност на новороденчиња? Се мајтапите или мртви-озбилни тврдите дека европското знаменце пред институциите ќе ви го подобри јавниот превоз?

Доколку беше така, зарем во Романија денес ќе цветаше корупцијата? Ќе имаше ли авторитарни влади во Унгарија и Полска? Немаше ли да биде искоренета невработеноста на југот на Италија? Зарем ќе се иселеше една третина од популацијата на Бугарија? Ќе можеше ли да се случи радикално десна влада во Австрија? Ќе успееше ли брегзитот? На крајот на краиштата, ќе ми беше ли мене Доналд Трамп претседател?

Не, почитувани. Не така. Та не сме саде ние, та не сме саде тука. Проблеми си имаат и другите народи. Всушност, сите народи на светот. И како што реков погоре, никој од нас и никој од нив не е сосема задоволен од самиот себеси.

И земјите, исто како и луѓето, работат на тоа да им биде подобро со тоа што ќе си го сменат изгледот, навиките, карактерот...

Но само Македонија мисли дека ќе ѝ тргне така што ќе си го смени идентитетот. А реков погоре кој смета со промената на идентитетот ќе му се смени животот: само психијатриските случаи!

Некој сега ќе рече: па нормално дека сме случаи, побудалевме овие 27 години!

Разбирам, ама во тие 27 години имаше околу нас такви што беа во војна (Хрватска), под санкции (Србија), на работ на масовна глад (Бугарија), во целосен хаос (Албанија)... па сепак сите тие денес се троа понапред од нас.

Извинете ако сум индискретен - ама да не е малку и до нас?

Ај ве молам размислете.

И земете го предвид фактот дека сите наши проблеми некој друг на своја кожа веќе ги има искусено и решено.

Буквално сите - освен еден.

Тој еден уникатен проблем е проблемот што го имаме со Грција.

И намерно велам проблем, а не велам „спор за името”. Спорот можеби и ќе се реши – ама проблемот ќе остане.

Тој проблем, почитувани, извира од низа злостори што тежнеат да бидат не простени, ами заборавени. Злостори направени врз вашиот и мој народ: илјадници безмилосно претепувани луѓе, стотици гранатирани домови, којзнае колку убиени цивили, којзнае колку деца сурово тепани затоа што го зборувале мајчиниот јазик, луѓе терани да пијат рицинус како казна што ги пееле своите народни песни, селани палени во своите храмови, млади мажи праќани на пусти острови за да прифатат дека се нешто што не се, бебиња одземани од своите мајки за да бидат преобратени во друга етничка припадност, цели генерации набркани од своите огништа, без право да се вратат, без право да си ги посетат гробиштата на предците, без право да си ја побараат земјата што била нивна... И сето тоа од страна на држава што ги негира не само мртвите, ами и живите!

Добро, знам јас добро дека нема народ што не трпел неправда. И немојте да мислите дека ние во таа приказна сме биле само жртви, а не и џелати. Можам детално да ви ги документирам многуте злосторства, палежи, убиства, ѕверства и масакри што нашите комити ги извршиле не само врз нивни недолжни луѓе, туку и врз своите словенски собраќа што одбрале да се молат во црквите на Цариградската патријаршија наместо во оние на Бугарската егзархија.

Мрачна е таа историја, и нашата и нивната...

Но дали сметате дека деновиве на сето тоа ставаме точка?

Дали навистина мислите дека ќе си дадеме прошка едни на други така што ќе го прифатите членот од договорот што налага секој Македонец јужно од Евзони, сами по своја волја, при здрава свест и совест – да го сметате за Грк?

Дали сериозно верувате дека со согласноста во наведувањето на топонимите во Егејска Македонија предност да им давате на ендонимите наместо на егзонимите не се откажувате од своето културно и јазично наследство во тие предели?

Дали мртви-ладни ќе можете да застанете пред гробот на таткото на својата нација, Гоце Делчев, и според преземената обврска да измрморите дека бил роден во Килкиза – наместо во Кукуш?

Дали сте подготвени да ги преименувате сите бастиони на сопствената државност, сето она што содржи „македонско” во својот назив: МАНУ, МПЦ, МРТ, АРМ, МНТ...

Дали вие тоа наивно верувате дека сте добиле гаранција за признавањето на својата македонска посебност од својот јужен сосед – чиј премиер не издржа уште наредниот ден јавно да ви ја негира етничката припадност?

На крајот на краиштата, дали би оделе до таму да се откажете и од Илинден и од АСНОМ, извориштата на вашата национална гордост?

Се надевам, почитувани, дека на сите овие прашања ќе одговорите со НЕ.

И дека договорот со Грција ќе заврши онаму каде што заврши идејата за „Република Илинденска Македонија”: во канта за ѓубре, каде што му е местото.

И дека не сте мали деца за да им поверувате на сите оние што деновиве со насмевка на лицата ве тапкаат по рамо... И јас, бре, би ве тапкал да сум на нивно место: ем нивниот проблем решен, ем нечиј туѓ газ ќе добие сто стапа како цена што мора да се плати за тоа решение!

Се надевам, почитувани, искрено се надевам, малтене молам бога (иако сум заколнат атеист) дека не умрел Македонецот во вас...

Но доколку одговорите со ДА, тогаш јас и вие немаме ништо заедничко, па дури ни ист идентитет. Не сме од ист калап правени, немаме исти мисли во главата, не ни гори ист пламен во срцето... И во тој случај проштевајте што ви го арчам времето.

Но барем на разделба да ви кажам, да не ми тежи на душава: нема народ во светската историја што од себеси се откажал на начин на кој вие тоа го правите изминативе денови – со радост, веселба, прослава...

Кога тој панаѓур ќе помине, и кога наредното утро ќе се погледнете во огледало – сите работи што ве прават незадоволни од самите себеси и понатаму ќе бидат видливи: и изгледот, и навиките, и карактерот...

Само идентитетот ќе ви го нема.

Дарко Митревски, режисер

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе