Пишман-прекомандата на Димитров е задоцнета шест месеци

Договорот е потпишан од Владата во која Димитров седи четири години, па тоа што сега глуми изненаденост – е класичен аматеризам.

Излишен е обидот на техничкиот министер за по надвор досега да ги игнорира, задоцнето открива и на крај, сега, временски темпирано и провидно да ги драматизира ставовите на Бугарија во Изјавата во резимето на Заклучокот за проширување на ЕУ и датумот за преговори за Македонија и Албанија. Од едноставна причина што тие се фактички познати од поодамна, а формално објавени најмалку шест месеци и се дефинирани во позициите на Народното Собрание на Република Бугарија. За на крај да бидат и службено приложени од нивната дипломатија кон Заклучокот за Советот на ЕУ за проширувањето, со што де-факто добиваат и меѓународна тежина на веќе интернационализирано прашање.

Развој на серија настани, зачудувачки за неупатените и однапред предвидени од упатените, што македонската дипломатија во изминатите шест месеци ги премолча и само периферно вербално ги толкуваше со пола уста и наивна надеж. Преку истиот министер за надворешни, што сега е – демек – изненаден и навреден, ко’ Миле Гутовиќ во тв серија од „Б“ категорија.

Едноставно Владата на СДСМ пред сѐ се бореше да добие датум за преговори, којшто и сега е недефиниран и не беше заинтересирана за страничните пораки кои не ѝ одговараа на потребата предизборно да го користи. Затоа сега е време министерот Димитров да биде соочен со фактите и за нив да носи одговорност – како носител на изборната листа на владејачката СДСМ во ИЕ1. А за тоа ќе треба повеќе напор, дипломатска акробација и интелектуална тежина од нарачани интервјуа во кои се „открива топла вода“ загреана уште од есента на минатата година.

Затоа што неговите тековни реакции се, најпрво, недипломатски и неевропски оти за нив има колеги на кои треба да им се обрати, а не да кука по медиуми со панични и контрадикторни чистење раце. Второ, тие се задоцнети затоа што беа најавени во документот на Народното Собрание. Трето, задоцнети се затоа што пристапот „по свадба – тапани“ сега е само алиби, но не и решение на проблемите во најава. Четврто, затоа што Изјавата на Бугарија е и реакција на одлагањето на работата на Мешовитата комисија (Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања) востановена согласно Договорот за пријателство што е потпишан повеќе од две години.

А пред сѐ – петто, но еднакво важно – затоа што оваа состојба е произведена од Договорот што е потпишан од Владата во која Димитров седи четири години, па тоа што сега глуми изненаденост – е класичен аматеризам. И уште полошо од тоа, лицемерен однос кон државата и народот кој веруваше во неговите успеси за добро на Македонија и македонскиот народ.

Затоа, бидејќи неговото ламентирање е дипломатски безпредметно, меѓународно небитно, политички некоректно и интелектуално провидно-плитко, останува да биде дефинирано онака како што е во суштина: дневно-партиско и за лични потреби. Онака како што беше во времето на неговото потшишување на Договорот, така и сега кога е изглумено скандализиран од она што пишувало на хартијата пред да ја потпише.   Оттука…

Потребно е да се утврдат потребните чекори и извесните предизвици

Така, основна потреба е техничкиот министер Димитров да се воздржи од натамошни коментари. Сѐ што требал и можел да стори било потребно и можно до сега. Впрочем, ниту Заев, ниту Спасовски, Османи, Шеќеринска, ниту Димитров денес немаат право да бидат изненадени од оваа состојба, затоа што ако се изненадени – признаваат дека македонската Владата не била ниту креатор ниту ко-автор, туку само потписник на меѓународни договори во име на државата што ја водат. Накусо, со истапот на Димитров се потврдуваат сомневањата на познавачите дека нашата страна учествувала само во финалниот акт на потпишување, но без премногу ангажман во процесот на составување на Софискиот, а можеби и на Преспанскиот договор.

Отсега па натаму, секоја негова изјава е само оптоварување за следната влада и нејзината надворешната политика, а неа очигледно ниту Заев ќе ја креира, ниту Димитров ќе ја води.

Уште повеќе, во услови на очигледни искри во СДСМ меѓу Водно, Бихаќка и Илинденска, Димитров може само да бара реализација на своите лидерски амбиции внатре во судирот на лобијата во СДСМ. Во партијата, но не и на сметка на државата. Ниту со доведувањето на Владата или на претседателот на Републиката во потешкотии.

Натаму, следните дипломатски чекори ќе подразбираат дека дефинирањето на македонскиот јазик не е предмет на европските интеграции, туку на востановените стандарди со кои јазикот е дефиниран по Втората светска војна и меѓународно валоризиран уште од седумдесеттите години на ХХ век.

Интересно, во текстовите кои ја покриваат најновата „дипломатска возбуда“ на Димитров, има уште едно прашање на кое му се посветуваат само пар редови, а Димитров – неизненадувачки – не го коментира, што само по себе ја лоцира вистинската тежина и болка од пораките на законодавно-извршната политичка и дипломатска позиција на Софија. А тоа прашање е:

„Откривањето на соработниците од денешна РСМ што работеле за безбедносните и разузнавачките служби на поранешна Југославија“.

Затоа, секогаш кога ќе се постави прашањето како Брисел ќе реагира на барањата на Софија, штом го видам овој услов – сметам дека ќе постои голема заинтересираност за секое од наведените прашања. И во Брисел и во Париз и во Берлин... Затоа што европеизацијата на Македонија е причинско-последично поврзана со дејугословенизацијата на Македонија.

А тоа подразбира и дека и следната Влада ќе ги продолжи активностите на Мешовитата комисија затоа што таа не е партиска добра волја на СДСМ, туку обврска и потреба на Македонија. Како кон соседите, така пред сѐ кон – себе. Не затоа што на Македонците ќе им се најдат нови корени, туку затоа што македонскиот идентитет ќе расчисти со својот југословенски мотив. И со тоа, новиот македонизам ќе се наврати на својот корен – просперитетот на македонскиот народ, а не антагонизмот кон другите народи во Македонија или кон соседите.

Едноставно, обидот за релативизирање на сериозноста на вложената Изјава кон записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи во делот на нејзината унилатералност е дел од обидот за релативизација на сериозноста на компликациите кои практично ни се пред очи. Дотолку повеќе што Димитров ниту може, ниту смее да чепне во битната фуснота на наведениот став и барање на Софија – дали е тоа навистина само барање од Бугарија или пак соседите пренесуваат став на други битни центри на полит-безбедносно одлучување во рамките на ЕУ. Кои не се сосема на исто ниво како и оние на НАТО.

Дел од тие компликации секако треба да се бараат во непријатната позиција во која Македонија се доведе под дипломатската палка на Димитров во која земјата во европските интеграции „даде сѐ“ во замена за „датум“, наместо за „членство“.

Така, поголемиот проблем денес се јавува во тоа што во депонираната изјава, Тирана е веќе имплицирана, а овие детектирани проблеми создаваат основа...

И Атина да стане дел од решавањето на прашањата со Софија

...И на тој начин да се вратиме во состојбата на периодот пред Преспанскиот договор, кој беше дизајниран како крај на отворените прашања, а вака како што тргнал Димитров – очигледно е само вовед во нови непознаници. Која за нас не навестува пријатен пат кон Брисел, но на Димитров му најавува цунами на многу недоговорени прашања.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе