Перцепција

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

Комичниот обид на луѓето задолжени за ПР на Владата, суровата реалност дека Македонија е рангирана на дното на државите со турбо корупција, да ја претстават како перцепција на граѓаните,  дефинитивно влегува во рубриката на Рипли „Верувале или не“. Да бидеме реални, во моментите пред да ја објават оваа „заебанција“, кога му ја прочитале на шефот било во стилот, дај „пет“,  уау човече па ти си цар, како ти текна, веднаш пуштај нека оди...

Комедија или заебанција, но што правиме ако шефовите веруваат во оваа вистина. Е, тогаш македонските граѓани ќе платат и тоа дебело. Граѓаните и досега плаќаат, но сега што ќе видат нема да заборават. Дај боже да не сум во право, но мислам  дека ќе го папаме (државнички жаргон).

Да им помогнам во процесот на утврдување колку граѓаните забегале со погрешни перцепции без ред ќе набројам некои:

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека во државата има над 150.000 вработени на „државни јасли“ со единствено потребната квалификација „овој е наш“ (чест на 10% за кои не важи оваа).

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека нема судска постапка за која не треба да се плати преку „добро го знам судијата-ката“.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека државни тендери добиваат само фирмите на „бате и тате“. 

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека 1.500 Албанци седејќи дома лапнаа 100 милиони евра државни пари.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека во Македонија добро живеат само тие што ништо не работат (читај политичари, државни тендераши, тајкуни).

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека воздухот во Скопје, Битола, Пробиштип, Тетово, Радовиш.... е загаден со тешки метали и отрови.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека 120 мали хидроелектрани, исклучиво во сопственост на стари и нови тајкуни им ја земаат водата на граѓаните и природата.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека обичните граѓани во банка во стечај губат 50 милиони евра, но не и министерката за финансии.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека албанските политичари на секое ќоше зборуваат за обединета етничка Албанија.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека банките им наплаќаат милиони евра годишно за услуги кои не постојат.

Граѓаните имаат погрешна представа дека извршителите во спрега со банките, електродистрибутерите, комуналните претпријатаија, им блокираат сметки и им наплаќаат десет пати повеќе од долгот.

Граѓаните имаат погрешна перцепција кога  плаќаат во  кеш „на рака“ на некои државни лекари.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека нема град кој не е окупиран од градежната мафија.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека нема куќа од која некој не избегал во странство.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека за политичарите важи „сите се исти, ни е.аа мајката“.

Граѓаните имаат погрешна перцепција дека во Македонија нема вакцини. Па Ве молам!

Може да набројувам уште стотици погрешни перцепции на граѓаните, но и оваа е доволно  шефовите да заклучат дека народот во оваа држава длабоко забегал со погрешните перцепции. Ќе треба превоспитување.

Замислете што ќе се случи  ако граѓаните  добијат погрешна перцепција дека Владата лошо владее.

ПС: Можеби треба да се формира регистар на погрешни перцепции на граѓаните?

 Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе