Политико

Пекинг го претрка Брисел на Балканот

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

Одлуката на Европската Унија да ги одложи разговорите за членство со Албанија и Северна Македонија не можеше да биде полошо темпирана.

Додека посветеноста на Брисел е сомнителна, кинеската иницијатива „Појас и пат“ нуди атрактивна алтернатива за земјите што губат надеж во бескрајното чекање да влезат во ЕУ.

Кина порано беше синоним за евтина облека и шарена пластика. Во Црна Гора денес таа е попозната по високите кранови и огромните бетонски столбови, додека се оформува мостот висок над 200 метри и долг 1 километар над реката Морача.

Проектот - дел од амбициозен план за изградба на автопат од јадранскиот брег до границата со Србија - го предводи Кинеската корпорација за патишта и мостови (ЦРБЦ), со заем од кинеската Ексим банка. Вака изгледа Појас и пат на теренот: кинески инженерски мускул здружен со евтини кинески заеми.

Во Црна Гора и во останатиот дел од Западен Балкан, Кина пристигна со мал историски багаж - само куфери полни со кеш. Тоа е во значителен контраст со „Западот“, кој има вековна традиција на мешање во локалната политика, а од неодамна - преку ЕУ - ветува многу, а исполнува малку.

Скапиот градежен проект во Црна Гора не е популарен кај сите, но критичарите ја обвинуваат владата наместо Кинезите.

Над шољите силно кафе во ресторан во Подгорица, го прашувам инженерот што работи на проектот дали е загрижен за кинеското влијание. Тој се смее и вели: „ЕУ веќе им кажува на нашите политичари како да гласаат и што да кажат - со Кина ќе биде исто, само за други прашања“.

Црногорците генерално се за ЕУ, ама им е преку глава. Тие можеби се повеќе фрустрирани од своите политичари отколку од Брисел, но од поширок аспект, гневни се што ништо не се сменило, а ветувањата остануваат неисполнети.

Ова чувство е широко распространето низ целиот Западен Балкан. Секогаш кога разговарам со луѓето за Кина, порано или подоцна се спомнува интеграцијата во ЕУ.

Во Северна Македонија, еден локален академик ми вели дека изминативе пет години ги гледа истите „бриселски глави“ на телевизија како го зборуваат истото.

Во Босна и Херцеговина, седам во канцеларија на еден локален министер и слушам тирада што помалку личи на политички театар, а повеќе на директно истурање бес: „На луѓето им е преку глава од надевање и надевање без резултати, без инвестиции, без вработување. Иднината е неизвесна, но ЕУ не е толку привлечна како што беше порано.“

Дури и во Албанија, која е особено прозападна, еден шармантен и милозвучен поранешен политичар ми вели: „Постои фрустрација, да бидам искрен, секогаш има пари, но не се доаѓа лесно до нив - нема лесни одлуки“.

Не е важно кој е кривецот. Во крајна линија, луѓето се чувствуваат запоставено, разочарано. По распадот на Југославија, имаше ужасно насилство и економско уништување, но потоа дојде надежта. Сега постои само стагнација.

Бидејќи ЕУ е отсутна во регионот, Пекинг моментално работи во некаков вакуум и нуди примамлива парадигма: безусловни финансии, кои оперираат врз основа на заемно почитување. За разлика од Брисел, Пекинг не бара политички услови ниту внимателно сметководство. Во земјата и на меѓународно ниво, Пекинг му дава приоритет на развојот пред деталите како што се реформите и човековите права. На Балканот, тој нуди да изгради национални проекти што ЕУ не сака ни да ги пипне: фабрики за јаглен во Босна и Србија, автопат во Црна Гора.

На конференција за иницијативата „Појас и пат“, одржана на Белградскиот универзитет и финансирана од кинеската амбасада во Белград, еден од академиците-организатори ми вели дека „меѓу Русија и Европа од двете страни, јас ја гледам Кина како третиот пат“.

Во Босна и Херцеговина, чекорам по брегот на Миљачка со една млада преведувачка, која ги води кинеските туристи низ Сараево. Зборувавме за Кина, но ненадејно, по кратка тишина, таа рече: „Знаете, долго време беше Русија наспроти Западот. Западот сè уште е Запад, а Балканот сè уште е Балкан, но Кина е свежо лице“.

Кина не може да обезбеди алтернатива за интеграцијата во ЕУ. Не им е ни одблизу конкурентна на меѓуевропската трговија и инвестиции. Но присуството на Пекинг во регионот е ново. Кина е богата. Оптимист е за иднината. Дава надеж. Таа фаќа корења во празнините што Брисел ги остави меѓу очекувањата и реалноста.

Во Северна Македонија, владата го смени името на цела една држава за да ја смири Грција и да го олесни патот за евентуално пристапување. Оддалеку, ова можеби изгледа како мала отстапка, но решавањето на деценискиот спор за името меѓу Грција и Македонија е неверојатно емотивно прашање.

На една неодамнешната посета во земјата за истражување на два автопати што ги гради кинеската компанија Синохидро, слушам дека безброј луѓе се жалат за тоа дека владата го сменила името на земјата. Владата изврши чин на огромно политичко самонаштетување заради интеграцијата во ЕУ, и сега ѝ е кажано да чека бидејќи Бундестагот има зафатена летна агенда.

Ако, според коментарите на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, ЕУ е загрижена за влијанието на Кина во европското соседство, таа навистина треба да ја засили својата посветеност кон регионот. За жал, се чини дека го прави токму спротивното.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе