Печалбарите доаѓаат

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

Како аргумент за трпението наведува дека тие за време на нивниот престој ќе остават повеќе пари во родниот крај. Во апелот нагласува дека нивната недоволна дисциплина во сообраќајот и однесувањето треба да се прифатат широкоградо, зашто иселениците престојуваат само неколку дена во родниот град. Гестот на добредојде ќе беше општоприфатен доколку гостиварци беа прашани каде ќе биде поставена црвената линија на пристојното однесување.

Еве го летото во полн ек. Неговото доаѓање во Гостивар го најавија предвесниците во луксузни автомобили. Гостивар и оние што живеат во градот во јули и август пулсираат во сосема друг, побрз ритам. Последниве две децении, првиот град на Вардар наликува на туристичко место. Неколкукратно зголемен број возила, луѓе, раздвиженост, зголемен промет и заработувачка. Задоволни се и трговците, превозниците и угостителите, а во поново време двократно работат и приватните ординации. Приливот на пари од ќесето на печалбарите не се брои, но според некои пресметки двојно го надминува буџетот на општината кој годинава е проектиран на близу 17 милиони евра. И тоа е добро, оценуваат гостиварци. Тие пари многу им помагаат да ги врзат и останатите десет месеци.

Но, не се истураат тешко заработените евра, франци, долари туку-така. За потрошените пари се очекува насмевка. Не се обѕираат на циничните коментари дека автомобилите кои повеќето се земени од рент а кар, ги оставаат пред нивните родни огништа и на места каде е забрането застанување и паркирање. Со тие автомобили одат во долги променади со брзина од 10 км на час, ги вклучуваат сирените во знак на веселба, поздрав, револт, а неретко и за „дрифтање“ и стартови „под рачна“. Освен по луксузната ергела, доаѓањето на иселениците кои во минатото ги нарекувавме „нашинци на времена работа во странство“ се чувствува и по пукотниците и огнометите. Ова е дел од додатокот што печалбарите го оставаат заедно со парите.

Респект да, толеранција не!

Нивното доаѓање го поправа расположението на угостителите и трговците. Им се радуваат и роднините, најблиските. Ги дочекуваат и ги гоштеваат. За нив на влезот од градот е напишано „Добредојдовте печалбари“. Гостиварци се познати по галантноста и гостопримството. Свежа количина евра, франци, долари ќе се слее во гостиварското стопанство.

Првиот човек на општина Гостивар, градоначалникот Арбен Таравари ја нагласи гостопримливоста и се повика на неа кога го упати до сограѓаните последниот апел. Не треба да се сомневаме во добронамерноста искажана во апелот. Можеби и копчето за толеранција треба да се вклучи на најјако за доброто на сите. Исто како во некое мало туристичко место кога илјадници гости ќе пристигнат и ќе ги запоседнат сите ќошиња, а гостопримливоста ќе се наплати.

Овој апел стана најкоментиран од целиот пакет кој локалната власт го предвиде и им го понуди на печалбарите за нивниот престој. Општинарите понудија концерти, претстави, изложби, забави, фолкорни ревии, турнири, посебна канцеларија за иселениците. Новина беше отворање на градинки за децата на печалбарите и тоа бесплатно. Примамливи гестови на „добредојде“. Реакциите покажаа дека не е сé во парите.

Дали заради политички опортунизам или од зајадливост, апелот наиде на поделеност особено на социјалните мрежи. На таткото на градот му замерија дека печалбарите и нивното однесување ги става пред редот и мирот на останатите. Таравари по вторпат побара од полицијата да биде попустлива кон печалбарите и да не ги казнува, туку повеќе да делува превентивно. Во коментарите на фејсбук профилот на градоначалникот, под апелот, имаше и еден кој гласеше: „Респект да, толеранција не!“

Чаламот пред пристојноста

Постои еден мит врзан за печалбарите: откако ќе минат граница, забораваат на правилата кои ги почитуваат 11 месеци и си умислуваат дека се богови. Сами си определуваат слобода. Прават работи кои се незамисливи или се казнуваат со високи износи во земјите од каде дошле пред ден-два. За волја на вистината, во последно време повеќе го покажуваат „чаламот“ отколку полниот паричник. Си дозволуваат да паркираат на тротоари, на забранети места, да влегуваат преку ред на шалтери. Неретко и да се фатат за оружје и громогласно да се развеселат, да нарачаат огномети без да ги пријават кај соодветните служби.

Не е така насекаде низ светот и некои градоначалници поинаку гледаат на работите. Пристојното однесување како турист или гостин и почитувањето на правилата на живеење во едно место се поважни од приходите.

Интересен е примерот на Рикардо Новак, градоначалникот на Хвар (Хрватска) соочен со непристојното однесување на туристите. Локалната власт лани постави табли со пораки за новите казни: шетање без маичка - 500 евра, во костим за капење - 600, јадење и пиење на јавни површини - 700. Образложението на Новак за казните е пропратено и со геслото: Заштедете ги вашите пари и уживајте на Хвар.

На забелешките дека ќе се намали бројот на туристите, а со тоа и приходите, тој во одговоротнаведува дека казната за непримерно однесување во Барселона изнесува 1.500 евра и запрашува дали можеби дојденците во Верона и Фиренца се шетаат голи...?

Во случајот на Гостивар токму гостиварци му забележаа на „таткото на градот“ дека со апелот заштитнички се однесува кон дојденците, наместо да ги посоветува да се вклопат во секојдневието на домаќините.

Некои локални самоуправи наоѓаат решенија. За справувaње со метежот во сообраќајот може да се примени и примерот на Пула. Наместо со автомобили, дојденците да се возат со велосипеди низ централното градско јадро.

Како најнов пример за покажување грижа за поголем ред е оној на градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски. Токму пред доаѓањето на печалбарите, тој го свика локалниот совет за превенција. Од полицијата побара доследно да се спроведува одлуката за времен сообраќаен режим во некои села и одржување на јавниот ред и мир.

Гостиварските полицајци пред претстојниот бран печалбари на средби во месните заедници на мештаните им ги предочија опасностите од неовластено пукање и приредување огномети и ги советуваа како да се заштитат од кражби.

Овие примери може да бидат решение за да се оствари пораката: И волкот сит и овците на број.

Таравари и пред новогодишните празници му пиша писмо на началникот на СВР Тетово во кое побара толерантност кон печалбарите. Тогаш во одговорот доби јасна порака дека нема попустливост и селективност: Законите важат за сите, поеднакво.

Граѓаните да кажат

Остана нејасно кој дел од однесувањето на печалбарите според градоначалникот Таравари треба да се толерира и дали мирот на останатите вреди за парите што ќе ги остават. Каде е црвената линија преку која не треба да се минува?

Добро осмислен план со мислење на граѓаните ќе даде резултати. Тие знаат колку паркинг места се потребни кога ќе дојдат печалбарите. Колку гласна музика ќе ечи и до колку часот во ноќта, која е мерката за пристојност? Каде се потребни повеќе полицајци? Овие и редица други прашања треба да дојдат од оние што ќе ја покажат гостопримливоста и секако од оние кои што ќе ги очекуваме со добредојде. Притоа апелот за попустливост и толеранција нема да се смета како немушт обид за реванш за добиени гласови на избори. Треба да им се угоди на печалбарите кога ќе уживаат во топлината на родниот крај, но треба да се има мерка во гостопримството. Трите наредни години од мандатот се доволно време за да се воспостави рамнотежа помеѓу желбите и можностите. За тоа се потребни волја и малку креативност.

Зоран Гега Маџовски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Република Македонија е мала држава на Балканот чија основна цел е опстанокот во меѓународните односи и грижа за благосостојбата на сопствените граѓани.

повеќе

Заев побара од дипломатите да се воздржуваат од активности меѓу гласачите спроти референдумот, а онаа од поддржувачите не му пречи.

повеќе

Македонија по оваа авантура нема каде да се врати и единствениот пат по кој треба да тргне е патот на внатрешно реформирање и интраетничко помирување и обединување.

повеќе