Документи

Павлов, претседател на БАН: Гоце се бореше против великобугарскиот врховизам

Драгојчева: „Отечественофронтовска Бугарија конечно раскрсти со идеалите на бугарските фашисти за голема Бугарија и хегемонија на Балканот“.

Во јули 1945 година во Софија почнало да се издава списанието „Македонска мисла“ на македонски и бугарски јазик. Во првиот број статија објавила и Цола Драгојчева, главен секретар на Националниот комитет на Отечествениот фронт на Бугарија и пратеничка во собранието на Бугарија од 1946 до 1990 година:

„Прашањето за национална слобода за фашистите беше прашање преку кое се разгоруваше омраза меѓу народите, прашање преку кое психолошки се подготвуваа војните и како резултат секогаш доведуваше до национално угнетување. Оваа вистина особено силно ја почувствува и разбра македонскиот народ, кој особено многу настрада од бесната конкуренција меѓу балканските фашисти во спроведувањето на нивната освојувачка политика. Последната секогаш ја претставуваа пред масите во национална облека.

Демократскиот развој на јужнословенските народи раскрсти со порочното минато и целосно ја смени сликата. За овие народи прашањето за националната слобода не е веќе прашање на фашистичко прикривање и пропаганда, туку жива реалност. Тие од корен ја отсекоа раната која го труеше опшествениот организам на народните маси. За нив денес прашањето за националната слобода не е прашање на раздвојување, туку на братска доверба и единство.

Титова Југославија го реши ова прашање на чисто народно-демократски начин. Го разреши за себе и најтрнливото национално прашање - македонското. Таа даде пример на Балканот за тоа како може да се движи кон зближување на народите преку почитување на нивната национална слобода.

Отечественофронтовска Бугарија конечно раскрсти со идеалите на бугарските фашисти за голема Бугарија и хегемонија на Балканот. Таа целосно го поддржува идеалот на Македонците за сопствена држава и национален идентитет. Во својот демократски развој таа е опфатена со развојот на сите јужнословенски народи и со тоа го обезбедува братскиот соживот на овие народи“.

На 7 октомври 1946 година од Софија за Скопје свечено биле испратени посмртните останки на Гоце Делчев. На претставниците на владата на Народна Република Македонија тие и биле предадени од Илинденската организација, емигрантска организација на македонските револуционери, учесници во Илинденското востание и во ослободителните борби на Македонија, кои се грижеле за посмртните останки на Гоце меѓу двете светски војни.

По тој повод свечен говор одржал Тодор Павлов, член и подоцна (од 1947 до 1962) претседател на Бугарската академија на науките. Еве извадоци од тој говор:  

„Има еден интересен историски факт на кој обично не му се дава потребното внимание. Зборот ми е за следното. Тројцата големи демократи-револуционери на Србија, Бугарија и Македонија - Светозар Марковиќ, Христо Ботев и Гоце Делчев, се формираа и работеа не само како големи демократи-револуционери и борци за национална слобода на своите народи, но исто така, во една или друга форма и степен, како социјалисти. Светозар Марковиќ во Србија со право се смета за родоначалник на српскиот социјализам, иако секако тој беше повеќе следбеник на утопистичкиот социјализам на Чернишевски отколку на марксизмот. Ботев во Бугарија со не помалку право се почитува за неговиот голем патриотизам и за утопистичкиот социјализам, како и за некои индивидуални елементи од дијалектичко-материјалистички карактер во неговите ставови и, со еден збор, претходник на научниот социјализам кај нас, чиј основоположник подоцна по ослободувањето стана Димитар Благоев. Гоце Делчев, пак, иако во своите зрели години се оформи и се пројави пред сè и главно како голем стратег, тактичар и организатор на македонското национално-револуционерно движење, не само што на млада возраст, како јункер во военото училиште, се пројави како социјалист, па токму затоа бил избркан од училиштето, но и до крајот на животот си остана тесно поврзан со оние македонски национално-револуционерни личности, како Јане Сандански, Никола Краев, Васил Главинов, Веле Марков, Димо Хаџидимов и др., кои го сочинуваа македонското национално-револуционерно движење, неговото социјалистичко крило.

Во редица свои изјави, Делчев не еднаш беше нагласил дека тој и неговата организација се борат не против самите турски селски и градски експлоатирани маси, туку само против власта и тиранијата на султанот, само против системот на експлоатација и угнетување на народните маси. Во својата агитација и организациона работата меѓу другите етнички малцинства во Македонија, Гоце Делчев не правеше разлика меѓу Македонци, Власи, Турци и др. Затоа, како што забележува и Јаворов во своите „Ајдучки копнежи“, тој беше просто боготворен не само од македонските, туку и од другите народни маси во земјата. А ова не беа само зборови на Гоце и неговите истомисленици. Кога беше создадена првата национална и социјална република за време на Илинденското востание во Крушево под претседателство на националниот револуционер и социјалист Никола Карев, таа не само во своите пишани документи, туку и на дело ги нагласи овие идеи на водачот на македонската национална револуција Гоце Делчев.

 За Гоце, како стратег, треба да се забележи пред сè дека тој најдоследно и најупорно се бори како против турската феудалната економска и политичка тиранија и доминација, така и против велико-бугарскиот и сите видови и степени на врховизам, и особено против сите обиди на бугарската монархизмот да го искористи македонското национално-револуционерно движење за свои реакционерни, династични и класни цели со тоа што ќе го впрегне во колата на германската империјалистичка политика „драг нах остен“ и ќе го противстави на рускиот и другите словенски народи. Во овој поглед, заслугите на Гоце се навистина историски и ја задржуваат нивната важност до дешен ден. Гоце, без никогаш да се откаже во принцип од секаква помош од надвор, недвосмислено и не еднаш се беше изјаснил против илузиите за ослободување на Македонија преку надворешно мешање, било од соседните балкански држави, било од некои големи европски империјалистички сили. Цврсто, доследно, упорно стоеше на гледиштето дека ослободувањето на Македонија и Балканот од секое феудално или империјалистичко влијание е дело на македонскиот и на самите балкански народи. А особено за ослободувањето на Македонија, тој сметаше, длабоко убеден дека нејзиното ослободување може да дојде само преку сериозна подготовка и подигање на сенародно вооружено востание, на чија пропаганда и организација ги посвети сите свои силии, и најсетне херојски ја положи и својата прекрасна глава на 1 мај 1903 година во близина на селото Баница, Серско.

Но, откако ја постави оваа голема стратешка, национална и социјална задача, Гоце, како тактичар и организатор, се покажа како реалист од прв ред. Познато е дека Гоце, заедно со него и Никола Карев и други, се спротивставија на одлуката на внатрешните и надворешните врховисти, на чело со Гарванов и Борис Сарафов, за востание. Тој и некои други членови на Централниот комитет на ВМРО свикаа специјално заседание во Софија, на кое солунското решение од јануари 1903 година беше поништено, зашто, според нив, востанието, и политички и воено, сè уште не беше доволно подготвено. Арно ама врховистите, поради непростливата „попустливост“ на Даме Груев, го решија на конгресот во Смилево прашањето за подигањето и датумот на Илинденското востание, кое, како што е познато денес, и покрај прочуеното херојство на револуционерните македонски маси, на чело на кои застанаа и другарите на Гоце, како што се Никола Карев и др., претрпеа тежок пораз. Бугарскиот монархизам и врховизам се обидоа да го искористат токму овој пораз за да ја оплетат нивната реакционо-монархиско-врховистичка кошница, а сам Гоце, како што реков претходно, херојски загина уште пред востанието. Секако, има голем број на сериозни причини да веруваме дека неговата смрт не била случајна, туку била дело на гнасно врховистичко предавство, макар последното да било направено специјално за четата на војводата Гуштанов, кон која во тоа време се беше придружил и самиот Гоце.

Гоце беше една навистина шармантна личност, па нашиот поет Јаворов со право го нарекува во својата биографија на Гоце: „ајдучко божество“. Имаше нешто навистина неодоливо шармантно кај тој македонски „ајдутин револуционер“ и тоа не само во неговиот морален и идеен, туку и во неговиот физички изглед. Прекрасно граден, со чудесно убави црни очи, виток, снаодлив, со неисцрпна физичка и духовна енергија, со чудесно срце, што се одзива на секое народно страдање и болка - тој беше навистина личност што ретко се среќава во историјата на народите. Не можам сега да се сетам кога и под какви околности го имам видено и дали тоа се случи во Македонија, или овде во Софија, но во моите детски спомени ми се врежал неговиот лик кој, во споредба со овој портрет што го гледаме овде, навистина не ни дава ни приближна претстава за големиот, неискажлив шарм што извираше од тој прекрасен човек, кој стана една од најубавите легенди на македонскиот народ. За него шумат приквечер таинствено со неискажлива убавина брановите на Вардар и Егеј; за него простум се вишат со волшебната синевина во македонското небо снежните врвови на Шар и Пирин; за него замолкнуваат во тага темните македонски гори.

 Но токму затоа, ние веднаш ќе додадеме, ако сакаме да бидеме негови вистински и достојни почитувачи и ученици, не можеме и не смееме да премолчиме, дури и во свечените чествувања во негова слава, како што е случајот денес, некои од неговите слабости и грешки, од кои македонските поколенија се должни да ги извлечат нужните поуки, за да може доследно да се спроведе, до самиот крај, сонот на Гоце за ослободување и сестран успех и величие на македонскиот херојски и во секој поглед прекрасен народ.

Ако оставиме настрана некои грешки од чисто организациска природа, осознаени покасно и од самиот Гоце, ќе се навратам тука само на две негови грешки, од кои првата е чисто тактичка.

Зборот ми е дека непосредно пред Илинденското востание, за кое Гоце и Ѓорче Петров сметаа дека не беше доволно политички и воено подготвено, тие двајцата, во целосна противречност со овој став за предвременото Илинденско востание, дадоа наредби за зачестување на атентатите и четничките акции во земјата, кога самиот Гоце го изврши со својот одред познатиот напад на мостот и тунелот кај Ангиста. Тој, се разбира, брзо ја сфати својата грешка, но веќе беше доцна: самиот тој, заедно со Ѓорче Петров со тие нивни наредби налејаа масло на огнот и го забрзаа востанието, кое беше веќе испланирано од внатрешните и надворешните врховисти.

Втората грешка, многу поважна, е тоа што Гоце, кој со целата своја револуционерна дејност и разбирање, неизмерно придонесе за формирањето и развојот на македонската национална (македонско-словенска, не бугарска и не српска) свест, сепак не најде можност да се справи со ова исклучително важно прашање и да му го даде решението што го подготви историјата уште пред ослободувањето на Бугарија, а по нејзиното ослободување го заврши врз основа на голем број географски, економски, политичко-револуционерни, културни и др. услови. Се разбира, на Гоце му беа познати, на пример, ставовите и дејноста на Теодосиј Скопски, на Партенија Зографски, на Петар П. Арсов и „лозарите“, на Ѓорче Петров, на Мисирков и др., но сепак, тој за ова исклучително важно прашање не зазеде јасен став. Тоа не можеше да не се одрази врз целата негова политичка, тактичка и организациска национално-револуционерна дејност.

Како и да е, не смееме да бидеме неправедни спрема сеќавањето на големиот македонски син, и затоа тука, сепак, сме должни да одбележиме дека Гоце напишал во едно свое писмо: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе прилично се разви и се повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик. Лириката на Рацин, на Неделковски и особено на Венко Марковски и на цела редица други талентирани македонски поети, прекрасни списанија и многу други дела кои излегуваат со зголемено темпо, прекрасни драмски дела, изведени со огромен успех од страна на Скопскиот народен театар, од чие мајсторство и ние овде во главниот град на братска Бугарија, имавме неодамна прилика да се восхитуваме, не само од изведбата на артистите, туку и од кршниот и звучен македонски јазик - сето тоа е непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.

Но, како што реков погоре, и пак ќе кажам, и покрај сето ова, Гоце со самата негова револуционерна дејност и особено со немилосрдната борба против великобугарските, великосрпски и други злоупотреби за сметка на македонскиот народ и револуција, неизмерно придонесе за таквото решение на ова прашање, кое историјата веќе му го даде без можност за ревизија, и кое логично ги надополни и ги доврши самите револуционерни македонско-ослободителни погледи и дејност на Гоце.

И сето ова ни дава право да тврдиме дека Гоце сè уште е жив меѓу нас и дека бесмртниот негов дух продолжува да бдее на верна стража, будно грижејќи се за понатамошната судбина на неговата сакана земја и народ. Никаква кал, никакви клевети и провокации од нашите и други шовинисти и реакционери нема да може да ја помрачи неговата слава и да ја згасне големата љубов што ја има за својот легендарен македонски син, веќе слободениот и заитан со џиновски чекори напред народ“.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе