Партизани

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

...партизани во соседството, партизани насекаде околу нас, каде и да се свртиш ги гледаш само нив.

Само ако знаеш како да ги препознаеш. Има исклучоци ама ретки се. Најпрво ќе тргнам од она што сите ние го знаеме. Партизаните, со сиот почит кон нив, на граѓаните на оваа држава и ја донесоа слободата и независноста преку крвавите борби. Мојата поента тука не е да го негирам тоа што тие го направија, туку да укажам дека на партизанството како појава или движење не му е местото насекаде и секогаш, особено ако стане идеологија. Најлошо од сѐ е ако политиката го има овој атрибут, каков што е случајот кај нас. За тоа да го докажам поедноставно ќе го презентирам моите забележувања на овој феномен, присутен кај нас како панацеја за сите наши проблеми.

Партизанското војување е војување кое не ги почитува класичните правила и принципи на војување. Ако се направи аналогија со науката тогаш, партизанството во неа значи непочитување на основните научни законитости; партизанска е политката кога не ги почитуваат основните демократски правила и процедури во делувањето и одлучувањето; во бизнисот кој и онака е немилосрден заради несовршената конкуренција, знаците на партизанството се насекаде, а креаторите на економските политики со својот пристрасен и партиски однос во креираните политики, само го нагласуваат.

Прв пат јас со овој феномен се сретнав на почетокот на мојот работен век, во 1969-та. Се вработив една државна институција еквивалент на едно денешно министерство. Во него преку 99% од сите вработени лица беа учесници во НОБ, само двајца бевме дипломирани на факултетите на универзитетот во Скопје. Ги погледнав со должно внимание сите материјали кои во поблиското минато биле подготвени од вработените во секторот во кој бев распореден. Она што веднаш ми падна во очи, откога ги разгледав тие материјали, беше дека тие според содржината и заклучоците беа слични дури исти. Различни беа само бројките од табелите.

Набрзо потоа, ја добив и мојата прва работана задача. Настојував задача целосно да ја осветлам од сите аспекти на проблемот. Во неа ја употребив синтагмата работен контингент, која на колегиумот на институцијата предизвика бура кај некои од присутните, кои беа раководители на сектори. Основниот аргумент на нивната критика беше, дека таа синтагма е во расчекор со Програмата на СКЈ. Останав збунет и не верував дека во ваква институција може да има поединци со такво размислување за една стручна кованица. Прашав дали кога бил разгледуван Законот за работни односи, кој е во надлежност на оваа институција, на седницата на овој колегиум биле присутни ваквите размислувања? За тоа дека оваа кованица е основната во демографската статистика, а на определен начин е дефинирана во споменатиот закон. После разјаснувањето на истоветноста на суштинта на овие поими стана јасно што е што.

За  разлика од тогаш, бидејќи го искусив и новото време, денес мислам работите на овој план битно се изменија во негативна смисла. Кога овој текст ќе се објави, знаењето останува и понатаму небитен критериум за вработување и напредување во кариерата на кого било, а незнаењето и партиската припадност за него. Инаку како да ја разберам партиската чистка на сите директори на националните институции без исклучок и именувањето на нивно место со партиски кадри, потоа вработувањето на безмалку сите шарени револуционери, формирањето на новото министерство за „вистината“, вработувањата според роднинската поврзаност, ако не како сталинистичка или еве ако некој сака поблага категоризација, титоистичка акција за „електрификација и индустрализација“ на земјата. Зарем тоа не е комплетна партизација на државата според познатиот виц „сјаши с коња Мурто да се попне Курто“! Јас не видов јавен конкурс за споменатите вработување, ниту слушнав дека вработените имале подготвено програми за работа, ниту пак селективност кај бркањето од работа врз основа на неквалитетот. Значи, во овој миг партизанството е поусовршено од порано и станува наш реален систем, како политичкиот и економски систем да не се променети во 1991-та година.

Така јас денес го приметувам паретизанството насекаде? Кај нас секоја опозиција, а најсвежо е сеќавањето на последната опозицијата која сега е позиција, немаше знаење како да ги убеди граѓаните зошто треба тие да го дадат гласот за нивната, а не за спротивната опција. А периодот за таа можност траеше деценија и нешто повеќе. Според мене тука не само што недостига знаење за артикулацијата на интересите на граѓаните, туку и не се знаат алатките на стратешката анализа за комуникации и принципите на убедување, а за врамувањето и да не споменувам, па најчесто во јавноста политичките партии прибегнуваат кон еден пристап кој јас го нарекувам партизански кој по правило е неефективен пристап во убедувањето на граѓаните. На тоа се надоврзуваат неуспешните пучеви врз принципите на Џон Шарп, за мирно промена на власта, во што го вбројувам и 27 април. Така некако бледо, да не кажам комплетно незнаечки делува и сегашното министерство за „вистината“. Нивните спинувања за договорот со Бугарија или за средбата на премиерот со претседателот на САД се најнов аргумент за партизанството во политиката. Понатаму. Имаме закони, ама лек специјалис секогаш беше и останува одлуката на политичарите. Имавме политичари, ама немавме државници на кои државните интереси треба да им се пред сѐ и над сѐ.

На нашите политичари од осамостојувањето државата им служеше за остварување на сопствените, лични интереси. Таа беше крава музара од која сите тие си ги наполнија своите ведра со државен имот или пари од граѓаните. Тој тренд продолжува и ќе трае. Јас не гледам ниту очекувам промени на подобро. Да не им останам должен на читателите, морам да го споменам и следното. И претходнта власт но, и таа пред неа има сериозни грешки и тоа цели купишта, како нашите депонии од ѓубре. Тоа само го покажува трендот присутен кај нас од осамостојувањет па до денес, кој јас тука го карактеризирам како партизанство. А ќе бев среќен ако партиите сами, со свои сили, извршеа промена на власта, а не како што тоа се случи - преку поделени македонски наспроти обединети албански партии околу нивните интереси. Кај нас за да се дојде на власт, на партиите на најголемата малцинска заедница им се ветува сѐ и она што е надвор од уставниот систем, а е нивен национален интерес спакувани во торбата наречена човекови права.

Уште полошо е тоа дека тие национални интереси на ова малцинство се утврдуваат во туѓа држава и се поклопуваат со интересите на таа држава. Мислам сѐ додека македонските партии не сфатат дека така разединети, без консензус за националните интереси на македонските граѓани, тие се политички партизани. За да бидат вистински граѓански партии, меѓу другото, тие требаше да знаат да градат консензус за тие интереси. За жал тие не знаат што е тоа национален интерес, а не па како се доаѓа до него. Во тоа и науката стои и си гледа сеир.

Науката е посебен пример, која според мене е одговорна за се што јас го карактеризирам како партизанство. Таа е преокупирана со археологијата на знаењето, не со нејзината употребливост во овој момент. Во научните институции од повисок ранг имаме купишта на ново оформени турбо „фолк“ професори, кои на запад не би можел да се вработат во градинките, а не па во основните училишта. Сите тие имаат свое мислење за политичките и општествените збиднувања, бидејќи пред тоа беа политичари, а државата и општеството ни тонат. Тие се нашата црна дупка. Сѐ вшмукуваат во дупката на незнаењето. Сите тие зборуваат за преговарање, дијалог, компромиси, консензус или за демократија, ама никој од нив не напишал ништо за тие битни научни и политички појави, особено како да се стигне до нив имајќи ги предвид нашите актуелни проблеми. Не можете да пронајдете написи или студии на таа тема, освен преповторување на некакви странски сознанија, кои се надвор од научната матица во светот, без критички осврт. Не се обиделе да истражат и напишат како да ги утврдиме националните и државните интереси, како да стигнеме до консензус, што е суштината и како да се води дијалог и сл. Околу тиранската платформа, зависно кој на која партија ѝ припаѓаше, така тој документ се третираше. Нема знаење какво што го има за овие политички појави во институтите на униферзитетите Колумбија, Колорадо, Џорџ Мејсон, Харвард и редица други во САД.

Еден од свежите примери кој го потврдува ова е одржаното предавање на премиерот на универзитетот Колумбија. Немам прецизни информации дали тој таму го кажал она што требало да го каже за нашите политички збиднувања да им станат поблиски на слушателите, ниту за тоа што за споменатото знаеле неговите советници кои му го подготвиле тој настап. Ама го знам сигурно тоа што очекувале да слушнат присутните на ова излагање кои работат на концепти за преговарање за трансформација на конфликти, компромиси, консензус, демократија и сл. и кои тоа знаење го употребиле во гасењето на многу светски жаришта. Ако јас бев учесник во подготовкита на тоа излагање или евентуално премиер, нашите актуелни проблеми ќе ги пропуштев низ призмата на концептите на професорите Колман, Келман, Фишер, Јури и уште многу други, сѐ со цел нашите проблеми да ги објаснам со семантиката која им е блиска и разбирлива на присутните. Само така се гради стратешко партнерство, придобивајќи ги другите со нивната филозофија да се приклонат во одбрана на нашите интереси. Такво нешто јас не забележав во споменатото излагање, а мислам дека за еден таков настап немаше да има ништо против кој било, вклучувајќи ги и оние со кои нашиот премиер се сретна пред да замине во оваа земја. А каков бил впечатокот на присутните на ова излагање е јасно. Јас да бев присутен таму ќе останев збунет и без одговори за многу прашања кои очекував да ги слушнам и кои ми беа повод да бидам меѓу слушателите. Се разбира и претходните наши функционери кои настапувале во оваа земја по разни поводи, немаа посилно издржани излагања од споменатото, бидејќи и тие не знаеја како да ги облечат кондурите на знаењето кое го поседуваат оние пред кои настапувале, а чие знаење секако не е како нашето-партизанско, чија суштина се сведува на тоа кој разбрал-разбрал, кој не - не е битно. Ако немаш знаење, не можеш да бидеш мудар и постануваш лесен плен за манипулација од страна на оние кои имаат знаење.

Нашата наука не го дава својот придонес и во економијата. Еве еден пример. Кај нас многу реткиот ресурс - парите се концентрирани во банките, а тие немаат чувство за потребите на стопанството и невработените. Делуваат како чисти лихварски институции, а не финансиски, чија основна функција е да го оплодуваат капиталот, а не да го чуваат под „перница“, кој патем е на населението и стопанството. Многу полошо за мене е тоа што банките делуваат според принципите на механичките системи. Така, покрај системот на високо хипотекарно осигурување на заемите, тие немаат желба ниту законска присила да влегуваат во проекти со минимален ризик, а веројатно не се обврзани да создават ризик капитал.

Слична ни е состојбата ако не и полоша во другите делови од јавната политика и во севкупниот живот. Не сме се трансформирале, а процесот трае од 1990 и некоја година наваму.

 М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе