Отворено писмо до Владата

 Треба да се прецизира да нема отпуштања од деловни причини, сѐ друго ќе значи голема неправда спрема фирмите кои ќе имаат намалување на бројот на вработени по кој било друг основ.

Со страв и надеж ги очекував економските мерки со кои ќе излезете со цел справување со економските последици од пандемијата на ковид-19. Добро е што наместо првично најавеното дека ќе ги објавувате во средината на април ја сменивте одлуката и ги носите првите мерки сега во март . Но, ве молам во рок од eдна недела да излезете со нови и овде ќе образложам зошто.

Фирмата која ја претставувам, ВВ Попова Кула е во винарството/лозарство (35%) и во туризмот/угостителството (65%).

Циклусот на туризмот во Македонија е април – октомври што значи дека имаме позитивни готовински текови во тој дел од годината, а негативни во остатокот на годината. Како и сите други што се во оваа индустрија и ние инвестиравме во постојните капацитети и во создавање на нови содржини со цел во март-април и во октомври-ноември да оствариме позитивни готивински текови што ќе не донесеше на само два проблематични месеци јануари-февруари (декември е нула позитив поради новогодишни прослави).  Поради тие сушни месеци и инвестициите (кои нормално се прават кога не се работи) ние, а верувам и повеќето други фирми од туризмот/угостителството, сме со нулто салдо на готовина.

Овој март беше прв откако сме влегле во оваа индустрија за кој што можевме со сигурност, врз основа на резревациите и во хотелот и во ресторанот да планираме дека ќе биде позитивен. Па така инвестициите и трошењето на парите од продажбата од минатата година ја планиравме до исплата на февруарска плата, а приходите од март ги планиравме за трошоците од март.

Во туризмот и угостителството првите откажувања на резервации ги добивме во првата недела од март, а во рок од неколку дена по 8 Март имавме 90% откажувања на резервации за март и половина април. До 15-ти март имавме 100% откажување за март и прва половина од април. До денес имаме само уште една свадба на 25 април која не е уште откажана, но разбирливо се следи ситуацијата од младожениците кои комуницираат со нас, па ако оваа ситуација потрае и тоа ќе се откажи. За мај исто така имаме бројни откажувања до овој момент.

Во делот на извозот на вино разбирливо сите наши партнери од странство поради ситуација на затварање на тамошни ресторани немаат никакви најави или пак ги одложуваат најавите до неодредено време.

Пандемијата е како да удривме со цела брзина во ѕид за што уредно и согласно со закон дадов објава на Македонската берза. Е сега мислам дека доловив зошто страв и надеж. Сигурен сум дека ова се однесува на сите што се во туризмот/хотелиерството/угостителството, а и пошироко.

Мерката што ја предвидувате со безкаматни кредити од кредитната линија во МБПР од 5,7 милиони евра е добра мерка. Но, прв проблем е  што тој фонд е мал е за да ги покрие потребите на сите засегнати фирми. Понатаму, во генерално добрата намера да ограничите суми и со тоа да помогнете на повеќе фирми, доаѓаме до ситуација дека сумата која евентуално би ја добиле и е добродојдена е премала. Конкретно, ние можеме да аплицираме до 15.000 евра, а само една месечна плата ни е поголема од тој износ. За овој износ ќе аплицираме за да дадеме некаква намалена плата во март. Во април ситуацијта ќе биде иста, а ако ова потрае во мај и јуни (по некои црни сценарија и јули и август) ние ќе бидеме приморани да правиме реструктурирање, т.е. отпуштање на вработени поради деловни причини. Значи тој фонд е мал и сумите по фирма се мали. Ве молам да најдете други фондови што ќе ги насочите за оваа добра мерка.

Субвенционирањето на 50% од придонесите на плата е премало за да се стимулираат фирмите да не прават отпуштања од деловни причини. И да се разбереме – тврдам дека никоја фирма не сака да го прави тоа – многу тешко секој од нас го изградил тимот за да се прибегнува кон такво нешто. Отпуштањето од деловни причини за секој е исто како банкрот (наспроти тврдењата на луѓето кои никогаш немаат пресметано, обезбедено и исплатено плати на вработени). Тука ви предлагам да го зголемите на 100% со што  државата ќе покрие 1/3 од товарот.

Мерката за субвенционирање на придонеси велите ќе важи за периодот април, мај, јуни. Од погоре опишуваната состојбата во Попова кула мислам дека можете да заклучите дека треба задолжително да го вклучите и март, а потоа да следите за да видите дали ќе има потреба и за Јули, Август, Септември. Се друго може да биде погубно за фирмите и истите да не дочекаат половина на мај за да исплатат плата за април.

Мерката од НБРМ е одлична. Банките како ќе реагираат кога ќе им ги дадеме барањата за едногодишно комплетно одложување на кредитите е прашање. Едногодишно затоа што од туристичка гледна точка оваа сезона е готова. Секој што нешто разбира од туризам ќе го потврди тоа.

За сите мерки најавувате дека ќе се применуваат само за фирми кај кои бројот на вработени ќе биде ист како што бил во февруари. Тука морате да бидете прецизни. Имено, Законот за работни односи подразбира прекин на договор за вработување поради изминување на време на кој бил склучен, смрт, престанок на работа на фирмата, спогодба, отказ, судска пресуда.  Отказот е дозволен да биде од стана на работникот или од страна на фирмата. Истиот закон вели дека отказ фирмата може да врачи поради лична причина, причина на вина или деловна причина. Значи во условите на предвидените мерки треба да прецизирате да нема отпуштања од деловни причини, сѐ друго ќе значи голема неправда спрема фирмите кои ќе имаат намалување на број на вработените по кој било друг основ.

Фондот за туризам кој го најавувате е добродојден, но уште немаме јасна слика за што ќе се употреби и кои ќе бидат критериумите. Но, во старт е јасно дека 1,2 милиони евра се малку и се надевам дека набргу значително ќе го зголемите истиот.

Во критериумите за доделувања на средства од овој фонд морате да ги вградите ланските бројки за платени туристички такси кон општините (за хотелите/камповите) и остварениот искажан промет и платено ДДВ од рестораните.

Ќе имате многу барања во кој ќе има мавтања со имејлови за откажани резервации во хотелите, но тоа треба задолжително да се спореди со ланските платени туристички такси. Ако некој хотел пример платил 100 туристички такси во март 2019 какви се шансите да има резервации за март 2020 пример на 300 гости? Можно е, но тоа веднаш кажува дека тој хотел лани не го прикажал целиот промет, не платил ДДВ и не платил туристички такси. Државата не ја ценеле лани, државата нема што да ги цени оваа година.

Исто така и со рестораните, ако некој лани имал со ДДВ искажан промет од 100 единици во март како е можно оваа година во март да има загуба на промет со ДДВ од 300 единици? Можно е да има загуба оваа година од 300 единици, но лани тој ресторан не го искажал прометот и не платил ДДВ.

Редно е со мерките да ги поттикнете фирмите што се во сиво да влезат во бело.

Се надевам на ваша брза и правилна реакција. Ве поддржуваме целосно во оваа вонредна ситуација и ве охрабрувате да преземете уште построги мерки за што побргу да излеземе од истата.

За арно за убаво,

Јордан Трајков, извршен директор ВВ Попова Кула

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе