Колумна

Oтворено писмо до пратениците: Не го давајте името!

Силно апелираме до вас да го повлечете законот за употреба на јазиците и што побрзо да се одржи кредибилен и веродостоен попис на населението за да се утврдат вистинските бројки.

Во име на Македонската заедница за Западна Австралија, првата македонска заедница основана во Австралија пред 76 години, ние би сакале да ја изразиме нашата длабока загриженост во однос на неодамнешните збиднувања во Македонија кои резултирале со појавата на сериозни закани за независноста и суверенитетот на нашата татковина.

Ние сметаме дека формирањето на новата влада во Македонија беше овозможено и спозорирано до некој степен од ЕУ, САД и активностите на разни невладини организации кои дале небулозни ветувања дека на Македонија ќе ѝ биде понудено да се зачлени во НАТО и ЕУ ако исполни одредени критериуми за пристапување кон тие организации, вклучувајќи и промена на официјалното историско име на земјата. Иако за вас и бројни државјани на Македонија зачленувањето во ваквите органицзации изгледа како панацеја за бројните проблеми со кои што се соочуваат Македонците во секојдневниот живот, ние најодлучно Ве советуваме да ги земете предвид штетните последици што ќе уследат ако Македонија се зачлени и се согласи со решенија кои ќе задираат во достоинството и самопочитта на Македонија и Македонците. Со оглед на тоа што Велика Бртианија решила да излезе од ЕУ и сериозните фиансиски и економски проблеми на земји како Грција, Бугарија и Италија, ние најсериозно сами се прашуваме зошто Македонија има потреба толку брзо на пристапи кон овие организации кога од неа се бара да направи навредливи и понижувачки отстапки како предуслови за влез во истите.

Бесрамното задоволување на крајно агресивните барања на албанското малцинство во Македонија кое ужива човекови и други права што многу мал број малцинства во светот ги имаат, е нешто што ги загрижува сите Македонци. Кој било обид да се спроведува таканаречената тиранска платформа за која силно се залагаат владините коалициски партнери, имнео ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, ќе биде најсилно осуден од нас, бидејки тоа подразбира ослабување на независноста и суверенитетот на земјата и несомнено би довело до распаѓање на унитарната и независната македонска држава. Сегашната дебата во Собранието за Предлог-законот за употребата на јазиците со кој се предвидува албанскиот јазик да стане втор официјален јазик на Македонија е крајно загрижувачка и е јасен доказ дека овие партии се целосно посветени на брзата имплементација на оваа платформа со СДСМ, која исто така ја дава и нивната безусловна поддршка. Силно апелираме до вас да го повлечете овој закон и што побрзо да се одржи кредибилен и веродостоен попис на населението за да се утврдат вистинските бројки и проценти на Македонците, Албанците, Србите, Власите, Турците, Ромите и другите малцинства во Република Македонија.

Нашето македонско име е старо повеќе од 2.000 години и нашата татковина тоа име го носела скоро неприкинато од античко време, за време на Римската империја, Византија и Отоманската империја и во 1913 година кога е поделена Македонија со Букурешкиот Договор, па сѐ до денес. Никој нема право да чепка во нашето име кое ние високо го цениме и почитуваме и кое е камен темелник на нашата етничка припадност и идентитет. Најмалку право на тоа имаат соседните држави Грција, Бугарија и Албанија кои продолжуваат да ги негираат најосновните права на нашите македонски браќа и сестри. Кој било кој ваш обид или на вашата влада да отстапи и да договори со Грција промена на името ќе биде осуден како предавнички и анти-македонски чин од секој еден Македонец во дијаспората и сите оние Македонци во Република Македонија кои сѐ уште се гордеат дури минимално со своето македонско наследство, етничка припадност, јазик и историја.

Ние се надеваме дека нема да се обидете да го промените името на Република Македонија преку одржување на референдум на кој прашањето ќе биде формулирано на таков начин за да се дојде до поскауван од вас резултат. Името Република Македонија беше масовно одобрено од македонскиот народ на 8-ми Септември 1991 година за време на референдумот за независноста на Македонија и нема потреба да се преиспита ова одлука.

Би требало вам и на вашата влада да ви биде повеќе од јасно дека трајна промена на името ерга онмес ќе доведе до трајна промена во начинот  на кој се опшиуваат и  прикажуваат македонската етничка припадност, јазик и идентитет на меѓународен план. Покрај уверувањата дека вие и вашата влада исто така имате свои црвени линии (т.е дека нашиот јазик и идентитет ќе продолжат да се опишуваат како македонски), ако договореното име, на пример, е Република Северна Македонија, со текот на времето Грција несомнено ќе ја искористи оваа промена за да се промовира идејата дека нашиите луѓе се “северномакедонци” кои го зборуваат “северномакедонскиот” јазик за разлика од Грците во Македонија (Егејска Македонија) кои ќе бидат прикажувани како “вистинските Македонци” кои имаат македонски идентитет и ќе настојуваат овој идентитет да го поистоветуваат со грчкиот. Сето ова ќе доведе до тоа Грција да тврди дека името и историјата на Македонија се исклучиво нивни и нема да се колебат оваа пропагандистичка линија бесмилосно да ја промовираат на меѓународен план. Таквото преименување неминовно пак ќе се случи на светско ниво со текот на времето и меѓународната заедница и поединечни држави ќе се служат со изговорот дека “народот на Северна/ Горна /Вардарска  Македонија одличил на референдум кои се смета за фер и слободен да си го променат името”.  Еден таков исход ќе значи почеток на крајот на македонскиот народ како посебна етничка група и на македонската држава која е резултат на борбата и жртвувањата на многу поколенија Македонци. Нема да можеме да се тешиме со новиот гетоизиран македонски идентитет во новопреименувана држава која порано се викаше Македонија, додека на меѓународен план земјата ќе биде принудена да користи друго име кое ќе доведе до тоа нашата етничка припадност и идентиет да бидат прикажувани како сѐ друго, освен македонски.

Дојде време Македонија цврсто да се исправи и да си ги брани интересите. Дури да успее Македонија да се зачлени во ЕУ во скоро време, ќе треба да поминат многу години посветени на спроведување на неопходните економски, општествени и судски реформи за да се подобри животниот стандард на населението и да може да се спореди со оној во побогати, водечки држави како Германија, Франција и Шведска. Масовното иселување на млади вискообразовани лица кои веројатно ќе бидат принудени да вршат непривлечни, аргатски работни задачи додека се вклопуваат во новите средини, ќе биде непосредниот резултат на зачленувањето во ЕУ и ќе има мошне негативни последици за Македонија. Освен тоа, портите на македонската економија ќе се отворат широко и неконтролираната конкуренција од посилните европски економии ќе резултира со поголема невработеност и повисоки цени на домашниот пазар штом се спроведат законите и легислативата на ЕУ. Тоа никако нема да биде корисно за Македонија или македонската нација.

 

Добра алтернатива на членство во ЕУ би било да се зајакнат врските со земјите кои припаѓаат на Европската Асоцијација за Слободна Трговија (ЕФТА-Исланд, Лихтенштејн, Норвешка и Швајцарија) која има специјална трговска и политичка поврзаност со ЕУ  и преку која се олеснува трговската размена со ЕУ. Исто така би можело да се побара доделување на статус на “привилегиран партнер” кои нуди бенефиции слични на тие што ги имаат земјите-членки на ЕУ, без притоа формално да се побара полноправно членство во ЕУ. Важен предуслов за економскиот подем на Македонија би било земјата да се претвори во атрактивна туристичка дестинација и да се додава дополнителна вредност на стоката што се извезува од Македонија. Освен тоа огромен придонес за економскиот развиток на  Македонија би било- дали се бара членство во ЕУ или не- да се зајкне борбата против корупцијата, да се создаде професионална, департизирана државна администрација, да се зголеми продуктивноста на работната снага преку всадување на силна работна етика , додека истовремено се бранат работничките права, се осигураат работните места и се води борба за да се скрши моќта на олигарсите кои ги запоседнаа државните претпријатија приватизирани во 90-те години.

Исто така зачленувањето во НАТО нема да ја гарантира безбедноста на земјата и не ја исклчува можноста таа да биде нападната од некоја од соседните држави. И Грција и Турција беа земји-членки на НАТО за време на инвазијата на Кипар во 1974 година и оттогаш, па сѐ до ден денес неколку пати имало помеѓу нив вооружени судири и сукоби. Освен тоа, не постои во НАТО механизам за решавање на несогласувања помеѓу земите-членки кои подоцна може да прераснат во воен конфликт.

Ние во дијаспората не можеме рамнодушно да гледаме како се лишува од својот идентитет и достоинство единствениот слободен, независен и суверен дел на етнографска Македонија преку понижувачки отстапки кои имаат за цел да задоволуваат туѓи интереси кои воопшто не водат никаква грижа за благосостојбата и иднината на Македонија.

Имајќи ги предвид саможртвувањата на вашите претци, повикуваме да ги преиспитате политиките на актуелната влада и да се откажете од сегашниот политички курс кој сериозно го загрозува постоењето на Македонија како суверена и независна држава на македонскиот народ.

Со почит,

Крис Ангелков, заменик претседателна Македонската заедница на Западна Австралија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе