Отидовме по патот на СДСМ, а станавме ли вистинска држава?

Мора да прекинеме со нашиот циркус во кој компетентноста е заменета со партиската припадност, а критиката е забранета.

Почитуваниот г-дин Стојан Андов, во последниот број на неделникот Фокус, од 18 август, ја објави својата колумна „Ако одевме по умот на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија немаше да биде независна држава“.  Таквиот наслов укажува на поентата од содржината на колумната. Се редат збиднувањата за кои ВМРО-ДПМНЕ била со спротивставени концепции на власта од СДСМ. Тоа се спротивставувањето на признавањето од страна на ООН со познатата референца, Привреманата спогодба со Грција и проектираниот став на Андов дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи ратификацијата на договорот со Бугарија. Тоа се аргументите од кои Андов ја нагласува негативната политичка улога на оваа партија од осамостојувањето до денес, квалификувајќи ја како шашлива. Со ваквиот пристап, Андов според мене, едноставно е политички крајно субјективен и селективен, а мислам дека тој во стварноста, односно во реалниот живот не е таков.

Немам намера да ги бранам споменатите ставови за ВМРО-ДПМНЕ.  Значи нема  да ги оспорувам оценките на Андов за оваа партија, бидејќи сметам дека тоа треба да е задача  на споменатата партија ако таа оцени дека тоа е потребно. Јас лично со дел од неговите ставови се согласувам во целост. Се согласувам и со ставовите околу можностите кои ги нуди договорот со Бугарија за економска соработка, ама не знам зошто е избегнат коментарот околу асиметричноста на истиот. А тоа спаѓа во доменот на политиката.

Проблемите за нашите небитнини, од осамостојувањето до денес, треба да се бараат со еден сосема објективен пристап и без партиските очила. Тој пристап бара да се оцени улогата и на другите партии. Само така анализата за улогата на политичките субјекти во нашата земја ќе  беше целосна, а оценките комплетни и објективни. Вака, без оценка на улогата на СДСМ во изградбата на нашата државотворност, која Андов, според мене,  намерно ја испушта во неговите опсервации во последно време или пак не се обидува сериозно да ѝ пристапи така како што го прави со ВМРО-ДПМНЕ, можеби оправдано и долго време, анализата е нецелосна и неодржлива. А знам дека тој многу подобро од мене ги познава работите, бидејќи беше претседател на Собранието и пратеник, а со тоа и директен политички учесник и актер во сите тие збиднувања.

Почитуваниот Андов, ако добро ме служи сеќавањето, беше еден од иницијаторите да се повика професорот Стив Хенке од Универзитетот Џон Хопкис, од САД, за да ни помогне во нашите напори за трансформација на нашето комунистичко во граѓанско-демократско  општество и пазарно стопанство. Овој професор заедно со Џефри Сакс, беа овластени од Владата на САД да ѝ помагаат на сите комунистички влади кои ќе изразат потреба за тоа, во процесот на трансформација на општествата од комунистички во капиталистички тип. А по враќањето на Хенке во САД, ние не му упатиивме официјална покана и отпадна можноста да го ангажираме да ни помогне. Значи, не потпишавме договор со него, туку продолживме сами, фативме да си одиме по патот кој си го избравме. И одиме ли цврсто по тој пат и денес, ама никако да стигнеме до граѓанско- демократско општество и пазарно стопанство. Наместо натаму, секој ден после секои избори, па и по последните, сѐ побрзо се враќаме наназад, дури не во самоуправното, туку кон комунистичко-сталинистичкото општество и држава од типот на СССР.

Мене од тогаш постојано ме мачи одговорот зошто не го склучивме договорот со овој професор и која партија за тоа да се случи имаше клучна улога. Одговорот на тоа прашање не го сретнав и во јавноста некој да го соопшти.

После овој наш експеримент да градиме сами демократско општество, не знам зошто Вие почитуван Андов не напишавте, кој за овој наш накараден политички избор- неизбор носи вина. Знам дека  Вие подобро од мене ја знаете вистината, зошто не го ангажиравме професорот Хенке. Јас немам намера тука подетално да соопштувам и аргументирам зошто требаше да го ангажираме овој професор, иако јас тоа го посакував. Но, чувствувам потреба само да споменам дека таму каде што биле ангажирани овие професори од САД, тие земји веднаш беа примени во НАТО и ЕУ и немаат меѓунационални и други проблеми како нас. Мислам ќе се согласите со мене почитувани дека од тогаш ние лутаме по безпаќе бидејќи не знаеме кој пат да го фатиме, како што со право вели г-динот Андов. Не знаеме дека веќе постои компас (квалитетно знаење), а немаме и знаење како се користи тој и сѐ уште се ориентираме според ѕвездите. Сигурен сум дека тоа не го правиме користејќи ја опсерваторијата Кокино, туку секоја партија или секој политичар си има своја точка на посматрање на небото и толкување на значењето на сигналите кои ги емитираат ѕвездите. Затоа мислам дека ние се однесуваме како да живееме во светот на старата антиката. Затоа ние и утре и задутре ќе бидеме таму каде што сме денес и каде што бевме вчера или завчера.

Оние кои не ги прифатија услугите на професорот Хенке се директно одговорни за сите  наши небитнини што ни се случуваат во последните близу 30 години и ќе продолжат да ни се случуваат уште долго. Посакувањата, некој сега да ни помогне за мене се сосема на место, ама тие се само парцијални и крајно задоцнети. Затоа не верувам дека ќе вродат со плод според нашите очекувања. Ќе бидат остварени значително под очекувањата. Такви за мене се особено надежите и посакувањата од некого да се побара помош за решение на проблемот за името. Таа помош оценувам дека ќе биде слична на помоштта околу договорот са Бугарија - совет чија суштина ќе биде да се симне од дневен ред на меѓународната заедница тој проблем во определен момент, а не и за решение какво што очекуваме ние граѓаните и какво што треба да биде во суштина. Тој чекор ќе треба ние да го направиме во даден критичен момент, одејќи со голи нозе по патот  кој си го пославме со жар. Знам сигурно дека немаме знаење како да го сториме тоа. Иако немам конкретни сознанија, но отстрана посматрано, ценам дека за проблемот се игра играта Кукавица и на виделина е некаков вид на стратегијата „како они нам тако ми њима“, бидејќи тогаш кога требаше не го послушавме гласот кој ни нудеше искрена комплетна помош. Претпоставувам каков извештај поднел професорот Хенке по враќањето од Македонија на оние кои го овластија да помага на оние кои го бараат.

И сега ВМРО-ДПМНЕ ли е виновна за неангажирањето на споменатиот професор? Да не случајно тоа е СДСМ!? А  степенот на одговорност на двете партии немам намера да го коментирам и  компарирам, бидејќи сѐ е јасно на секого! Немавме и нема да имаме во блиска иднина демократска партија или пак државник, наоружани со знаење и мудрост, способни  да се грижат за интересите на државата и граѓаните.

Во книгата на Кисинџер за „Крајот на војната во Виетнам“, на секоја од страниците на оваа книга,  наоѓав пример со кој можам да го поткрепам критериумот за оваа моја оценка. Прочитајте ја и видете! Ама имајте предвид дека позади неа стојат уште околу 17 гигабајти научни студии и книги од најнапредните светски научни институции, голем дел од САД, кои само да се пронајдат и погледнат треба повеќе  време отколку да се завршат два факултета последователно.

Некој ќе рече високо си ги поставил нишанските справи за оценка. И сосема е во право, признавам! Но, знам дека треба сигурно да го напуштиме пристапот на задоволство од нашето знаење од 18-от век. До прогрес се доаѓа преку политичари и научни работници кои се претерани песимисти, не веруваат во ништо однапред дадено и преиспитуваат и до детали прегледуваат сѐ пред да донесат одлука. До прогрес не се доаѓа преку претерани оптимисти, самозадоволни со себе и со она што го прават носејќи одлуки преку трупа, какви што се нашите политичари. Затоа мора да прекинеме со нашиот циркус во политиката и државата, односно во општеството, во кои компетентноста е заменета со партиската припадност, а критиката е забранета, а гласните критичари се прогонети. Но, и практикувањето на власта на други места, историски покажува дека на оние штотуку излезени од факултет, нива или од бизнисот, не им е вродено или наследено знаењето за да станат политичари или државници, без претходно искуство. Заради сето тоа науката кај нас, од нашите факултети од кој било универзитет, треба да се оспособи да дава  одговори на нашите стопански и општествени прашања, како оние кои постојано од осамостојувањето се актуелни: постигнување на консенсус, теорија на игрите, преговарање, стратешки анализи за комуникација и дијалог, врамување, човекови права и правда, за односот на правото и моралот, националните и државните интереси ...! А таа потреба кај нас јас ја забележувам на секој чекор, секојдневно.     

                                                                                                                                                                                                                                                                                М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа е нашата политичка наивност- да се верува дека правото е семоќно орудие во разрешавањето на сите проблеми. А каде е моралната, политичката, социјалната, психолошката страна на проблемите? 

повеќе

Премолчувањето на јавнот интерес во законските решенијазначи изостувањето на клучниот критериум за оправданоста на концесиите на добрата од општ интерес.

повеќе

Фатени на дело во многу  кражби, сите праведни граѓани на оваа земја беа убедени дека на арамиите ќе им се суди по примерот на Жан - по кратка  постапка.

повеќе