Кризата навестува три пресвртници

Ослабените големи сили се закана за светот

Кризата со ковид-19 води кон три пресвртници: крај на проектот за европски интеграции, крај на обединетата, функционална Америка и крај на премолчаниот договор меѓу кинеската држава и нејзините граѓани.

Како резултат на тоа, сите три сили од пандемијата ќе излезат ослабени однатре, што ќе ја поткопа нивната можност да бидат лидери на светот.

Да почнеме од Европа. Како и во кризата во еврозоната во 2010-12, линијата на расцеп на блокот денес поминува низ Италија. Исцрпена со децениите драматични промени и фискално кревка, таа е преголема за Европа да ја спасува и е преголема за да ја пушти низ вода. За време на пандемијата, Италијанците се чувствуваа напуштени од своите европски партнери во време на егзистенцијална криза, што создаде плодна основа за популистичките политичари да го искористат тоа. Сцените на жртвите на ковид-19 во Бергамо што воен конвој ги носи во вреќи на анонимни погреби без присуство на ужалените, долго ќе останат врежани во италијанската колективна психа.

Во меѓувреме, кога станува збор за тоа како да им се помогне на земјите-членки погодени од пандемијата, технократските елити на Европската Унија, кои се однесуваат како ноеви, пропаѓаат во институционалната збрка од кратенки - ЕЦБ, ЕСМ, ОМТ, МФФ и ПЕПП - кои станаа нивниот вообичаен јазик.

Лидерите на континентот одолжуваат и се двоумат - од очигледниот гаф на претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард во март - кога рече дека работата на ЕЦБ не е да ги елиминира разликите помеѓу трошоците за задолжување на земјите-членки - до спорот околу поделбата на долгот и средствата за помош во борбата против ковид-19 и неволното прифаќање на овој последен договор. И, дури и кога е постигнат ограничен напредок, германскиот инстинкт на конзервативна доблест - кој пред некој ден го потврди и пресудата на Федералниот уставен суд за акциите на ЕЦБ - неизбежно го поткопува духот на интеграцијата.

Да претпоставиме, како што изгледа веројатно, дека успешните економии во јадрото на ЕУ ќе заздрават од кризата, додека оние што се на периферијата на блокот ќе паднат. Ниту еден проект за политичка интеграција не може да преживее наратив во кој постојано има држави на дното што не се толку просперитетни како комшиите во добрите времиња и кои се препуштени сами на себе кога ќе ги снајде несреќа.

Во меѓувреме, предвидувањата за падот на Соединетите Држави се претерани и малкумина веруваат во нив. Дури и пред кризата со ковид-19, клучните американски институции покажуваа знаци на пропаѓање: незаузданото претседателствување на Доналд Трамп, пристрасно поделен Конгрес, политизиран Врховен суд, напукнат федерализам и заробени регулаторни институции (при што американските Федерални резерви се забележлив исклучок).

Сепак, длабоко во себе, многу од оние Американци што го гледаат гнилежот ја отфрлаат тезата за пад. Тие остануваат убедени дека густата мрежа на недржавни институции во земјата и силите во нејзината основа - вклучувајќи ги универзитетите, медиумите, претприемничкиот дух и технолошката вештина, како и глобалната надмоќ на доларот - ќе ја обезбедат еластичноста што на Америка ѝ е потребна за да го одржи приматот.

Но најбогатата земја во светот досега е далеку најлоша во борбата против пандемијата. Иако во САД живеат помалку од пет проценти од светското население, таму се потврдени околу 24% од вкупниот број жртви на ковид-19 и 32% од сите случаи на зараза.

Во низата настани што брзо се менуваа, кредибилитетот на Америка и глобалното лидерство се разнишани од прекумерните империјални амбиции (ирачката војна), ригидниот економски систем (глобална финансиска криза), политичката нефункционалност (Трамповото лидерство), а сега и со зачудувачката неспособност во решавањето на проблемот што го предизвика ковид-19. Сето ова заедно ѝ зададе катастрофален удар, иако тој сè уште не е фатален.

Многу од овие патологии произлегуваат од длабоката и отровна поларизација во американското општество. Навистина, Трамп сега ги повикува своите приврзаници на бунт. Кога ќе дојде ноември, може да биде игнориран дури и основниот демократски критериум за одржување слободни и фер избори.

Се разбира, би било алармантно и преурането да се посматраат американските далекосежни неуспеси во борбата против ковид-19 како закана за американската демократија или државност. Но цврстото држење до американската исклучителност во ваков момент изгледа како опасна заблуденост.

Конечно, тука е Кина. Од времето на Денг Сијаопинг, таа земја напредуваше благодарение на едноставниот премолчен договор: граѓаните политички мируваат, ги прифаќаат ограничувањата на слободите и на слободата, а државата - цврсто под контрола на Кинеската комунистичка партија - гарантира ред и растечки просперитет. Сепак, кризата со ковид-19 на два начини ја загрози оваа голема нагодба.

Прво, ужасното справување со пандемијата во почетокот, а особено катастрофалното заташкување на вистината за избивањето на ковид-19 во Вухан, ги доведоа во прашање легитимноста и компетентноста на режимот. На крајот на краиштата, општествениот договор изгледа помалку привлечен ако државата не може да ја гарантира основната благосостојба на граѓаните, вклучувајќи го и самиот живот. Вистинскиот број на жртвите од ковид-19 во Кина, кој е речиси сигурно поголем отколку што признаваат властите, на крајот ќе излезе на виделина. А исто така и големиот контраст во однос на примерната реакција на пандемијата во послободните општества на Тајван и Хонг Конг.

Второ, пандемијата може да доведе до надворешни притисоци врз трговијата, инвестициите и финансиите. Ако светот се деглобализира како резултат на ковид-19, другите земји скоро сигурно ќе настојуваат помалку да се потпираат на Кина, со што ќе ги намалат нејзините трговски можности. Слично на тоа, поголем број кинески компании нема да можат да инвестираат во странство, и не само од безбедносни причини - како што неодамна сигнализира Индија, на пример. А кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“ - нејзиниот одличен напор да ја зајакне меката моќ со градење трговска и комуникациска инфраструктура од Азија до Европа - е во опасност да се распадне, бидејќи нејзините посиромашни учеснички, разорени од пандемијата, почнуваат да доцнат со отплатите на кредитот.

Затоа, кризата поради ковид-19 веројатно ќе им нанесе штета на долгорочните економски перспективи на Кина. Почна сè пошироко распространето внатрешно негодување, иако тоа помалку се гледа однадвор. Домашни немири се малку веројатни, бидејќи претседателот Си Џинпинг може да ја засили репресијата дури уште понемилосрдно и поефективно од досега. Но сегашниот општествен договор сè повеќе ќе му делува како фаустовски на просечниот кинески граѓанин.

Управувањето со ресурсите е предуслов за моќ. Но, како што нè потсетува теоријата на меѓународните односи, потребни се одредена компактност и солидарност во рамките на границите за да се проектира моќта надвор од нив. Слабите, поделени општества, без оглед колку се богати, не можат да имаат стратегиско влијание или да обезбедат меѓународно лидерство - ниту пак општествата што престануваат да бидат модели вредни за имитирање.

Веќе некое време живееме во свет на Г-минус-2 на лошо лидерство на САД и на Кина. И едните и другите прават лоши дела, како трговски војни и поткопување на меѓународните институции, наместо јавно добро, како стабилност, отворени пазари и финансии. Со дополнителното слабеење на внатрешната компактност на водечките светски сили, кризата околу ковид-19 се заканува да ја влоши состојбата во еден свет што е без кормилар, нестабилен и склон кон судири. Чувството во врска со трите завршетоци во Европа, Америка и Кина е обременето со вакви мрачни геополитички можности.

Автор: Арвинд Субраманиан, виш соработник на Институтот за меѓународна економија Петерсон и гостин предавач на Школата за државна управа „Џон Ф. Кенеди“ на Харвард.

Извор: Проџект синдикат

Објавено

Петок, Мај 8, 2020 - 17:57

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе