Оргија пред крајот на светот

Со оглед на тоа што рускиот претседател Владимир Путин очајнички прави обид да ги ескалира заканите од нуклеарна војна, некои од Украинците одговорија со организирање на масовни секс забави.

Не дека тие значат запаѓање во расипаност и очај, туку со тоа тие ја потврдуваат моќта на љубовта над омразата и на цивилизацијата над варварството.

Со оглед на тоа што украинските сили успеваат да ја повратат својата територија и ги тераат деморализираните руски окупатори на повлекување, рускиот претседател Владимир Путин ја ескалираше својата закана за употреба на нуклеарно оружје. Политичарите упатија строги предупредувања до Кремљ, а аналитичарите го споредија сегашниот момент со ракетната криза на Куба во 1962 година и со други епизоди кои значеја постоење на висока тензија која можела да заврши со нуклеарно уништување.

Притоа, околу 15.000 Украинци се соочија со изгледите за целосно уништување на еден помалку апстрактен начин: тие, наводно, се пријавиле за масовна секс забава.

Од учесниците во „Оргија на Шчекавистца: Официјална“ која се организира надвор од Киев се очекува „да ги украсат рацете со ленти кои ја означуваат нивната сексуална преференца. Оние кои се заинтересирани за анален секс се замолени да нацртаат три ленти; оние кои се заинтересирани за орален секс се замолени да имаат четири ленти“. Слични вакви групи се појавија и на други места, вклучително и група која најавува оргија на улицата Дерибасивска во Одеса.

Зошто, по изминати осум месеци на руско бомбардирање и брутални борби, некој би бил заинтересиран за еден ваков настан? Според еден нетрпелив учесник: „Тоа е нешто што му се спротиставува на очајот. Дури и во најлошото сценарио, луѓето ќе се обидуваат да најдат нешто добро. Тоа е мега-оптимизмот на Украинците“.

Оваа изјава треба да ја прифатиме согласно актуелните случувања. Имено, во време на екстремна разочараност, оргијата може да биде проект кој го потврдува животот. Нема потреба од „подлабоко“ псевдофројдовско објаснување за тоа која колективната траума го забрзува распаѓањето на индивидуалните инхибиции и конвенционалните општествени норми. Вистински нецивилизирани сексуални чинови се оние што ги вршат руските војници и нивните водачи. Според Прамила Патен, специјален претставник на Обединетите нации за сексуално насилство, руски команданти им делат вијагра на своите војници. Сексуалните напади врз Украинките се „намерна тактика за дехуманизирање на жртвите“, изјави таа за агенцијата Франс Прес.

За жал, други надворешни набљудувачи ефективно се ставија на страната на Русија. На голема штета на мојата земја, Матјаж Гамс, инаку член на словенечкиот државен совет, реагираше на приказната за оргијата, укажувајќи дека кога цивилизацијата влегува во период на свое распаѓање, тогаш се појавуваат „чудни и морбидни идеи“. Но, што е почудно и поморбидно: дали станува збор за секс забава (во која сите активности се доброволни и со согласност), или за неселективни напади од страна на Русија врз цивилната инфраструктура и врз самите цивили (вклучувајќи ја и употребата на силување, на систематско ниво, како воена тактика)?

Најновите нуклеарни закани на Путин беа придружени со нелегална анексија на четири украински територии кои тој не ги контролира целосно, но за кои Кремљ инсистира дека се „неотуѓиви делови на Руската Федерација… Нивната безбедност е обезбедена на исто ниво како и остатокот од територијата на Русија“. Ова, секако, подразбира дека Украина веќе заслужува да биде нападната со нуклеарно оружје, бидејќи остварува придобивки во враќањето на териториите кои наводно спаѓаат под нуклеарниот чадор на Русија. Не е ни чудо што онлајн обложувалниците даваат можност за облог за тоа дека Русија ќе изврши нуклеарен напад оваа година, при што илјадници ставија пари на „да“.

Давајќи ѝ дополнителен кредибилитет на оваа закана, руските власти имаат наредено евакуација на Керсон, кој сега е речиси опколен од украинските сили. Целната порака се чини јасна: ако Украинците повторно го заземат градот, тие ќе бидат совршена цел за нуклеарна бомба. Во борбата против „сатанизмот“, како што Путин неодамна го нарече, дозволени се сите средства.

Но, подеднакво морбиден е и мирниот аргумент на Западот дека Европа треба да испрати голема делегација во Русија за да почне да преговара за условите за мир. Точно е дека треба да направиме сè што е можно за да спречиме избувнување на нова светска војна; но за да го постигнеме тоа, ние мораме да започнеме со реално вреднување на она во што се претвори Русија. Тоа значи напуштање на идејата за евроазиско единство и отфрлање на аргументот дека Европа треба да формира блок на моќ заедно со Русија за да се избегне да стане помалиот партнер на САД во нивниот конфликт со Кина. Во овој момент, Русија, а не Кина, е таа која претставува поголема закана за Европа.

Дополнително на ова, за да може Европа да ги продолжи преговорите со Русија, таа треба да изврши притисок врз Украина да прифати компромис. Токму тоа е она што го посакува Кремљ; тоа би го засилило аргументот на Путин дека Украина е само претставник на Западот, наместо вистинска земја со своја агенда.

Што треба да се направи? Бидејќи Русија очигледно не може да биде игнорирана, најдобрата опција е да се допре до оние во Русија (и во нејзините сателити) кои се противат на војната. Како што Славомир Сиераковски истакна неодамна, администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски има природен сојузник кај белоруската опозиција, која тивко прави сè што може за да ги исфрустрира руските воени напори. А сепак, досега сојуз се нема случено. Наместо тоа, украинските власти јавно покажаа презир кон Белорусите, прикажувајќи ги како „лигуши и конформисти“. Како што истакнува Сиераковски, ова не само што е неморално, туку е и „политички глупаво“.

Руските противници на војната се соочуваат со истата оваа неволја - тие се критикувани од естаблишментот на Путин како предавници и од самата Украина за тоа дека се Руси. На овој начин се замаглува значењето на украинската војна. Тоа не е борба помеѓу „европската вистина“ и „руската вистина“, како што тврдат идеологот на Путин, Александар Дугин, и некои Украинци. Украина е фронт во глобалната борба против новиот националистички фундаментализам кој земав замав насекаде, вклучително и во САД, Индија и Кина.

Ако некаде Украинците отстапиле трошка од својата морална височина, тоа се случува тука, преку неуспехот да се униерзализира нивната борба, а не во каква било дионизиска дисипација која се наоѓа надвор од Киев.

 

Славој Жижек

(Tекстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе