Општина Центар бега од транспарентност

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

Пролет 2020, целиот свет ја прифаќа новата нормалност и го менува начинот на функционирање и работа за да го заштити здравјето на луѓето. Работењето од дома е овозможено со дигитализацијата, учењето исто така, но и многу други процеси што досега не биле дигитализирани стануваат дел од отпорноста што системот ја воведува за да заштити човечки животи.

Владата носи одлуки за одржување на онлајн-седници и на совети на општини, и со тоа им овозможува да ги модернизираат и осовременат начините на функционирање, од размена на материјали, преглед на документација, донесување одлуки, па сѐ до поинаква вклученост на граѓаните на седниците. Иако прва почнува со онлајн-работење, а тоа е препознаено на различни нивоа, сепак е и прва што го напушта и се враќа на работење во сала за седници каде што условите за одржување на препорачаната дистанца се невозможни. Се работи не за зафрлена општина што нема технички можности, туку за Центар, за онаа што треба да биде најпрогресивната и пример за другите помали дека промени на подобро се можни и остварливи.

Во последнава декада довербата во демократските институции е значително намалена, и не само тука, туку низ целиот свет. Особено е намалена довербата во локалните власти низ цела Македонија, очигледно од актуелните теми со владеење на правото, решавање на дивоградбите, урбанистичките решенија, состојбите во училиштата, управување со отпадот и заштита на животната средина. Локалните избори се наредната година, а тие не треба да бидат мегдан за постигнувањата на меѓународната политичка сцена, членството во НАТО и приближувањето кон ЕУ. За обичниот човек довербата во демократијата и во институциите ќе се врати кога тој ќе биде слушнат и кога неговите локални проблеми ќе бидат решавани, а тој ќе почувствува дека квалитетот на живот му се менува на подобро.

На централно ниво Владата успева да наметне отворено, транспарентно и партиципативно владеење со објава на openfinance data, отворени податоци и е-услуги, со ЕНЕР-системот и со консултативни процеси при изработка на законски акти, локалната политика е тотално одвоена од јавноста и нејзината вклученост се смета за каприц. Неретко локалните политичари и избраници велат: „Граѓаните ни ја дале власта, сега ние одлучуваме во нивно име и нема зошто да ги вклучуваме“.

Светските истражувања велат дека во просек 64% од луѓето низ 34 земји не веруваат дека избраниците се грижат за мислењето на обичниот човек. Локалната демократија подразбира токму избраниците преку нивните одлуки да го вратат достоинството на обичниот човек и да одлучуваат примарно мислејќи на јавниот интерес и интересот на локалната заедница. Кризата на демократските вредности на локално ниво може да ја вратиме само со поголема и поактивна вклученост на граѓаните во консултативниот процес на носење одлуки. Иако се можни неуспеси (како познатата дебата „не сакаме зеленило - дајте ни станови за децата“), сепак останувам со вербата дека само вклученоста на стручната јавност и на граѓаните може да ги натера избраниците да ги разберат реалните потреби. Верувам дека силата на граѓаните е и да им даде ветер во едра на избраниците да се зафатат со теми што се политички сензитивни или за кои тие сами немаат храброст.

Септември 2020, седница на Совет на Центар. По втор пат се дискутираат измени на Деловникот за работа на Советот, но овој пат со изоставување на сите елементи за граѓанска партиципативност. Од што се плашат избраниците, за да ги отстранат сите претходните иницијативи за измени што содржеа двонасочна комуникација? Советот не прифати:

- јавни објави на предлог-одлуки пред нивно гласање на Совет, а со можност за стручно и граѓанско учество и споделена визија на избраниците, стручната јавност и граѓаните;

- јавна објава на записници, аудио и видео од седници, како и можност за пренос во живо;

- јавна објава на термини за одржување комисии на Совет за да се отвори можност за учество на стручни лица, институции, организации, заедници и здруженија, како и научни, стручни и јавни работници, со мислења по прашањата што се разгледуваат на седниците на Комисијата;

- дигитализација во работењето на Советот, за размена на податоци, документи и материјали за Советот и со воведување на целосна електронска комуникација - е-Совет, а за модернизирање, зголемена ефикасност, минимум употребата на хартија, оптимизирање на трошоците и позитивно влијание на животната средина.

Неприфаќањето на овие измени во Деловникот на Општина Центар, предводено од новата претседателка Симоноска, е доказ за моменталната демократска (не)зрелост и неразбирање на начелата за добро владеење со вклучување на граѓаните. Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од страна на граѓаните. Довербата ќе се мери следната година, но затскривањето и нетранспарентноста се очигледен пример за односот на локалната власт кон граѓанинот.

Јана Белчева Андреевска, советничка во Општина Центар

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе