Онлајн судења – неопходност или јалова идеја?

Дигитализацијата и онлајн судењата подразбира судовите, обвинителствата и другите надлежни органи, па и адвокатите да имаат инсталирано компјутерска и техничка опрема и кадар кој ќе знае тоа да го спроведе. Реалната состојба е далеку од вакво нешто.

Полека, но сигурно, добиваме слика за многуте ефекти што ги предизвика КОВИД-19 врз македонскиот кривично-правен систем. За ограничено време, преземени се различни и далекусежни мерки за прилагодување на новонастанатите околности. Судовите подолг временски период во 2020 година се затворија, и се решаваа само итни притворски случаи. Пандемијата ги намножи и онака големите проблеми во македонското правосудство, но уште не се создадени ниту законски, ниту технолошки услови да судовите направат големи чекори во 21 век, како што се дигитализацијата и спроведување на „онлајн судења“.

Мерки во правосудството за време на пандемијата

Мерките кои се воведоа заради спречување на ширењето на КОВИД-19, не ги заобиколија ниту судовите, обвинителствата, адвокатите и сите кои се инволвирани во правосудниот систем во државата. Со неизвесностите кои ги донесе вирусот, државата и надлежните органи, а и самите судови донесоа препораки и протоколи за начинот на работа во КОВИД услови, па во текот на вонредната состојба во 2020 год. се одржуваа само судењата кои се неопходни, итни и кои не трпат одлагања.

Тука можеме и треба да нагласиме дека некои од мерките како носење на маски во судската зграда, и мерење на температура на влезот во судската зграда, а кои се се уште на сила, беа потребни заради безбедност на граѓаните и вработените во судовите, низ кои дневно минуваат и по стотици луѓе.

Во 2020 година најчести беа судењата за кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од чл. 206 ст. 1 од Кривичниот Законик, бидејќи клучно беше поединци да се придржуваат на мерките за спречување на ширење на вирусот.

Почеток на онлајн судењата

Едната од мерките, ако може воопшто да се нарече мерка и која е крајно невообичаена дури и за вонредната состојба во која се наоѓавме еден период е и организирањето на онлајн судења со помош на електронските платформи. Следејќи ги мерките и препораките, во судот во Кавадарци во 2020 за прв пат беше одржано онлајн судење во кое беа преземени дејствија со помош на користење на електронски технички средства преку „Microsoft Teams“. Во јавноста се појавија многу полемики и се разви еден аргументативен дискурс во кој од страна на правничката фела наидовме на различни мислења во однос на издржаноста на ваквиот начин на судења.

Судот од Кавадарци во својот извештај објави дека оваа „онлајн“ главна расправа се одржала со цел брза имплементација на препораките за превенција на ширење на вирусот, во и помеѓу притворската популација. Судот обезбедил во целост фер и непристрасно судење со обезбедени сите гаранции за јавност во судењето, и на обвинетиот „онлајн“ му изрече казна затвор.

Се поставува прашањето, какви ли тоа можности за слободно изјаснување во однос на обвинителниот акт и делотворна одбрана на обвинетиот ги пружа овој начин на онлајн судење, кога обвинетиот физички не е присутен ниту пред судијата, туку пред притворскиот чувар, и многу далеку од очите на својот бранител/адвокат?! На кој начин би се одвивала доказната постапка, како би се изведувале материјалните докази, како би се поставувале директни прашања, вкрстени прашања и ред други прашања кои ја мачат јавноста.

Што ќе се случи доколку интернет конекцијата „падне“ или пак снема струја. Некои од обвинетите шеговито велат дека доколку судот постапува на овој начин, тогаш макар евентуалната санкција која би ја добиле доколку се виновни, како на пример казната затвор, би требала да биде издржана онлајн од нивна страна.

Само за илустрација, Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на Европската конвенција за човекови права во случај во кој обвинето лице било во судница, но бил изолиран во стаклена кабина. Според мислењето на судиите во Стразбур, тоа ја нарушувало можноста на обвинетиот да комуницира со својот бранител, па од таму и одземено му е правото да има практична и делотворна правна помош од адвокатот. Со тоа се нарушуваат темелите на кривичната постапка и се удира во сржта на правичноста на судењето затоа што била повредена еднаквоста на страните во постапката.

Темелните начела на Законот за кривична постапка

Дали постоечкиот Закон за кривична постапка, па и другите закони предвидуваат „онлајн судења“? Секако дека не, дури ни во вонредна состојба. Водењето на „онлајн судски постапки“ против лица кои го прекршиле „полицискиот час“ или сториле некое друго кривично дело, или пак граѓанска парница, организирани преку видео линкови, со цел заштита на граѓанинот, е автоматско процедурално кршење на законот. Постоечката законска рамка и процесните пречки автоматски го оневозможуваат водењето на онлајн судења. Значи, лицето на кое му се суди, не доаѓа во суд, туку му се суди преку видео линк, додека е тој дома, на некое друго место или во притворска единица на пример.

Во членовите 346 и 477 од Законот за кривичната постапка е изречно предвидено дека судењата се одржуваат во судската зграда, а по исклучок и во друга зграда која ќе биде претходно определена од страна на претседателот на судот, или по потреба на самото место каде е сторено кривичното дело. Законот предвидел дека обвинетото лице треба да биде присутно во судската зграда на судењето.

Во чл. 5 од ЗКП лицето обвинето за кривично дело има право на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд во контрадикторна постапка да може да ги оспорува обвиненијата против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана. Во чл. 6 од Европската конвенција за човекови права е предвидено дека секој обвинет има право на правична судска постапка, односно секој има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на фер судење и гарантирање на јавност во постапката.

Во Законот за кривична постапка е предвидено начелото на непосредност. Овој принцип подразбира дека лицето на кое му се суди исто така мора да биде присутно на судењето. Законот за кривична постапка предвидува исклучоци од ова правило само ако лицето на кое му се суди е во бегство или не е достапно на органите на прогонот. Меѓу овие исклучоци, не постои опасност од ширење на вирусот.

Друг принцип од кој се отстапува за време на „онлајн судењето“ е принципот на јавност на судењето. Јавноста на судењето им овозможува на граѓаните, меѓу другото, да бидат физички присутни во судницата за време на судењето, со цел да се запознаат со текот на кривичната или граѓанската постапката. За лице на кое му се суди, присуството на граѓаните значи дека однесувањето за време на судењето ќе биде под будното око на јавноста, што значително ги намалува можностите за какво било злоупотреба. На кој начин ќе се обезбеди директно присуство на јавноста во текот на постапката?!

Со оглед на тоа дека дури и лицето на кое му се суди не е директно присутно на судењето поради опасност од ширење на вирусот на пример, тешко дека на која било јавност ќе и биде дозволено да присуствува на судењето. Треба да се нагласи дека Законот за кривична постапка пропишува и случаи кога е можно да се отстапи од принципот на јавност, но дури и кај овие случаи не постои опасност од ширење на вирусот.

Оналјн судењата се лоша идеја

Дигитализацијата и онлајн судењата подразбира судовите, обвинителствата и другите надлежни органи, па и адвокатите да имаат инсталирано компјутерска и техничка опрема и кадар кој ќе знае тоа да го спроведе. Реалната состојба е далеку од вакво нешто. Состојбата во најголем дел од судовите во државата е на ниско ниво, односно истите не располагаат со доволно техничка опрема и немаат доволно познавања за користење на информатичка технологија за да можат да спроведат онлајн рочишта. Судиите се едногласни дека нема услови за спроведување на такво нешто.

Од друга страна, дел од судовите се на ставот дека за да се применат електронски средства треба да се запазат сите аспекти на правото на фер судење и да се обезбедат технички услови за нивна примена. Кај дел од судиите постојат дилеми поврзани со сослушувањето на сведок, странка или друг учесник во постапката кој нема услови за онлајн судење, како и за начинот на кој ќе се провери дали исказот на сведокот е личен или евентуално пак бил напишан од некој друг, дилеми во врска со доставувањето на писмените докази на увид на судот, начинот на закажување рочишта и слично.

Дел од претседателите на судовите сметаат дека постои делумна можност за судења по електронски пат, но не за сите предмети. Проблемот потекнува од недостатокот на процедура или акт кој би го регулирал начинот на примена на електронската комуникација во преземањето на судските дејствија, при што постои можност истото да биде оспорувано во жалбена постапка поради многу законски недоследности и недоречености. Министерот за правда во воведното обраќање на јавната расправа за предлог измените на Законот за парнична постапка рече дека со овие измени се отвора и законска можност за измени во законот во контекст на дигитализација на работењето на судовите.

Доколку овие измени се изгласаат истите нема да можат да се спроведат. Од проста причина што во судовите каде што и покрај тоа што законски судењата треба тонски да се снимаат, во 80% од судниците во државата тоа не се прави. Воведувањето на информатичка технологија во работењето на судовите не значи и поголема ефикасност и транспарентност на судските постапки, туку напротив, отежнување до пристапот до правдата на граѓаните и уште поголема недоверба во функционалност на системот. Рано е за ваков технолошки скок. Оналјн судењето не смее да биде суспензија на владеењето на правото!

Јасмин Калач

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе