Омнибус за актуелните политички состојби во државава

Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

ДИК ги усвои кандидатурите на трите кандидати за ПРСМ и од 1 април почнува (официјалната) кампања. Иако кандидатите се „независни“ (не биле партиски) и ги собраа потребните потписи од граѓаните, на извлекувањето на редоследот за изборното ливче беа штабски  (партиски) функционери.

 

 

На големо се најавува „ТВ-дуел“ на една тв станица со национална концесија на г-динот З. Заев и г-динот Х. Мицковски. Не забележав дали г-динот Заев ке настапи како премиер или како лидер на партија. Дали овој „дуел“ е во функција на претседателските избори, „редовен“ или во функција на идните парламентарни избори (кога и да се одржат)? Зошто токму сега? Иако знам дека е залудно, сепак апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат“ на кандидатите. Доволно се зрели и искусни, дури многу повеќе од (партиските) штабвови што партиите ги одредиле.

 

Разбирливо е дека кога партиите застанале зад некој кандидат дека и ќе ја дадат и својата поддршка (кој исто така се согласил да биде номиниран (и) од таа партија). Но, лично би посакувал партиите таа „поддршка“ да не ја (зло-) употребат во своја сметка. Нека ги остават кандидатите да се натпреваруваат со своите квалитети, знаење и визија за иден претседател на РС Македонија. Претседател на сите граѓани. Не се сомневам дека евентуалната победа на „нивниот“ кандидат ќе си ја припишат на својата партија, а поразот лесно ќе го префрлат на сметка на кандидатот. Да почнеме и тука да воведуваме малку (политичка) пристојност и ферплеј.

 

Сите партии и нивните поддржувачи повикуваат и се колнат на „фер и демократски избори“. Ова, после 30 години од воведувањето на повеќепартиски демократски политички систем е срамно!!!  Уште колку години ни се потребни да станеме нормално и зрело опшество?

 

Веќе со месеци сме „бомбардирани“ (особено од страна на актуелната власт) со најави и заложби за помирување. Ако сме/се сериозни, прво што треба да го направат двете најголеми партии, а во интерес на „помирувањето“,  е да ги смират (сменат) своите партиски портпароли. Граѓаните тоа го слушаат, а тоа што го слушаат е на работ на конфликт. Па, за какво помирување зборуваме? Во Собранието или во државата?

 

Дали е резултат на внатрешни размислувања (и одлука) или, пак, вообичаена „утка“, но лично сметам дека официјалната најава за претстојната посета на папата Франциско на РСМ која беше направена од државен секретар во МНР е само показател колку сме способни за импровизации и отсутност на чувство за важноста на (барем) протоколот.

 

Непотизмот продолжува да биде топ-тема во електронските медиуми. Секој ден слушаме дека антикорупциска ги разгледува случаите (со звучни имиња). Непотизмот е по дефиниција поим кој ги опфаќа (само) блиските (законски определени) роднини. Слушаме дека разгледувале дали биле исполнети условите кај кандидатите, дали ги исполнуваат критериумите... и тоа често за места, во државни институции, кои и не се толку круцијални.

 

А што правиме со наградувањата кои не се непотистички (партиски; лични; кумски; бизнис врски;.....).   А такви има многу повеќе и на многу позначајни позиции. На пример, при предлагање, избирање и поставување на амбасадори (кои ја претставуваат државата во странски држави) нема ниту критериуми, ниту огласи. Сѐ е во рацете на министерот за надворешни работи и (партијата), државниот секретар (50-50%) и нивното договарање со ПРМ. Уште поиндикативно е што министерот и државниот секретар испраќаат дипломати на 6- месечна мисија во ДКП-та, без најава, без оглас (конкурс) или какви било критериуми. А такви има изминатите 1-2 години многу. Притоа, тие се вршители на должност, односно неформални амбасадори. Дали антикорупциска ќе ги земе во вид и овие (не-непотистички) појави, или ќе го чекаме новото министерство за политички систем. Притоа и (од незнаење?) ја кршиме Виенската конвенција за дипломатски односи, бидејќи испраќање на вршител на должност од државата подразбира претходно барање агреман (согласност) од државата на приемот. Тоа МНР не го прави. Покрај веројатното незнаење, влијание има и тоа што кандидатот се определува и известува на неколку дена пред да (мора да) замине во ДКП-то.

 

Разбрав дека кога на седница на Владата се дебатирало за првиот круг на амбасадори договорени од страна на МНР и ПРМ, некои министри имале забелешки. Наводно МНР во негов стил (и „филм“) реагирал: „Не ми се мешајте во мојот ресор, јас не се мешам во вашиот!“. И на тоа завршило. Како „искусен дипломат“ (од 1996) веројатно МНР треба да знае дека амбасадорите не се само продолжена рака (и личен избор) на МНР, туку ја претставуваат целата држава. Дали уште тогаш првиот министер (како што подоцна изјави) се повлече од надворешната политика?

 

Доколку антикорупциска и ги земе во разгледување овие појави, верувам дека ќе заклучи дека „сѐ е согласно Уставот и законите“. А во МНР и после две години на новата власт ниту еден акт не е сменет. А имаше толку критики и најави за оправање на „урнисаното МНР“. 

 

Пред 1,5 години, меѓу друго, во МНР беше формирана комисија која ќе ги испитува неправилностите (злоупотребите) при купувањето на објекти за ДКП-а во странство. Кога бев информиран за формирањето на таа комисија, мојата прва реакција беше - а зошто само од 2006 година?. Но, „тројката“ од МНР остана на „од 2006“. Подоцна во Владата беше одржана и (амбициозна) прес-конференција со наодите/индициите. И потоа молк. Деновиве ретко кој објави за ревизорскиот извештај за МНР (објавен во март 2019). На сајтот на Државниот завод за ревизија го прочитав извештајот за 2017. Уште на самиот вовед се искажува „неповолно мислење во однос на вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи“.

 

Синдикатот во МНР беше многу присутен во медиумите во времето на поранешниот „режим“. Главно се занимаваше со внатрешните состојби во државата. Дали некој слушнал за став или реакција на синдикатот од кога е сменета власта?    

 

МНР заслужува (и ќе има) посебна и објективна елаборација. И во овој омнибус имаше повеќе од потребно реферирање на МНР. Сепак, сѐ уште сме во процес на „отворањето на вратите на НАТО и ЕУ“, а МНР би требало тука да ја има една од поважните улоги, барем како координатор.

 

Се обидував во МНР да го добијам списокот на сите амбасадори од осамостојуванјето. Не постои! Се обратив и писмено до кабинетот на ПР(С)М каде се водат указите за амбасадори, и еве еден месец не добив никаков одговор. На сајтовите на Советот на амбасадори на Албанија постои список на нивните амбасадори од 1912 година. Кај нас тоа изгледа се третира како доверлива информација или вообичаена негрижа.

 

За крај, само ќе споменам три изјави на двајца челници на МНР (а тие ќе се препознаат): А. „Значи ова е шок - собата!“ (м.з. каде седат амбасадорите), и Б. „Да не кажам дека си дрзок, ми го уриваш угледот!“ В. „И јас сум седел со години без работа, сега и тие нека седат без работа“.

 

Ептен „европски“, ептен „реформски“, ептен „професионално“, но ептен мизерно!

П.С. Иако секоја точка може и (ќе) треба детално да се елаборира, се одлучив за омнибус              (многу прашања опфатени заедно).  

Александар Тавчиовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе