Омаж за Петре М. Андреевски

Традиционалните вредности на народната култура на Македонија, Андреевски ги препозна, ги доживеа и вешто ги вгради во својата поезија, која е општоприфатена лектира за сите македонски генерации.

Многу поети настојуваат да проникнат во тајната на народната песна, но не им успева, бидејќи тие го проучуваат или го имитираат само духот на песната, а не и душата на народот. Името на правецот на големото движење го дава тој што тргнал од изворот.

Во своето богато творештво, Петре М.Андреевски (Слоештица,1934 – 2006, Скопје) на обичниот збор му даде  длабока содржина, дух  и смисла. Неговите лирски дела на најубав можен начин ја доразвија започнатата поетска патека на славните претхoдници: Константин Миладинов, Григор Прличев, Кочо Рацин, Ацо Шопов и Блаже Конески. Врз оваа книжевна пирамида ја препознаваме длабоката смисла на поезијата, нејзината вкоренетост во македонската почва, но и нејзината разгранетост со силните уметнички пораки.

Преку природно наследената богата лексика и од бога дадената дарба, Андреевски се вреднува во списокот на темелниците и големи сподвижници на современата македонска литература. Неговото дело доживеа трансформации, но остана препознатливо, со далекосежни пораки до генерациите и до следбениците. Кај него фолклорната почва преку богатата лексика стана основа врз која се заснова и се обликуваа прифатливата слика за времето и за просторот. Врз тие традиционални форми тој ја создаде својата лирска експресија, која звучи модерно, современо, прифатливо, читливо, певливо. Тоа е литература на зналец, чија стаменита основа е во допир со животната реалност: со љубовта и смртта, со човечките трауми, болки и дилеми, но и со националниот вознес. Според Слободан Мицковиќ, еден од најдобрите познавачи на неговото дело, Петре М. Андреевски се ориентира кон „создавање на еден нов свет, кој за него беше најприроден. Лапидарноста, со која го искажуваше своето видување на тој свет: музичкиот слој на јазичната градба, широчината на асоцијациите кои избиваа од едно такво кажување, веднаш се наложија како еден изграден систем на поетски говор кој своите достоинства ги имаше во самата природа на поетот. „Како поет со суптилна нарација е преокупиран со темата за човековото опстојување. Таа своја лирска постапка ја остварува со длабоко осмислен и кристален исказ, со чувство за јасна и силна поетска порака.“

Поезијата на Петре М. Андреевски зрачи со својата длабока изворност и со своите силни пораки, а поемата „Дениција“ ја има предводничката улога во македонската љубовна лирика. Преку пораките на ова култно дело, авторот ја обнароди високата уметничка свест за македонската поетска реч. Таа автохтоност и оригиналност го вградија поетот во редот на антологиските македонски литературни имиња. Всушност, „Дениција“ е и жена и земја, и еротски копнеж. Но, според Миодраг Друговац, таа е и „капка вода меѓу две суви непца“ и „грутка снег“ и „сончев прстен“ и „нескротливо животно“ и „милозливо невреме“. Така пееше Петре М. Андреевски за Дениција, за тој свој „жесток пијалак што се разнесува по куќите“, за таа „најголема тајна на државната безбедност“.

Преку „Дениција“, како да се врши радикална обнова на љубовната поезија кај нас, ќе напише Гане Тодоровски, зашто, низ одделните пеења, ние присуствуваме на една огнометна свеченост од секавични, блескави, бликотни и божилачни метафорични спрегови што ги засенуваат очите... Во македонската поезија, народна и уметничка, за љубовта се испеани бројни песни, но, се чини, првпат целосниот успех му припадна на Петре М. Андреевски. Заради очебијниот автентичен пристап, заради емоционалната проникливост на неговата поема, заради богатиот метафоричен израз, заради сензитивната еротска реч, заради творечката почва врз која никнала. Љубовта овде е двигател, акција, сознание, радост, страдње, смрт. Стихот за неа носи мирис на наш збор, непристорен, темпераментен. Љубовта е овде и казна и неизвесност и очекување и понижување и конфликт и трагика и излет и полет и навик и говор на крвта, констатира Тодоровски, големиот познавач на македонската литература, но и голем афирматор и подржувач на делото на Петре М. Андреевски од неговите почетоци во шеесеттите година на минатото столетие.

Со своето богато поетско, раскажувачко, романескно и драмско творештво, Петре М.Андреевски силно влијаеше врз профилирањето на вкусот на читателите во Република Македонија. Поемата „Дениција“ и романот „Пиреј“ доживеаја бројни изданија и станаа мерник за современите литературни вредности кај нас. Во делото на овој автор ние ја доживуваме изворнста и убавината на македонскиот јазик, зашто тој на обичниот збор му даде длабока содржина, дух и смисла и на читателите и следбениците им завешта пораки во кои се препознаваат традиционалните вредности на литературата, преточени во современ и модерен израз. Поетиката ја учеше од македонската народна уметност и ја преобликуваше во магичен ритам и стил, со модерен и блескав сјај. Како творец од висок ранг ја имаше моќта да ја осознае силата на народниот говор и на јазикот да му даде една широка плавност и димензија. Таа полнота на содржински и естетски план читателите најдобро ја почувствуваа. Оттука и констатацијата дека неговото литературно дело живее и пленува со својот естетски сјај.

Поезијата на Петре М.Андреевски, исто како и поезијата на Гане Тодоровски, ја рецитираат учениците, студентите, професорите.Таа е омилена и за пејачите и композиротите со истанчен вкус. Врз негови стихови  се компонирани песни со силни љубовни и татковински пораки. Честопати го цитираат обичните луѓе, но најчесто го цитираат политичарите и историчарите, особено кога сакаат со гордост да кажат дека „ние, Македонците сме како пирејот“.

Традиционалните вредности на народната култура на Македонија, Андреевски ги препозна, ги доживеа и вешто ги вгради во својата поезија, која е општоприфатена лектира за сите македонски генерации. Многу поети настојуваат да проникнат во тајната на народната песна, но не им успева, бидејќи тие го проучуваат или го имитираат само духот на песната, а не и душата на народот. Името на правецот на големото движење го дава тој што тргнал од изворот. Исто како и големиот унгарски поет Шандор Петефи и Петре М. Андреевски ја прифаќа народната песна како гесло во животот, но и како појдовна точка во обликувањето на својата поезија, која стана синоним за возвишените литературни чувства, идеали и човечки побуди. Тој и кога пее за љубовта, за Татковината и за радоста од живеењето, пее како никој пред него да не пеел.

      Раде Силјан

 

 

 

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе