Омаж за Матеја Матевски

Во името на Матеја Матевски современата македонска литература, во втората половина на дваесеттиот век и во првите децении на овој милениум го имаше најкомплетниот нејзин презент во областа на поезијата, во препевот и во литературната критика и есеистика.

Матеја Матевски (Истанбул, 1929 – 2018, Скопје) спаѓаше во редот на челниците на современата македонска литература. Во изминатите шест децении на богата и континуирана творечка активност тој создаде дела кои го легитимираат како стаменит творец, кој во нашиот духовен простор установи високи естетски стандарди. Автор е на 24 стихозбирки, на седум книги со критики и есеи, на четири капитални антологии од шпанската, каталонската и галициската поезија, а како пасиониран преведувач на македонски јазик има преведено над 60 одделни книги од: шпански, француски, словенечки, албански, италијански, српски и други јазици. Неговата поезија е застапена во македонски и европски антологиски избори и е наградувана со престижни домашни и меѓународни признанија. Во 2011 година беше добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Матеја Матевски ѝ припаѓа на генерацијата писатели, која во педесеттите години од минатото столетие на планот на уметничкиот исказ внесе мноштво иновативни елементи, нови мотивски пунктови и определби, застапувајќи се за високи естетски стандарди и за јасни погледи во уметноста. Неговиот поетски опус, според својата естетска носивост и според својата тематско-мотивска определба, спаѓа во редот на најзначајните и најоригиналните остварувања во современата македонска литература. Како поет со суптилна нарација тој беше преокупиран со темата за човековото опстојување. Таа своја лирска постапка ја остварува со длабоко осмислен и кристален исказ, со чувство за јасна и силна поетска порака.

Уште од првите стихови објавени во периодиката во 1952 година, а особено со култната поетска книга „Дождови“ (1956) ги навести и постепено со текот на годините ја разви основната поетска идеја, која доживеа кулминација во последните негови поетски книги: „Нирвана“ (2010) и „Згура, Одење по водата, Саќе“ (2012 година).

Поетскиот свет на Матеја Матевски е свет на изменети, исчезнати, изгубени глетки и сензации на помнежот. Преку асоцијации, навраќања, возбуди од некои запаметени мигови од детството и младоста, тој во стиховите објавени во првата деценија на XXI век, сето тоа го доживува со длабока мисловна проекција, проследена со рационална мисла и со едно лирско молско чувство на смирени медитации.

Кога говориме за личноста и делото на Матеја Матевски, посебно треба да се обележи неговиот континуиран ангажман и во литературната критика и есеистика. Всушност, тој беше критичар со изграден систем на вредности, со темелна и широка литературна подготовка, со препознатлив литературен ракопис. Како доследен проследувач на литературата, беше приврзан кон делата на одредена група добри автори. Во неговите критичко-есеистички текстови до израз доаѓа нагласеното задоволство од остварувањата на колегите, но и повеќестраната информираност и творечка разгранетост во доменот на уметноста. Неговиот пристап во толкувањето на книгите е позитивистички, со прецизни анализи и согледби. Како критичар, не се поведуваше според потребите на денот, не се впушташе во голо информативно одбележување на книжевните дела, туку, напротив, настојуваше и во тоа свое настојување успешно и доследно се реализира како превосходен толкувач и афирматор на неодминливите литературни појави и вредности во Македонија.

Критичко-есеистичките текстови на овој автор одбележуваат возбудлив процес, исполнет со многу творечка енергија и смисла за афирмација на новите имиња и тенденции. Тоа е особено видливо во инструктивните прилози посветени на делата на претставниците на генерацијата што се појави во седумдесеттите години од минатиот век. Беше еден од ретките македонски писатели, кој навремено и со творечки сенс ги поддржуваше, ги оценуваше и ги афирмираше новите тенденции и вредности во современата македонска литература. Врз јасно изграден и доследно остварен пристап на критичарски анализи, оваа негова проекција, на литературните идеи и светови им дава статус на постојан предизвик. Вистинското значење и делотворноста на таквата постапка се огледува во фактот што за основен мерник за фокусирање на литературната материја, ги имаше предвид, пред сѐ, неодминливите тематски и естетски рамништа. Со ваквата постапка во толкувањето на книжевните дела, богатата критичарска актива на Матеја Матевски добива легитимитет на една неодминлива компонента на согледби и експликации во создавањето на автентична слика за развојните текови на македонската литература. Дотолку повеќе што таа компонента е градена низ процес на повеќедецениско активно проследување на литературните појави. Без сомнение, овој податок говори за драгоценото искуство и за потврдената компетентност на авторот, кој зад себе остави богат корпус на студии, критики, есеи, записи, беседи и прикази за врвни македонски и светски литературни имиња.

Посебно треба да се издвои и неговата пасионираност во поглед на преведувањето на дела од значајни светски автори. На македонски јазик преведе капитални творби од Фредерико Гарсија Лорка, Пабло Неруда, Рафаел Алберти, Хуан Рамон Хименес, Хусто Хорхе Падрон, Октавио Пас, Хуан Октавио Пренс, Андре Френо, Франце Прешерн, Иван Минати, Цирил Злобец, Тоне Павчек, Дане Зајц, Алојз Градник, Дритеро Аголи, Хусеин Тахмишчиќ и други.

Матеја Матевски спаѓа во редот на ретките македонски писатели, кои изворно ги проследуваа делата на многу светски познати автори. Благодарение на неговиот систематски пристап и повеќестраната информираност, ги подготви и ги објави антологиите: „Шпанската поезија на ХХ век“ (1998), „Десет века на шпанската поезија“ (2004), „Галициска поезија“ (1999) и „Каталонска поезија“ (2005 година), преку кои македонскиот читател имаше можност да се запознае со богатството на овие литератури.

Во името на Матеја Матевски современата македонска литература, во втората половина на дваесеттиот век и во првите децении на овој милениум го имаше најкомплетниот нејзин презент во областа на поезијата, во препевот и во литературната критика и есеистика.

 

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе