Колумна

Омаж за Горан Стефановски

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

Горан Стефановски во доменот на својата определба, а тоа е драмата, претставува предводник во современите текови на македонската литература. Неговиот влог во овој поглед има посебно значење и претставува пример за творечка доследност и автономност. 
Современата македонска драма во втората половина на минатиот век и во првите децении на ова столетие ги доживеа своите ѕвездени мигови во делата на авторите од помладата генерација. Секогаш навраќајќи се на извориштето на традицијата, овие писатели со силината на својот талент и со интелектуалната подготовка, внесоа вистинска свежина и нови импулси во нашата книжевност. Во овој круг на имиња челно место зазема Горан Стефановски (Битoла,1952-2018, Кентербери) чии дела придонесоа македонската драма да се афирмира и во развиените јазични средини. Неговата доминација во пошироки рамки беше присутна скоро пет децении. 
Следејќи ги европските трендови во драмата и театарот, притоа вешто вградувајќи ги на наша почва модерните струења во оваа уметност, Горан Стефановски го воздигна нашето творештво на рамниште на висок уметнички пиедестал. Во забрзаниот процес на освојување нови тематски подрачја, преку сценско видување  на делата на овој автор, се афирмираа и неколку режисерски имиња, кои придонесоа за афирмацијата и на повеќе значајни актерски имиња од Македонија.
Горан Стефановски уште на стартот на својата книжевна кариера најави дека не постојат мали јазични средини, туку, напротив, дека за делата што општат на универзални релации границите се ширум отворени. Во македонската литература понуди модел на своевидна драма. Јазикот во неговите драми е рационален, близок на ова време, чудесно приемчив.
Горан Стефановски поседуваше харизма на творец на кого сите му веруваа: и критичарите и режисерите, но најмногу му веруваа и се радуваа бројните посетители на неговите претстави во Македонија, во поранешните  југословенски центри и во многу европски метрополи, каде што тие во континуитет се изведуваа. Како народен мудрец создаде уникатни творби, во кои на највпечатлив начин се препознава националниот бит, но во исто време според креативноста и реализираноста, националната слика тој ја пренесе со универзални пораки.
Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература. Творештвото на овој автор извира од мудроста на народот, ја отсликува реалноста на нашето живеење и низ преплетот на мноштвото теми ја бара смислата на историските премрежиња, видени низ еден современ, модерен драмски ракурс. Всушност, традицијата на богатата драмска литература во името на Стефановски ја доживуваме како кристално јасно резиме на историските текови, започнати од основоположникот на македонската драма, Војдан Черндоримски, преку претставниците на битовата и современа драма: Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Коле Чашуле и Томе Арсовски. Тој беше следбеник на историските драмски текови, но беше и голем учител на бројни македонски автори, кои ја следат неговата книжевна врвица. 
Горан Стефановски и припаѓа на генерација македонски писатели, која првите творечки објави ги имаше во седумдесеттите години на минатото столетие. Во оваа бројна и, без сомнение, исклучително плодна генерација се профилираа повеќе имиња, кои денес се вбројуваат во редот на значајните творци на нашата литература. Повеќето негови врсници, кои критиката ги квалификува како твореци родени во слобода, главно се реализираа како поети и раскажувачи. Тоа се писатели кои своите интерсирања ги насочија и кон литературната критика, публицистиката и преведувачката дејност. Горан Стефановски во доменот на својата определба, а тоа е драмата, претставува предводник во современите текови на македонската литература. Неговиот влог во овој поглед има посебно значење и претставува пример за творечка доследност и автономност. 
Многумина ќе речат дека драмата е занает, како и секој друг занает. Но, во занаетот се препознаваат и издвојуваат само големите и вистински мајстори. А, Горан Стефановски беше голем мајстор на зборот, духовит и луциден. Со еден збор тој беше книжевен волшебник, чие дело  ги поврзува нишките на македонската драмска литература. Неговото богато драмско творештво, со сиот свој тематски и естетски сјај се вградува во најзначајните творечки остварувања на македонската литература и без сомнение, претставува пример за национална препознатливост, со богата и широка рецепција.
 
Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

ДУИ е дел од влада која, дел поради пандемијата, а дел поради непостоење на политичка волја за реформирање на системот и искоренување на корупцијата и организираниот криминал создаде назадоволство кај граѓаните.

повеќе

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе