Одложување на изборите е можно само со пад на Владата на Заев

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

Но, колку повеќе членството во НАТО се пролонгира поради „техникалии“, станува сѐ појасно дека зад нив има многу други причини. На пример дека никому баш и не му се брза токму Заев и неговата Влада да бидат предизборно „брендирани“ како „внесувачи на Македонија во НАТО“.

Впрочем, на месеципол до техничката... моментално од Влада има само зграда на „Илинденска“. Меѓукоалициските односи се нефункционални и пред, а особено по неуспехот на политиката „име за датум за преговори“ – и пред и зад камерите, од локалната самоуправа до владините институции. И партнерите на Заев од неговата коалиција се далеку помолчаливи кон СДСМ и попретпазливи кон ВМРО-ДПМНЕ. Особено откако стана јасно дека новиот изборен модел го саботира самиот Заев кој, наместо на почеток од мандатот, дури сега „би го менувал ама не му даваат“. И ги држи партнерите до него, потонувајќи ги со себе.

Операцијата „коалиција на вмровски реформатори“ со СДСМ исто така е без ефект. Причина за тоа е процесот на новото раководство за реално позиционирање на Груевски во ВМРО-ДПМНЕ и во државата. Како екс-лидер, а не почесен претседател на партијата и како екс-премиер за чии политики ВМРО-ДПМНЕ плати цена во 2016 и веќе не му е политички параван за спречување пресуди дали го прекршил законот. Ниту нему ниту на неговите соработници, кои преку ден се соочуваат со законот, а попладне се тивки политички и бизнис партнери со Заев(и). Оттука и...

Обидот за одложување на предвремените избори е во тек?!

Раниот старт на изборната кампања ја „тенчи“ реториката на мега-партиите, а пред сѐ на власта. Но, клучен проблем на владејачката пропаганда е токму суштинското и осетно дистанцирање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од Груевски, чии судски предмети ги застарува „независното“ судство на неговиот „неформален партнер“ Заев. Како што тоа за Бучковски го правеше Груевски, а пред него за Георгиевски го правеше Бучковски... Тоа ја руши замислата на кампањата на власта Мицкоски и секој негов партнер да се претстават како „дериват на груевизмот“.

Кредибилноста на опозицијата се повеќе се потврдува од фактот што бројни ликови и движења стоиме зад истите принципи против систем-политичките олицетворенија на корупцијата и приватизацијата на државата како до 2016 така и во 2019/20. Токму затоа што дистанцирањето на Мицкоски од груевизмот, кој по тип на размислување и метод на дејствување тогаш е исто што и заевизмот денес - бара внимание, солидарност, но и општо политичко разбирање од повеќе аспекти.

За Мицкоски лично, како лидер на партијата – за отворање на патот за поддршка и легитимитет дома, но и кај странците. За неговата партија – за ослободување од материјално-кадровските хипотеки како основа да бара доверба на избори.

Но особено за системот и партиите воопшто. Бидејќи до и од 2016 соодветно, нивните финансиери и нво-медиа фабрикати се инструментите за парализата на институциите кои го блокираа владеењето на правото и доведоа до парто-клан-фамилијарно „заробена држава“. 2020 така, може да стане пресвртна точка во нормализирањето на политиката и институциите низ декартелизацијата на партиите.

А и за меѓународните фактори, колку тие и да се поделени денес, бидејќи децениски го толерираа кадровско-капиталното корумпирање на партиите во Македонија и ги направи канцерогени клетки на државната метастаза. И, низ покажувањето разбирање за овој процес немешајќи се во кампањата, можат да вратат дел од кредибилитетот во очите на нашето општество, но и регионот во целост.

Одрекувањето од „системашите“ е еден од главните опозициски влогови

Вознемиреноста од промената на власта денес не е толку во самата партија, колку кај (бизнис) орбитерите на СДСМ, „граѓанистите“ и „експертите“ по професија и „партиите“ поврзани со власта со едно или друго име, во име на вечните линкови кои потекнуваат од (пред)транзициската парто-медиа-нво-службењачка елита. За нив преживувањето наСДСМ на власт во 2020 е последна шанса да се одржат во јавен фокус, сопривилегии и влијание. За да кажуваат зошто било која реформа не може да успее или да ја саботираат од внатре штом ги засегне нивните спонзори. И со тоа го чуваат системот што го менува дресот, но не и тимот уште од 1989-90.

Најголема заслуга за идентификувањето на овие „системаши“ има – политиката на Заев. Таа изнесе на чистина бројни екс-функционери, политичари, професори и аналитичари кои некритички стоеја зад секој негов проект и ги жртвуваа своите дела и (имиџ на) кариери (граден низ контролираните медиуми). И, по падот на политиката „име за датум за преговори“ покажа колку тие се временски надминати, a по промената на власта, само ќе им се дознае цената.

Парадоксално, низ нив ќе се идентификуваат нивните остатоци и во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие ќе се заговорници на идејата пак да се позајмат на реверс „системашите“ на привремена работа во коалицијата на СДСМ 2016. А веројатно и сите што сакаа од внатре да ја навлечат опозицијата на предвремени избори без сериозна техничка влада.

Предизвикот за Мицкоски е потврдувањето на премиерскиот „штоф“ со програмските понуди и особено со тимот со кој ќе се опкружи за две поврзани задачи: прво за да се консолидира државата, па за суштински да заврши македонската транзиција. До изборите, низ составот на своите соработници, во изборите низ кандидатските листи и сојузите што ќе ги создава, а по изборите – во владата.

Разбирањето и промовирањето на ваквиот концепт всушност денес е најохрабрувачка порака што опозицијата може да ја испрати до (се по)демотивираните гласачи, кои и онака ги имаат детектирано политичарите во кои можат да имаат доверба. Во следниот период, затоа, опозицискиот раст ќе зависи само од опозицијата.

А за одложување на изборите од 12 април 2020, согласно претходно наведеното, може да стане збор само доколку постојното мнозинство престане да постои и ново мнозинство избере нова (форма на политичка) влада. Без Заев на чело. Секое барање за поинаква „конструктивност“ за која би се залагале бриселските стабилократи би било нивно директно мешање за лична поддршка на Заев што дополнително ќе ги урниса. И нив и Заев.

Ивон Величковски,

                                                      иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе